Мостови на раздвојување

Мостовите не спојуваат брегови, туку луѓе. Така е тоа секаде во светот. Освен кај нас.

Нобеловецот Иво Андриќ, кому мостовите му беа константен литературен мотив (романот „Мостот на Дрина“, расказот „Мостот на Жепа“…), во својот кус текст, насловен токму „Мостови“, ќе каже дека мостовите се „поважни од куќите, посвети и поопшти од храмовите. Сечии и кон секого еднакви, полезни, изградени секогаш смислено, на местото каде што се вкрстуваат најголемиот број човечки потреби, потрајни се од другите градби и не служат на ништо тајно или лошо.“ Во право е нобеловецот, само што тоа не важи кај нас.

Можат, се разбира, да се набројат уште десетици други работи што ги симболизираат мостовите, затоа што нивниот метафорички капацитет е навистина неизмерлив. Само што овие симболи се неприменливи кај нас.

Хаваријата на Кривиот или Новиот мост, како што го нарекуваат скопјани (ете, сега, разбравме дека всушност се викал мост „Беласица“, според улицата на која се наоѓа молот „Ист гејт“), всушност, го симболизира нашиот јавашлак, нашата негрижа кон општото добро и воопшто кон јавниот простор.

Разбирам јас и електрични инсталации, и цевки за парно греење, и бездомници, ама како, по ѓаволите, може да се запали еден онаков бетонски мост со толкава материјална штета.

Мостовите се симбол на спојување. Но, малкумина обрнуваат внимание на фактот дека за да се спои нешто, претходно треба да биде раздвоено. Во нашиот случај, мостот станува симбол токму на – раздвојувањето

Во право е директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанчо Ангелов, кога вели дека најверојатно вината е кај човечкиот фактор. Само не е во право кога таа вина ја лоцира кај бездомниците што наводно биле сместени под мостот. Во принцип, секаде во светот мостовите се традиционално засолниште за нив.

Клошарите, многу години беа заштитни лица на Париз, своевидни институции на градот. И беа сместени под париските мостови. И ниту еден мост не се запали. Што мислите, не палеа клошарите огнови во студените ноќи? Палеа, се разбира. И, сепак, ниту еден мост не се запали. А со векови се постари од двете децении колку што е стар Кривиот мост?

Немаат ли другите мостови од овој тип своја електрична инсталација? Имаат, ама не горат.

Не толку одамна се отвори дупка на мостот на Маркова Река пред Драчево. Ама мостот не изгоре. Иако и тука може да се говори за целосна неодговорност на надлежниот фактор.

Она што се знае до моментот на пишувањето на овој текст е дека ништо не се знае. Освен дека мостот нема да биде отворен во догледно време. Освен споменатиот Стојанчо Ангелов, никој од надлежните не излезе во јавноста да соопшти за што се работи.

Не мислиме тука само за причините за пожарот, туку многу повеќе на евентуалните привремени решенија со кои ќе се намали и онака несносливиот сообраќаен хаос. Да покаже некаква координација која ќе им влее доверба на граѓаните дека некој што е платен за тоа, сериозно размислува за премостување на проблемите со мостот.

На крајот на краиштата, во политикологијата постојат цели теории за контролирање на штетата, за политичко управување со кризните ситуации, за оптималните возможни решенија во дадена ситуација.

Впрочем, суштината на политиката е токму тоа – уметноста на возможното. А секако не е поставување и разрешување директори, бркање криминалци во своите и во туѓите редови, укинување и востановување нови тендери… Градоначалничката Данела Арсовска, едноставно, мораше да излезе на терен истата вечер кога се случи пожарот. Пожарот за кој се вели дека развил температура од дури илјада Целзиусови степени се случи непосредно до една од најпрометните сообраќајни артерии во градот и во непосредна близина на бензинска пумпа. Среќа е што не дојде до други уште посериозни последици, но и ова беше доволно да се излезе на терен, да се формира кризен штаб и да се одреди лице што ќе комуницира со јавноста.

Наместо тоа, граѓаните наидоа на изблокиран мост со – уметнички дела! Станува збор за бетонски столбови украсени со уметнички графити, кои истиот тој Град Скопје (додуша претходната гарнитура) ги постави во центарот на градот.

За волја на вистината, ваквото непочитување на уметноста и урбаната култура не може да нѐ изненади. Особено не кога се презентира огромен дефицит на општата култура. Навистина, немаше ли Градот Скопје начини да го блокира мостот, туку требаше и на овој начин да им го покаже местото и „употребливоста“ на македонските уметници. Да не кажам вака безобразно да ги извреѓа.

Меѓутоа, последиците од исклучувањето на мостот „Беласица“ од сообраќај (вклучувајќи го и пешачкиот) се многу поголеми од зголемувањето на сообраќајниот метеж. Да, мостовите се симбол на спојување. Но, малкумина обрнуваат внимание на фактот дека за да се спои нешто, претходно треба да биде раздвоено. Во нашиот случај, мостот станува симбол токму на – раздвојувањето. На прекинувањето на природната врска за размена на луѓе и идеи.

Суштината на политиката е токму тоа – уметноста на возможното. А секако не е поставување и разрешување директори, бркање криминалци во своите и во туѓите редови, укинување и востановување нови тендери

Се сеќавам кога своевремено со години се реконструираше Камени мост, Старата чаршија, веројатно најубавиот дел од Скопје, остана целосно отсечена и речиси сосема замре. Оттогаш се зацврсти онаа погубна теорија за два града во еден град. Оној од левата и оној од десната страна на Вардар. Реката, наместо симбол на градот, стана „природна“ граница за одвојување на луѓето според нивното различно потекло.

Не велам дека и сега ќе биде така, но со оглед на лошата инфраструктура во правецот север-југ, не велам дека нема ни да биде. Сега дури се гледа која била потребата од мостот „Михајло Апостолски“. Оној меѓу Аеродром и Керамидница и оној кој недозволиво долго се гради и чија градба едно време скопската градоначалничка сакаше да ја стопира. Некому нема да му биде тешко да заклучи дека неизградбата на овој важен мост е, всушност, намера за дополнителна поделба на градот.

Со градењето и уривањето на мостовите се добивале и губеле војни. На многу од нив сите им се восхитуваме како на генијален одраз на човековиот ум.

„Така, секаде во светот, каде што мојата мисла ќе тргне или ќе застане, наидува на верните и молчаливи мостови, како на вечна и вечно незаситна човечка желба да се поврзе, смири и спои сето она што ќе излезе пред нашиот дух, нашите очи и нозе, да нема делења, спротивставувања и разделби“, ќе рече Андриќ во својот текст за мостовите.

Ама кој сега ќе го чита Андриќ?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија