Разликата помеѓу она што кај нас се пласира како спин и она што е спин во светското новинарско искуство е во фактот дека ако во светот тешко може да се пронајде или да се препознае спинот во информацијата, кај нас тешко може да се препознае информацијата во спинот.
Сето тоа оди вака некако: на едниот прозорец на мојот компјутер е пуштен филмот „Таксист“ на Скорсезе, оној каде што Де Ниро, фрустриран општествен одмазник, го прашува огледалото дали нему му се обраќа; на другиот е пуштена смирувачка музика, софт џез со женски вокали; на третиот е Фејсбук, а, без оглед на сѐ, од главата не можат да ми излезат „I Can’t Get No Satisfaction“ на „Стоунси“, па дури и она глупаво хитче од 80-тите години „You Spin Me Round Like a Record“ од британскиот дует со уште поглупаво име „Dead or Alive“. Тоа е тој „мултитаскинг“ што е неопходен за да може да се свари некој (каков било) текст пласиран по овдешните медиуми.
Човек навистина треба да биде маестрален медиумски експерт за да разбере од овдешните новински текстови барем нешто од она што се случува околу нас. На пример, како тоа „Канвас“ ја урива Македонија, додека ние молчиме (во неколку продолженија)? Или колку чини „платеничката револуција“? Еве, апсурд: колкав број луѓе се собираат на протестите? Или колкави се платите на специјалните обвинители , при што од некаде се претпоставува дека оние што се борат против корупцијата би требало да имаат плати на нивото на македонскиот просек? И така натаму…
Еклатантен пример, како што и се навикнавме, беше прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство, односно на нивната портпаролка, обвинителката Ленче Ристоска. Во еден од порталите се појавија фотографии од обвинителката Ристевска како седи во кафеана, проследени со мал текст, сигнификантно насловен „Обвинителката Ленче Ристоска се гоштева после неуспешниот прес“.
На двете приложени фотографии се гледа обвинителката како седи во кафеана, пие вода, а на масата ја има стандардната опрема: карафиндл и маслиново масло. Од храна има некакви апетисани, кои обично се служат со нарачката на пијалакот. И, се разбира, за „неуспешниот“ прес нема ништо, освен воопштената илјада пати повторена фраза дека СЈО „повторно во нивниот препознатлив стил прејудицираа дека има криминал, повторно заборавајќи ја пресумпцијата на невиност, односно основната задача на обвинителството да докаже дали имало или немало криминал“. Се разбира, оваа „информација“ ја презедоа сите останати портали и медиуми, кои колоквијално ги нарекуваме „провладини“.
Ова во теоријата, додуша не новинарската туку онаа пропагандистичката, се нарекува спин. Употребата на спинот во новинарството значи дека не станува збор за новинарство, туку за класична пропаганда. Спин буквално значи „да се сврти“, во случајов, некоја приказна или некоја информација од нејзината суштина кон нејзината периферија и така да се пренасочи вниманието на јавноста од битните работи кон оние површно спектакуларните, а во суштина неважни или лажни информации. Токму затоа во овие медиуми, освен демонизирање на СЈО, никогаш нема една барем малку битна информација за основаното сомневање за извршен тежок и организиран криминал.
Овдешните медиуми се толку преполнети со спинови што и ако, по некој случај, навистина се појави една „нормална“ информација, таа нема да биде препознаена од читателот, истрениран од бројните студени облоги на нашите спин-доктори
Секако, овој случај не е ни преседан, ни најтежок во овдешната пропагадистичка практика, но е еклатантен, затоа што го илустрира односот кон единственото вистинско непартиско тело, кое професионално си ја извршува задачата. Со други зборови, разликата помеѓу она што кај нас се пласира како спин и она што е спин во светското новинарско искуство е во фактот дека ако во светот тешко може да се пронајде или препознае спинот во информацијата, кај нас тешко може да се препознае информацијата во спинот. Овдешните медиуми се толку преполнети со спинови што и ако, по некој случај, навистина се појави една „нормална“ информација, таа нема да биде препознаена од читателот, истрениран од бројните студени облоги на нашите спин-доктори.
Ете, тоа е тој ефект на вртење како плоча на оној претходно споменат бенд со симптоматично име „Dead or Alive“, со тоа што оваа „информативна вртоглавица“ не се однесува на читателот како категорија туку на општеството. Во спротивно, пропагандата и би немала некоја посериозна смисла.
Но, она што во случајов е побитно се токму целите на пропагандата. За разлика од вообичаената пропаганда која има намера еден општествен систем или една владејачка практика да ги спротивстави на конкурентските системи и политики, прикажувајќи го сопственото владеење низ розови очила, овдешното енормно спинување на сите суштински теми, врзани за Специјалното јавно обвинителство, го употребува „розовиот“ дискурс само како колатерален, односно нус-производ на основната цел – преку криминализирањето на СЈО.
Всушност, врвот на политичкиот врв, осомничен за тешки криминални дела против народот и државата, треба да биде наметнат како морална вертикала, која единствено е способна да ја разреши тешката државна, социјална и општествена криза, предизвикана токму од криминалното владеење на тој ист политички врв.
Доаѓаме до еден вид франкенштајновски апсурд. Моралните монструми се ставаат во позиција да бидат судии и авторитети во воспоставувањето на моралните вредност. Она што не им успеа на „Ролингстонси“, па ни на фрустрираниот таксист Де Ниро, она што (сѐ уште) не им успева на протестантите од Шарената револуција, значи да добијат некакво задоволување, ете им успева на оние што морално, финансиски, социјално, па и психолошки го урнисаа македонското општество до неговите најниски гранки. Тие се задоволни! Тие се фактори од чијашто волја зависи разрешувањето, поточно продлабочувањето на кризата.
Во таа смисла, долгото траење на оваа шизофренична ситуација има сериозни последици врз менталното здравје на македонскиот резидент. Ете, затоа е неопходен оној „мултитаскинг“ од почетокот на текстот. Човекот има природна потреба (и право) да биде информиран, но притоа да остане ментално здрав. А тоа во македонскиот случај изгледа како невозможна мисија.