Луѓето малку знаат дека секоја голема криза може да произведе два сосема спротивставени исхода. Едниот, во тотален колапс на системот, другиот во повеќекратна можност за негов брз и скоковит развој. Затоа билансот на секоја криза, освен по своите губитоци, се проценува и по брзиот напредок во знаењата, вештините, креативноста, новите откритија, во речиси сите области на живеењето.
На индивидуален план, големите кризи се можност да се порасне, да се мобилизира и последниот атом од сопствените потенцијали, од храброто соочување со разбудените стравови, од осаменост и напуштање (најчесто), до новите искуства на позрело и поодговорно уживање во својата посебност, и во себе самите, подобро од кога било.
Сето ова ни го нуди борбата со Ковид 19, но само ако дојдеме до точката на поголема отвореност, ограничен страв и препознавање на она што ни се случува, како процес на созревање.
На колективен план, кризата дава шанса да се победи и триумфира со нови искуства, и тоа веќе го имаме. Во обединувањето и солидарноста, не само во помошта, туку и во намалувањето на несигурноста, сомничавоста, нетрпеливоста и насилствата, инаку силни предупредувачки знаци на состојбите на безредие и хаос.
Кризата е можност да ја издигнеме компетентноста над празноверието и недовербата, снагата и самоувереноста над слабоста и немоќта, во соочување со опасноста. И тоа почнуваме да го правиме.
Строгото постројување во име на колективното добро и здравјето на заедницата, а со тоа и одржливоста на здравствениот систем, за сметка на индивидуалните потреби, слободи и права, колку и да се гледа како оправдано, содржи и голема замка, со можни полоши исходи
За посигурно одржување на развојот во таа насока, мора посилно да се „закачиме“ за добрата информираност и организација, растот на довербата во тие што водат, и самодовербата дека ќе успееме, за сметка на „втерувањето страв во коски“ и паниката, растечката нетрпеливост и обвинувањата. За тоа ни е неопходно и индивидуалното учество во преземање на одговорноста за промените, предизвикани со кризата. И сè што веќе се случува во таа насока треба да се забележи, постојано да се истакнува и вреднува.
Сведоци сме како, и покрај ограничувањата, сè повеќе луѓе се разболуваат, а ќе почнеме и да ги губиме, но и дека сè поголем број стануваат дисциплинирани, подобро организирани и поодговорни. Страв има, но паниката е под контрола – снабдени продавници, умерен број купувачи, луѓето на дистанца, поголемо почитување на правилата… И тоа не е последица на заканите и стравот, туку на довербата дека се носат добри одлуки и на одговорноста на секоја поединец, и неговата потреба да придонесе кон грижата за другиот.
Луѓето учат дека големите кризи, за да бидат успешно совладани, наметнуваат потреба од ограничувања на слободите, повторно за доброто на заедницата. Учат за нејзината природа и начини на справување, и дека ниедна криза од вакви размери не се разрешува бргу, ниту исклучиво со демократски средства. Напротив, авторитарното одлучување, од еден центар и со строга хиерархија на позиции, способности и стручност во нејзиното менаџирање, се меѓу основните фактори на успешност.
Луѓето гледаат и учат дека секој има различно време за адаптација на промените и дека не е лесно менувањето на вообичаените, а со тоа и сигурносни рутини и навики на живеење, без адекватна замена во справувањето со стресот и дека секој има своја точка на слом.
Сепак, линијата, меѓу слободите и нивното ограничување е тенка и бара сеопфатна анализа и рационална проценка – каде и кога да се постави. Строгото постројување во име на колективното добро и здравјето на заедницата, а со тоа и одржливоста на здравствениот систем, за сметка на индивидуалните потреби, слободи и права, колку и да се гледа како оправдано, содржи и голема замка, со можни полоши исходи.
Одлуките што доаѓаат од еден центар, колку и тој да е успешен во менаџирањето на заканата, сепак зависат од поединецот кој треба да ги спроведе. Затоа Тој/Таа мора да добие минимум простор за учество, а со тоа и за развивање на индивидуалната свест и одговорност, токму во тие и такви услови на ограничени слободи. Луѓето треба да почувствуваат дека се важни актери во процесите на надминување на опасноста и дека се моќни во нејзиното сузбивање.
Полицискиот час, со ограничување на движењата, колку и да изгледа неопходен, значи и исклучување на луѓето активно да учествуваат во процесите на справување. Тоа значи и откажување од нивната одговорност да се самодисциплинираат и да станат свесни за својот придонес во решавањето на проблемите. Што е сосема спротивно од целта на веќе поставените и многу прецизни правила на однесување.
Полицискиот час значи одземање на човековиот капацитет и способности да придонесе кон решавање на проблемот. Оставен во пасивна позиција на чекање и очекувања нештата да се случат, или друг да го реши проблемот, полицискиот час е удар и на неговата самодоверба. И тоа е многу ризичен распоред на силите, за сите нас.
Затоа НЕ за проширување на полицискиот час. Според проценката на група истражувачи, кои апелираат за внимателност во ограничувањата на движењето на луѓето, секоја одлука за ограничено движење носи големи ризици по човековото ментално и физичко здравје. Луѓето мора да покажат дека се одговорни и дека учат како да се грижат за себе и за другите.
Полицискиот час, со ограничување на движењата, колку и да изгледа неопходен, значи и исклучување на луѓето активно да учествуваат во процесите на справување. Тоа значи и откажување од нивната одговорност да се самодисциплинираат
Ефектите од долготрајни ограничувања на слободите водат кон поголема несигурност, нетрпеливост и агресивни испади кон другите, што се должи и на фактот дека поднесената жртва, најчесто не ги потврдува очекувањата, и не е, ниту може да биде пропорционална со очекуваните исходи.
Наместо смиреност, поврзување и соработка, ваквото трпеливо „поднесување“ на кризата лесно води кон нејзино неконтролирано прелевање во семејството и на индивидуално ниво.
Недовербата, неучеството и потребата од контрола наспроти прибраноста, соработката и личната одговорност може да имаат тешки последици по (не)успешноста во надминувањето на кризата.
Да не се случи да заборавиме дека се бориме за човечки животи и дека може да се случи загубите да бидат поголеми на спротивната, а иста страна, на страната на нашето ментално и физичко здравје. Заедницата со поголема доверба во луѓето и со добро распределни одговорности има повеќе шанси да опстане и да остане здрава.