Маткање

Изреката Nomen est omen, во превод – името е судбина, сoсема се потврдува во случајот на Матка. Откако британски „Гардијан“ во 2016 година го вброи нашиот кањон меѓу десетте најубави кањони во Европа, ние се обидовме да направиме сѐ за да ја релативизираме таа класификација. Овој величествен кањон одамна никој не го третира со големо „М“. Името му е сведено на форми од несвршениот глагол – матка. Какво име, таква судбина.

Глаголот „матка“ има преносно значење на одолжување и одложување (пример – се матка без да ја заврши работата), често означува дејство со кое се прикрива отсуството на волја за вистинска акција или означува безделништво (со денови се матка лево-десно). Матка е име и за женски репродуктивен орган (uterus), но сега сме многу далеку од симболиката дека таму се создава плод на некаква љубов и почит кон убавините на природата. Освен, можеби тумор на матка. Металната грдосија обложена со штици индицира токму такво нешто.

Помина доста време откако на Матка израсна таа дива платформа, а неколку надлежни адреси секој ден нѐ убедуваат колку се посветени на решавање на проблемот. Нивната презентација по прашањето кој какви надлежности има за тоа прашање, практично изгледа вака:  

Тие што сега го употребуваат глаголот во несвршена форма (маткаме), тогаш ќе преминат на негова употреба во минато свршено време: „Маткавме, маткавме, ама ја завршивме работата“

Во еднина: Јас маткам/ Ти маткаш/ Тој матка.

Во множина: Ние маткаме/Вие маткате/Тие маткаат.

Практично, сите маткаат. При едно такво маткање, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, инаку поранешен министер за правда (2011-2014), изјави дека нема ниту да ја легализира, ниту да ја урива платформата. Значи, ни атер крши, ни работа врши, туку се обидува да ја превесла јавноста со некое од кајчињата влезени во планот за работа на инвеститорите на спорната платформа.

Засега, само времето работи на решавање на проблемот. Како што се затоплува, така ќе порасне бројот на посетители на Матка, па таму ќе се бара столче повеќе. И види чудо – на несрушената платформа преку ноќ ќе никнат и маси и столчиња, согласно со тоа ќе се нудат кафиња и други пијалаци. Некој со радост ќе извикне – „ова и да го немаше, требаше да го измислиме“, други потврдно ќе дофрлат „така е, така е!“, и полека сите ќе се приврзат кон платформата како да е дел од вековното наследство на тој простор. Додека си изустил „закон“ со отворена опасност сите да ти се изнасмеат в лице, работата ќе биде завршена: времето и прагмата сами ќе си ја легализираат затекнатата состојба на спорниот објект.   

А верувам дека Беџети правно е добро поткован, штом е претставник на ДУИ и во работната група што работи на усогласување на предлог-законот за Јавното обвинителство, односно за судбината на СЈО. Ја реши Матка, сега заедно со другите ќе го решава и СЈО

Тие што сега го употребуваат глаголот во несвршена форма (маткаме), тогаш ќе преминат на негова употреба во минато свршено време: „Маткавме, маткавме, ама ја завршивме работата“.

Единствено ваквото „македонско сценарио“ ми изгледа возможно за реализација, особено кога ги слушам образложенијата на градоначалникот Блерим Беџети. Не поради тоа што е родум од Глумово – па во духот на nomen est omen – сите оттаму мора и добро да глумaт, туку затоа што јасно и гласно викна: „Ни Градот Скопје, ни Петре (Шилегов – н.з.), никој не може на своја рака да зема надлежност и да основа јавно претпријатие за управување со Матка. Во оваа држава има закон!“

Па, што не кажувате вакви работи? Значи, во државата имало закон, но Општина Сарај не го применува, а ни Градот Скопје не смеел ништо да прави во рамките на неговата надлежност. Единствено некои двајца можат да си дигаат платформа каде што ќе им текне! Не разбрав баш добро како се вика тој „закон“, ама верувам дека постои, штом тоа го кажува еден поранешен министер за правда.

А верувам дека Беџети правно е добро поткован, штом е претставник на ДУИ и во работната група што работи на усогласување на предлог-законот за Јавното обвинителство, односно за судбината на СЈО. Ја реши Матка, сега заедно со другите ќе го решава и СЈО.

Тоа е веќе многу покомпликувана ситуација од онаа на Матка. Денес ретко кој сака да зачекори на таа платформа, односно да биде викнат на маса во СЈО. Некои сѐ уште го колнат денот кога во парламентот притиснале копче „за“ законот со кој беше формирано СЈО. А „за“ притиснаа  111 пратеници од 114 присутни и ниту еден „против“. Тешко дека денес би го направиле истото. На прашањето дали на зелена маса ќе го уриваат или „легализираат“ (вклопат во ЈО), денес може да се добијат мошне интересни одговори, кои сведочат и за начинот на кој се сфаќа традиционалната „балканска правда“ и начинот на кој таа функционира – двонасочно. Во тој силен политичко-правен провев, првиот заклучок е дека од вино може да се прави киселина, но не и обратно. Вториот заклучок е дека сите нешто маткаат, обидувајќи се политичкиот договор да го претстават како промислено и политички неинфицирано законско решение.

Најдете некој што ќе поверува во тоа. Во моментов, платформата на Матка е многу посигурна дека ќе го преживее законот. За СЈО сѐ уште не е сигурно.