Ете конечно нешто заедничко меѓу мене и Никола Груевски –двајцата посакуваме крај на кризата. Само што крајот поинаку го гледаме.
Груевски бара поддршка од гласачите на претстојните избори, поставувајќи се себеси и партијата што ја раководи како гарант за завршување на политичката криза. Како може некој, во чие владеење е продуцирана најголемата политичка криза во земјата, истовремено да биде и гарант за излегувањето од неа? Никако, се разбира! Освен, ако не поседувате извртена логика, онаа која работите ги гледа во огледало.
Според оваа логика, единствени виновници за кризата се опозицијата, граѓанскиот сектор (симболизиран преку Сорос) и, се разбира, Специјалното јавно обвинителство, кои, сите заедно, го нарушуваат идиличното работење на врхушката на власт, со некакви мистични цели. Јасно, тука се и бројните внатрешни и надворешни непријатели, кои, ете, преку дестабилизацијата на партијата (поточно на партиските функционери) се обидуваат да ја дестабилизираат државата, бидејќи државата и партијата се, нели, едно-исто.
Ако оваа опозиција која, како што нѐ убедува Груевски, не само што не напредувала во изминатата деценија туку, напротив, назадувала, успева да продуцира вакви кризи, тогаш е време ВМРО-ДПМНЕ да преземе вистинска државничка одговорност и да помине во опозиција за да ја стабилизира земјата
Е, сега, бидејќи Груевски веќе има значително мнозинство во Собранието, а сепак нема контрола на ситуацијата, односно државата е во криза, зошто мисли дека со повторна победа би имал контрола, односно би ја извлекол земјата од кризата? Не мисли. Мисли дека треба да има апсолутно мнозинство (63 пратеника), за да може мирно и непречено да владее. И повторно греши (ако воопшто искрено размислува за политичката криза). Во таа смисла, многу поефикасно е да воведе еднопартиски систем, па така ќе има најстабилна можна влада. И онака одамна функционира проектот: една партија – една држава!
Лицитирањето со мандати што треба да се добијат на следните избори не е нешто невообичаено за ВМРО-ДПМНЕ и за неговиот лидер. За нив квантитетот бил секогаш поважен од квалитетот, формата од содржината. Поточно, повеќе станува збор за форма испразнета од секаква содржина, нешто како кафе без кофеин, пиво без алкохол, цигари без никотин…
Имено, со оглед на испразнетиот квалитет на сегашниот пратенички состав на владејачката партија, тогаш барем да се оди на бројка. Квантитет во сите општествени сфери. Така, на пример, ќе се процени дека на митингот на кој говореше Груевски присуствувале 40.000 луѓе, иако салата во која се одржа има капацитет од 6.000 посетители. А може и вака: младите фудбалери постигнаа историски успех со пласманот на Европското првенство, благодарејќи на политиките на Владата, која изгради сто тениски игралишта… Па се градат стокатници од 40 ката, па се отвораат илјадници работни места, каде што се вработуваат десетина луѓе, па… Форма ослободена од каква било содржина.
Значи, според моето скромно мислење, барем кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање, апсолутното мнозинство значи и апсолутна криза во државата. Оваа теза, конечно, може и математички да се провери: колку помалку пратеници имало ВМРО-ДПМНЕ, толку помала била кризата во земјата. Од друга страна, еден сериозен изборен пораз на партијата на власт може да ја потврди токму тезата на Груевски дека опозицијата е виновна за сѐ.
Ако оваа опозиција која, како што нѐ убедува Груевски, не само што не напредувала во изминатата деценија туку, напротив, назадувала, успева да продуцира вакви кризи, тогаш е време ВМРО-ДПМНЕ да преземе вистинска државничка одговорност и да помине во опозиција за да ја стабилизира земјата. Опозицијата нека ја земе власта (и онака власта не одговара за ништо), па нека види како се работи кога си во опозиција.
Како и да е, Груевски ги соопшти своите пораки од вообичаеното место, од контра-митингот. Одамна се навикнавме на овој тип контрирања на власта. Од контра-митинзи до контра-опозиција. Гледајќи ги овие контра-манифестации на моќта, некако не успеавме да видиме нешто многу поважно – созадавање цело контра-општество.
Според моето скромно мислење, барем кога ВМРО-ДПМНЕ е во прашање, апсолутното мнозинство значи и апсолутна криза во државата
Имаме судство и контра-судство (едното за нас, другото за нив); имаме здравство и контра-здравство (едното за нас, другото за нив); имаме архитектура и контра-архитектура (едната за нас, другата за нив); имаме естетика и контра-естетика (едната за нас, другата за нив); имаме новинарство и контра-новинарство (едното за нас, другото за нив)…
На крајот од краиштата имаме и живот и контра-живот, исто така рамноправно поделен нам и ним. Тоа е, всушност, тој демохристијански карактер на ВМРО-ДПМНЕ: едно мене, едно тебе. Тебе казна, мене Белизе. Тебе управен одбор, мене извршител.
Но, бадијала се овие муабети. Љупчо Георгиевски веќе прогласи Трета светска војна. Во секој случај ме радува дека не само што не ја загубил амбицијата туку апетитите значајно му пораснале. Веќе не се задоволува само со делењето на Македонија туку помина на делење на светот.
Но, да не избрзуваме. Можеби стравот на Груевски од Трета светска војна има некаква основа. Еве една варијанта за почетокот на Третата светска војна. Македонците немаат работа, па одат во Германија да работат. Германците остануваат без работа, па мораат во Америка да одат да работат. Американците остануваат без работа, па мораат да одат во Сирија да работат. Е, сега, бидејќи Сиријците никако не сакаат да дојдат во Македонија да работат, почнува Третата светска војна.
Јас сосема ги разбирам Сиријците.