Сериозна неволја е кога партиите очекуваат граѓаните да бидат фасцинирани од листите за пратеници кои личат на подгреана вечера од минатите избори, а уште сакаат и да им порасне довербата. Во општество, кое излегува од една и редовно влегува во друга криза, проблемите и процесите секогаш се динамични, само елитите се статични. Речиси непроменливи.
Земете по случаен избор некоја вест од пред пет, шест, осум години, и ќе видите дека политичките актери се речиси исти. Некои и постари, од пред две-три децении. Само што во меѓувреме ја менувале страната. А граѓаните и натаму си живеат меѓу два контраста. Од една страна соочени се со супстандард во сите области – слаби резултати, поточно назадување, а од друга им се наметнува перцепција како во политиката да има „надлуѓе“ кои непогрешливо ги знаат тајните на успехот, на геополитката и го имаат главнот калауз за решавање на сите проблеми, иако до денес не ги решиле.
Сѐ што во минатото било или е поврзано со афери, со собраниски блокади, корнење опрема, со подметнувања, пресметки, поларизации, повторно е удобно сместено во првите редови
Во време кога стигнуваат предупредувања дека Европа е во предвоена состојба (Доналд Туск), во време кога светот драматично се менува и секакви сценарија се можни, кога секоја тема се третира и низ безбедносен аспект, нашите политички елити (без исклучок) покажуваат сенс за овие прашања повеќе на вербално, отколку на оперативно-стратешко ниво.
Да беше поинаку, не ќе гледавме фалбаџиски натпревар во кој колку ќе им даде на одредени категории граѓани, колку ќе рипнеле минималната и просечната плата, фантазмагории за растот на БДП каков што немало ни во поплодни и поспокојни години, туку ќе видевме стамени програми во кои проектите се во eлементарна корелација со реалните буџетски можности. И во корелација со елементарни принципи и морал.
Листите на пратеници (со скромни исклучоци) не оддаваат впечаток дека тоа е кремот што може да се носи со проблемите на државата. Но покажуваат дека кадровскиот избор и натаму се прави во стилот на изреката „тој е можеби кучкин син, ама е наш кучкин син“. И така од избори до избори.
Сѐ што во минатото било или е поврзано со афери, со собраниски блокади, корнење опрема, со подметнувања, пресметки, поларизации, повторно е удобно сместено во првите редови, што гарантира продолжување на истата лоза, истата поза и истиот менталитет на кавги и поделби.
Ова не е пречка за партиите самоуверно да си инсталираат свој морален монопол во претставувањето – едни како геополитички најосвестени, други со фрлена референдумска ракавица – за европска или за изолирана Македонија, трети против криминализирана и понижена, а за ревитализирана и достоинствена Македонија. Ништо од ова не е спорно, ама ако и досега докажеа дека работат на тоа.
Од позерство до реализација патот е долг. Тој пат успешно завршува ако е одраз на натпревар во работа, квалификации и компетенции. Како ќе ги убедат граѓаните во силните заложби за департизација, ако на листите нема човек без партиски жиг, некој што не е венчан и заколнат за партија?
Нема ли ништо надвор од таа партиска категорија, нема ли важни општественици, творци, промислувачи, луѓе кои не функционираат според шаблоните на партиските кампуси? Што е најтрагично, не ни постои жар, порив, ревност да се смени менталитетот за кадровско подметнување на „веќе виденото“.
Нема ли ништо надвор од таа партиска категорија, нема ли важни општественици, творци, промислувачи, луѓе кои не функционираат според шаблоните на партиските кампуси?
Затоа и досега не сме слушнале ниту една дискусија во парламентот што нема да е кавгаџиска туку инспиративна, дискусија која ќе ја третира темата со аргументација и без дисквалификација, со почит и уважување на опонентите, со зборови кои ќе привлечат а нема да оддалечат.
А после се чудиме како се таложат гнев, поделби и омраза во општеството, па се фрапираме кога деца „војуваат“ по урнек на политичарите. А тоа не се решава со еднократно промовирање разбирање, солидарност и емпатија, како што се прави сега преку своевиден натпревар за организирање ифтари. Прво, тоа треба да биде приватен чин, како што прилега, а не јавен, пред фотоапарати и камери и заради друга цел – предизборно промовирање, и тоа на кандидати што се колнат во Уставот, во кој државата е дефинирана како секуларна.
Во година на двојни избори, која и во домашен и во геополитички контекст се смета за исклучително важна, можеби и пресудна, ние сме длабоко под нивото на задачата, заглавени во стари инфантилности. Неизвесноста не е кој на кого ќе фрла камења, туку дали по сите фрлени камења досега еднаш ќе почнеме да градиме нешто. За почеток да ги зацрстиме темелите на куќата. Зашто вака, камен на камен нема да остане.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија