Кристофер Џонс од Мичиген, осомничен за поседување дрога, се бранел пред судот дека полицајците го претресле без налог. Обвинителот, пак, се спротивставил и рекол дека полицијата имала право да го претресе, зашто во јакната би можел да носи пиштол. „Глупости“, протестирал Џонс, кој и на судењето ја носел истата јакна. Ја соблекол и му ја однел на судијата да види дали во нејзините џебови собира пиштол. Судијата во џебот нашол пакет со кокаин и почнал толку слатко да се смее, што самиот си дал пет минути пауза за да се собере.
Вакво самонаебување, ваков антологиски автогол што ќе се прераскажува и ќе предизвикува солзи и смеа беше примопредавањето на власта во Македонија. Како што на јавноста ѝ е добро познато од „куририте“, власта на Никола Груевски не беше сменета затоа што ги крадеше народот и државата туку затоа што така сакаа амбасадорот на САД и Сорос. Со оваа приказна министрите и останатите функционери заминаа од своите канцеларии. За да ја докажат тезата на својот шеф, при напуштањето на работните места, исто како Џонс, украдоа мебел, опрема и компјутери.
Приказнава за Кристофер од Мичиген е застапена во секоја антологија за глупави крадци, а во некое дополнето издание веројатно друштво ќе му прават и функционерите на Груевски.
Еве, си украл барокен стол, на пример, со резбано дрво и тапациран со кожа од бивол. Нема шанси да ти се вклопи дома во трпезарија. Жена ти ќе ти се развика – или укради уште пет за цел комплет или не ми го носи дома. Децата ќе се тепаат кој да седи на него. На крај, мораш да го однесеш во подрум. Таму го серат глувци и го гребат мачки
Заедно со целиот проект „Скопје 2014“. За него ќе има посебна глава. Ќе се изучува како таблица за крадење. Има еден случај од Јужна Калифорнија, САД, во кој крадците за да го отворат сефот во една продавница, го врзале со синџир за браник на камион. Успеале да ја откорнат вратата од сефот и да опљачкаат сѐ во него, но се откорнал и браникот, па решиле да го остават. Полицијата лесно ги фатила, зашто на браникот била и регистарската табличка.
Во фушерајот на „Скопје 2014“ веќе пропаѓаат камиони, како оној што вчера пропадна на скопскиот плоштад. Регистарските таблички на овој проект се СК-2014-НГ. Верувам дека сите знаете што значи секој од иницијалите на табличката.
Со оглед на инвентарот што го затекнавме во храмот на расипништвото наречен реновирана влада, меѓу народот познат и како шампита од стиропор, стварно не ги разбирам крадците. Што ќе правите со такви парчиња мебел, по ѓаволите?
Или некој ако здиплил од лустерине со кристали. Мислам океј, фино изгледаат, ама твојот таван не е висок седум метри, па долните кристали од лустерот ти се влечат по подот. А деца ко деца, кај разбира дете што е лустер од педесет илјади евра, па ти ги чепкаат кристалите и ти се нервираш. Непотребно.
Ај овие што краделе компјутери некако и да ги разбереш. Освен, се разбира, ако јузернејмот и пасвордот не им останале залепени со селотејп за бирото. Во тој случај, ќе мора да се вратат некоја вечер и по бирото. А тоа веќе е „живот сладок, ризик јак“. Мислам, стварно е глупо на милиони украдени, за едно биро да лежиш затвор.
Глупо е, но да нема глупави крадци, ќе нема ни антологии за глупави крадци. А ете, како што прочитавте погоре во текстов – ги има.
Сепак, драги мои, иако со тешко срце, полека доаѓа мигот кога ќе треба критичката јавност да се раздели со Н.Г. и да почне да се занимава со З.З. Се разбира, првата работа за која будно ќе ја следиме власта на З.З. е ветувањето дека нема да има амнестија за Н.Г.
