Пофалба на лудоста

Будалата се фали со она од што паметниот се срами. Поговоркава е стара, ама нашево секојдневие постојано ни ја актуализира. Каде и да се свртиш, што и да сакаш да смениш, таа те враќа во реалноста, ти кажува дека си овде, во земјата каде што непроменливоста на нештата и менталитетот се политички загарантирана „вредност“, нешто како вечна пофалба на лудоста.

Изгледа претерано? Не е. Заглавени сме во низа институционални и непотистички баханалии, кои треба да ги прифатиме како нешто нормално, тековно, вообичаено, како задолжителен ДДВ на живот во нереформирано општество, каде што работите полека, ама сигурно ќе се сменат, еден убав летен ден. „Мало сутра“.

Во таква атмосфера ни стигна и седмата генерација. Мислам на положените кандидати за судии и обвинители, кои утре ќе бидат распоредени во правосудните институции. Секоја чест за исклучоците, тие што го заслужија тоа, но срамно за кандидатите што стигнале до тој статус на незаконски начин, со овозможување предвреме да полагаат правосуден испит без да ги исполнуваат условите за тоа.

Тие кандидати тешко ќе може да се носат со идната функција, бидејќи секогаш ќе бидат третирани и перцепирани како недостојни за неа. И тука не е важно дали се работи за деца на актуелни политичари или не. Тие се „деца“ на неиспочитувана законска пракса, и таа етикета ќе ги следи цел живот. 

Практично, нѐ навикнуваат на фактот дека за големата борба ќе слушаме, ама ништо од тоа нема да видиме, и не треба да се вознемируваме, иако секој ден како на филмска лента се редат случаи што плачат за итно постапување

А тоа е огромна пречка во работата. На пример, според Етичкиот кодекс, јавните обвинители треба да го известат повисокиот јавен обвинител за активностите, кои во перцепцијата на јавноста би можеле да побудат сомнение во нивната самостојност и објективност и со тоа би го нарушиле нивниот општествен углед и угледот на јавното обвинителство во целина.

Перцепциите на јавноста се познати, а изградени се врз конкретни наоди. И сега, колку спорни лица би влегле со таков, огромен багаж во обвинителство или суд? Не го знаеме нивниот број. Јавната потврда од ДКСК за постоење повеќе такви случаи, но и неможноста (поради застареност) тие да бидат институционално разрешени, резултира со непречена можност спорни кандидати да станат правораздавачи.

Тоа сигурно нема да ја зголеми довербата во правосудството, туку ќе инсталира нови мини во него. А тоа може да биде причина да стигнуваат барања за изземање „таков“ судија или обвинител од конкретна постапка. И што тогаш? Дали секогаш ќе дотрчуваат нивните татковци и мајки за да им објаснуваат на барателите дека „не можат да дојдат до малиот прст“ на нивните синови и ќерки? Уште сега таквата „аргументација“ на одбраната само ја потенцира карикатуралноста на целата ситуација.

Сево ова се случува кога на сите ѕвона се разгласува голема заложба за владеење на правото и битка против незаконитости, криминал, корупција… Како да веруваме дека властите се подготвени за сето тоа, кога воопшто не се сензибилизираа по прашањето – како кадровски дивоградби ќе го исправаат правосудството?

Не може владата да се однесува како да е герила во оваа земја, небаре е сместена во некоја мрачна шума, каде што мора од илегала да се бори за овие вредности. Па, таа ги држи институциите и сите клучни механизми и алатки ѝ се на располагање и дофат. Ако не ги користи, зошто ѝ се тогаш институциите – за декор, за алиби, за муабет во кафеана, за фалење по комшии, за бркање сојки?

Практично, нѐ навикнуваат на фактот дека за големата борба ќе слушаме, ама ништо од тоа нема да видиме, и не треба да се вознемируваме, иако секој ден како на филмска лента се редат случаи што плачат за итно постапување. Притоа, не мислам само на случаи од висок политички профил.

Мислам и на оние што често ги подведуваме под поимот „ароганција“, а сведочат за елементарно непочитување на законските обврски, какво што промовира, на пример, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, раководено од првиот вицепремиер Артан Груби.

Ова Министерство нема намера да одговори за што ангажирало и исплаќало хонорари на „договорци“, иако самото Министерство кадровски е полно како брод. Познато е како трансфер-зона за распоредување на вработените по Рамковниот договор и за вработување разни Бесмири, кои потоа оттаму треба да заминат на патот до ѕвездите.

Главниот приоритет – битка со криминалот, го реализираме со лажен наратив, со брзање кон ЕУ преку непочитување законски обврски, со громогласни песни и хорски настапи против корупцијата и со „зелена агенда“ – ама во џебот

Министерството, раководено од Груби, не одговара на прашања на медиум, а не ѝ одговори ниту на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која му наложи рок за одговор. И за што говориме ние? За какво почитување институции, транспарентност, законитост, политики на добро владеење, за каква борба бладаме? А ова Министерство имало буџет речиси четирипати поголем од буџетот на ДКСК или на Финансиската полиција.

Значи, главниот приоритет – битка со криминалот, го реализираме со лажен наратив, со брзање кон ЕУ преку непочитување законски обврски, со громогласни песни и хорски настапи против корупцијата и со „зелена агенда“ – ама во џебот.

Можеби, малку и со славење на сопствената ранливост. Еве, премиерот Ковачевски ќе предложел – една од следните државни награди да ја добие некој од инженерите што работеле на справување со последиците од сајбер-нападите во Фондот за здравствено осигурување. Не еден, сите инженери треба ги наградат, ама пред тоа да поделат и казни.

Три недели по тој сајбер-напад не знаеме како биле заштитени системите во ФЗО, ама и во други институции. Не знаеме дали и колку се инвестирало во таква заштита, и дали на штета на таа потреба се крателе инвестиции, а во корист на службени возила, лаптопи, телефони и друга галантерија за неизживеани функционери.

„Сетот мерки“ за градење отпорност и сајбер-заштита на институциите на јавниот сектор што го донесе владата има преамбициозно име, а во однос на целта не значи ништо. Органите на државната управа се задолжени да определат лице за информациска безбедност, со цел навремено да се пријават инциденти, закани и ризици поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти.

Во превод – сите треба да назначат курир што ќе јави дека „гори“. А како да се спречи, колку да се инвестира, потоа ќе му ја мислиме. Нема време за губење околу небитни работи, додека Европа нѐ чека со раширени раце, така окрупнети, реконструирани, побогати со нова клиентелизација и со седмата генерација, миени – нецеливани.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија