Човек би рекол: закон како закон! Цел му е да воспостави право и правда. И правичност. Станува збор, сосема нормално, за изборниот законик.
Според некои дефиниции, начелото на правичност го подразбира најможниот верен одраз на волјата на мнозинството, застапена во законодавниот дом. Ако се суди според оваа флоскула, најголемата волја на македонското граѓанство, застапена со 101 глас во Собранието на Република Македонија, е токму промената на изборниот законик, и трикратно зголеменото финансирање на партиите од државниот буџет.
Како што, впрочем, излегува дека македонското гласачко тело ги бира своите претставници само за да можат да земаат десетици илјади евра на годишно ниво за патни трошоци. Или за да можат избраните функционери да ја покажат својата иновативност земајќи пари од таканаречениот Фонд за тие намени.
Плебисцитарното решение парламентарните партии да се финансираат со 0,15 проценти од годишниот буџет, наместо со досегашните 0,6 проценти (значи, околу три пати повеќе), наспроти врежаното мислење дека ја одразува коруптивноста на системот, всушност ја покажува доблеста на народните претставници во народното собрание.
Можеа тие, имено, многу лесно да изгласаат дека им требаат не 0,15 проценти од буџетската торта, туку, на пример, 15 или 30 проценти. Ама, не! Луѓето знаат за скромност. Не мораа, велам, да ги легализираат само ливадите, нивите и пасиштата. Можеа да легализираат и перење пари, партиски банки и фондови, фабрики за млечни производи и партиски кладилници или партиски сметки во Белизе (а зошто не?).
Ако може еден ваков закон да добие 101 глас замислите колку раце ќе се кренат кога ќе се носи закон секој пратеник да добие доживотна пензија за својот брачен другар, на пример
Одамна во Македонија не се зборува, на пример, за цената на потрошувачката кошничка. И како тоа еден пратеник со некои исплатени десетина илјади евра за патни трошоци за некои шест месеци да ја покрие таа кошничка која чини нешто повеќе од 300 евра. Не се зборува за, на пример, достапноста и пристапноста на луѓето до јавните услуги, за унапредување на образованието или здравството, за подобрување на квалитетот на културата и спортот, за пристапноста на луѓето до добра книга или добар филм… Не! Тоа не се теми за разговор, а уште помалку за кревање на 101 рака во собранискиот дом.
Затоа пак се зборува за ентитети, за суверенитети, имиња и презимиња, идентитети, истории и – за пристапност на партиите до медиумите за време на избори. Според измените на изборниот законик партиите за време на избори ќе направат свои медиа планови за рекламирање и ќе добијат пари од буџетот за нивна реализација. А од каде инаку би зеле пари? Од изнајмување на пасиштата? Или од киријата за деловниот простор? Па, немојте ве молам! Тие се само наши претставници.
И навистина не знам што е спорно во идејата државниот буџет да им ја плаќа на приватните медиуми платената политичка програма. Можеби уште утре народните партиски претставници ќе решат сите приватни медиуми да не бидат ништо друго, туку само платена политичка програма. Платена од буџетот, се разбира. Барем ќе биде јасно дека нема никаква потреба од новинари и уредници.
А ако некој медиум, не дај Боже, се осмели да „продава“ луксуз, вработувајќи ги овие одвишни професионалци, тогаш ете му го законот и народната волја, па нека плаќа 4.000 евра за секој вработен. На крајот, на краиштата, како ќе се наполни буџетот од кој треба да се корумпираат, пардон платат медиумите и политичките партии.
Можеа партиите многу лесно да изгласаат дека им требаат не 0,15 проценти од буџетската торта, туку, на пример, 15 или 30 проценти. Ама, не! Луѓето знаат за скромност
Покрај погоре кажаното, измените на изборниот законик имаат уште многу други предности во однос на подобрување на квалитетот на животот на просечниот државјанин на Република Македонија. Овие измени, имено, дефинитивно ги надминуваат традиционалните поделби на македонското општество и демонстрираат завиден степен на единство.
Тие ги бришат меѓупартиските, меѓуетничките и меѓурелигиските разлики. Тие ги бришат и идеолошките разлики, дури и границата меѓу „предавниците“ и „патриотите“. Речиси и не се сеќавам така еднодушно да била кренати сто раце за ваков реформски закон, како што сега тоа се случи.
Влева, значи, оптимизам оваа нова нафака во македонската политика. Ако може еден ваков закон да добие 101 глас, и тоа по сериозна и квалитетна расправа, која сепак не се водеше во Собранието на Република Македонија, туку во Клубот на пратеници (за скептичните мораме да појасниме дека и ова се простории на народните претставници, односно на пратениците), тогаш можете да замислите колку раце ќе се кренат кога ќе се носи закон секој пратеник да добие доживотна пензија за својот брачен другар, на пример. Гарантирам дека од 120 пратеници 150 ќе бидат за!
Доаѓа живот, што би рекле челниците на партијата на власт.