Втората работа, секако е бројчаникот на Триумфалната порта на кој ќе се евидентира секое вратено украдено евро од фамилијата што една деценија ја пљачкосуваше Македонија.
Овој бројчаник веројатно е „андер конструкшн“, но Заев пропушти шанса, дента кога ќе биде поставен, да не почне од нула туку од 440.000. Имено, како што разбравме од интервјуто на новиот премиер за МТВ (веројатно прво на премиер на државна телевизија без нарачани прашања во целава последна декада), мерцедесот од 560.000 евра, една од ѕвездите на бомбите, навистина постои и е паркиран во гаража на МВР. Но, новата власт нема намера да го продава, зашто сега вредел „само“ 440.000 евра. Според Заев, го гребеле мачки.
Слушај Зоки, шиткај час поскоро дури можеш да му земеш нешто. Ти изгледа одамна купуваш коли само од салон, не си бил на автопазар да видиш колку пробирливи се станати македонските купувачи на половни возила.
Со оглед на тоа што Зоки не планира да урива ништо од изграденото туку само да „соблече“ една фасада, ќе инсистираме на нудистичко соблекување на сите фасади до гол бетон и до голо стакло
– Тука ти е купен мерцедесов или е од увоз? – прашува заинтересираниот препродавач на возила додека кружи околу ексгрујовиот мерџо, гледајќи го Заев со недоверба.
– Тука, тука, има и сервисна книшка… – одговара самоуверено Зоки.
– Жена го возела? – прашува додека си игра со серво воланот.
– Не, возач.
– Да не му е враќана километражата, нешто малку покажува? – вели купецот додека го трие задникот од возачкото седиште за да види дали му пасува.
– Не бе, толку е, жими очи – со раката на срце одговара Зоки. – Газдава друга кола имаше, негова, оваа само за со жената и со децата, дека мониторчиња има на задните седишта…
– А газдата викаш, а, значи ти не си прв газда! – нервозно излегува од колата потенцијалниот купувач, чувствувајќи се веќе измамено.
– А бе, втор сум, ама немам ни влезено во него, жими…
– Да не е крадено? – вели овој чучнат на земја за да фрли поглед на моторот од долу.
– Нееее, какво крадено, со сите документи си е, од буџет е купено…
– Значи, возилово не е, ама парите се крадени – мрмори како за себе купувачот нишајќи незадоволно со главата додека со нокотот на малиот прст ја чепка хаубата. – Ова втора боја му е, значи удирана е!
– Неее, бе, не е удирана, гребеа ја мачки во гаража…
– А бе ај! И колку му бараш?
– Види, купено е 560.000 евра. Ама дај 440.000 евра и да си пружиме рака…
– Колку!? Втор газда, втора боја, на колава биди среќен ако ѝ извадиш 350.000.
– Слушај, се брзам, за на бројчаник на Триумфална ми е, дај 400.000 и носи ја…
– Ај, да видам уште две-три, па ќе ти се јавам.
Брзај, друже Зоки, зашто муабетов од погоре е ако ја огласеше мечкава уште вчера. Секое возење странски државник со неа, само ќе ѝ набие километража и ќе ѝ ја турне цената.
Ми се допаѓа што Заев, барем на почетокот, игра со отворени карти. Затоа, ред е и ние да играме така. Откако ќе го шитнеме мерцедесот, следната крупна цел за враќање на нормалноста во земјата ќе ни биде Скопје да стане прв нудистички камп во Македонија. Со оглед на тоа што Зоки не планира да урива ништо од изграденото туку само да „соблече“ една фасада, ќе инсистираме на нудистичко соблекување на сите фасади до гол бетон и до голо стакло.
Не бива само една фасада. Еден човек ако се соблече гол на плажа може да го уапсат. Ако се сите голи, тоа е нудизам, природа, натурализам. Затоа, мора да се соблечат сите. Што, да не се разбереме погрешно, не значи дека никој не треба да биде уапсен.