Регион

Косово: Подигнато обвинение за воени злосторства против припадник на ОВК

Специјалното обвинителство на Косово, подигна обвинение против поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Ремзи Шала, со кое го товари за киднапирање на цивилно лице од албанска националност, кое, според претпоставките, соработувало со Србија.

Ремзи Шала за време на војната

Ремзи Шала за време на војната

Пишува: Наим Красниќи, Приштина

Ремзи Шала, кој за време на војната бил познат под прекарот ’Црвено јаболко’, е обвинет за воени злосторства, бидејќи, според обвинението, неколку дена во притвор држел цивил, косовски Албанец, кој подоцна бил пронајден мртов, во селото Дуље, во општина Сува Река.

Шала, наводно, ова злосторство го извршил заедно со други членови на ОВК.


Во обвинението се наведува дека Шала, заедно со други вооружени и маскирани борци, на 26 јуни 1998 година, околу 23:00 часот, дошол во куќата на лицето Хаџи Пертеши, за кое се претпоставувало дека соработува со српските сили.

„Откако неколку дена го држеле притворен на непознато место, на 1 јули 1998 година, покрај патот во близина на центарот на селото Дуље, било пронајдено мртвото тело на Хаџи Пертеши“, се вели во обвинението.

Инаку, обвинението против Ремзи Шала е подигнато на 19 октомври 2016 година, но дури сега е јавно објавено.

Обвинителството го подигнало обвинението откако Агрон Пертеши, син на починатиот Хаџи Пертеши, дал исказ во кој стои дека сведочел на настанат што се случил ноќта на 26 јуни 1998 година, во дворот на нивниот дом во селото Дуље.

Текстот е објавен и на Балканска транзициска правда