Воспоставување на нормалноста

Знам дека ќе изгледа натегната и изнасилена споредбата меѓу завршувањето на македонскиот изборен процес и решението на Европската комисија да расправа за укинување на летното сметање на времето, но никако не можам да се ослободам од чувството на поврзаност на овие два навидум сосема различни процеси.

Се разбира дека тука не станува збор за оној час повеќе за спиење што го добиваме еднаш годишно кога времето од летно поминува на зимско. Тука, ни помалку ни повеќе, станува збор за – враќање на нормалноста! За оние што не знаат или не се сеќаваат, вреди да се повтори: таканареченото зимско сметање на времето е она природно и биолошко нормално време, она време што функционирало во историјата откога човекот научил да го мери. А таканареченото летно сметање на времето, воведено некаде во 70-тите години од минатиот век, односно поместување на стрелките на часовникот за еден час напред, всушност е вештачка измислица која директно влијае врз биолошкиот часовник на човекот.

Човекот е едно од оние суштества на планетата Земја, кое, во својата, ако сакате и, анимална природа, ги распознава ноќта како период за одмор и денот како период за активност и секое поместување на овој биоритам влијае врз неговата општа функционалност. Конечно, затоа во некои цивилизирани светови ноќните смени се плаќаат значително повеќе од дневната работа. Примораноста да се стане еден час порано од вообичаеното, прикриена со наводната заштеда на енергија (топлинска и електрична), всушност не е ништо друго туку уште еден пронајдок на неолиберализмот за зголемување на капиталот на оние што ја водат оваа игра.

За да се потврди искреноста на СДСМ и ДУИ, ќе мора не само да се дозволи, туку да се инсистира за расчистување на криминалното минато (и сегашност, нормално) на сите инволвирани во организираниот криминал

По речиси петдецениско експлоатирање на човечкиот биолошки часовник, ете, со модернизацијата на производните процеси и со пресметувањето на сегашните ефекти на оваа, во суштина, недемократска мерка, дојде на ред и преиспитувањето на потребата од летно сметање на времето. Во некоја смисла, токму тука е и поврзаноста на европската иницијатива со македонските процеси. По речиси 11 години експлоатирање на овдешните човечки ресурси, ете, дојде време да се преиспита потребата од постоење на ВМРО-ДПМНЕ, барем во онаа форма во која ние го знаеме.

Оваа предизборна кампања веројатно најдобро ја отсликува заскитаноста во времето и просторот на оваа инаку прилично моќна партиска структура. Додека пред првиот изборен круг одеа со слоганот „Нова ера“, главно базирајќи се врз наводните постулати на граѓанските вредности, односно напуштајќи ја националистичката реторика, па и додворувајќи му се на албанското гласачко тело (Коце Трајановски дури најави воведување заменичка градоначалничка функција, каде што ќе биде именуван Албанец, доколку Коце стане градоначалник, се разбира), пред вториот круг се вратија на флоскули од типот „Навлечени на Македонија“ и помпезни повици на борби, битки и воопшто на една негативна кампања.

Сето ова мораше да делува збунувачки на и онака нивното дезориентирано избирачко тело, кое повеќе не знае дали треба да се рестартира во „тврдокорниот муд“ или да се приклони кон европските вредности. Или, што би се рекло, бадијала биле и Орбани и Курци, ако самите не знаете каде и зошто одите. Така што целата оваа ДПМНЕ-овска конфузија, чиешто крешчендо трае веќе од времето пред 27 април годинава, мораше да заврши онака како што заврши – со целосен пораз, со дефинитивно изгубени коалициски капацитети и со краен радикализам, содржан во одлуката за непризнавање на изборите. Што и да значи тоа.

Всушност, иако ситуацијата изгледа како пресликана во огледало кога Зоран Заев и СДСМ не ги признаваа изборните резултати, а Никола Груевски тврдеше дека ќе нема вонредни избори, ова е вистинскиот момент кога ќе се скрши фамата околу монолитноста на партиската структура. Поточно, кога ќе се види дека целата таа војничка партиска дисциплина се базирала врз страв и клиентелизам, а не врз идеја, па макар таа идеја се викала Македонија или граѓанска десница, сеедно.

Од друга страна, ја гледаме отворената поддршка на СДСМ за ДУИ, која до скоро и во нивните изјави и настапи беше перципирана како дел од злосторничкото здружение. Интересно е дека уште сега многу од СДСМ-овските симпатизери го критикуваат овој потег на нивната партија, додека во обратниот случај, кога албанските гласачи гласаа за СДСМ беа горди на овој факт.

Целата оваа ДПМНЕ-овска конфузија, чиешто крешчендо трае веќе од времето пред 27 април годинава, мораше да заврши онака како што заврши – со целосен пораз, со дефинитивно изгубени коалициски капацитети и со краен радикализам, содржан во одлуката за непризнавање на изборите

Реално гледано, во периодот по вонредните парламентарни избори, ДУИ (добро, со поддршка на СДСМ) успеа да врати дел од својот разнишан кредибилитет и се профилираше како граѓанска или барем како најмалку националистичка партија од албанскиот блок. Во секој случај, мешаното македонско-албанско гласање за кандидати од албанскиот и од македонскиот политички блок носи нов, досега незабележен, квалитет во македонскиот политички живот.

Ова е првиот и релативно мал чекор, но мошне значаен во формирањето на вистинско граѓанско општество, кога националната припадност нема да биде пресудна при изборот на некој кандидат, туку ќе се бараат некои други квалитети. Односно кога ќе се реализира мантрата на Заев „општество за сите“.

Се разбира, за да се потврди искреноста на двете партии (СДСМ и ДУИ), ќе мора не само да се дозволи, туку да се инсистира за расчистување на криминалното минато (и сегашност, нормално) на сите инволвирани во организираниот криминал. Без оглед на партискиот и националниот предзнак. А, белки, и законот за пушење ќе се среди.

Дури тогаш ќе се воспостави она што ние го подразбираме како „нормалност“ и дури тогаш ќе имаме шанса да излеземе од наметнатиот децениски кошмар.

Да се разбереме, ако Европската унија и го укине летното сметање на времето, тоа нема да значи дека автоматски ни се вратил нашиот природен ритам. Има тука уште многу логистика. Во најмала рака, програма на програмите на компјутерите и мобилните телефони кои автоматски го менуваат времето според датумите. Но, верувајте, на нормалното човек полесно се прилагодува отколку на лудилото.