Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на 2 години затвор за примање награда за противзаконито влијание за случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот мерцедес од речиси 600.000 евра. Поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден за злоупотреба на службена положба на казна затвор од 6 години и 6 месеци.
Ова беше пресудата на судијката Добрила Кацарска која денеска ја соопшти во Кривичниот суд.
Поранешниот премиер Никола Груевски не се појави на денешното изрекување на пресудата. Тој на последното рочиште во завршен збор рече дека овие судски процеси се класично политички и ова судење е дел од една политичка хајка против него и неговите соработници.
Од ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија дека не знаат каде е Груевски и зошто не се појавил на денешното рочиште и дека за тоа треба да го прашаме директно него.
Одбраната на поранешниот премиер рече дека ќе ја обжали пресудата, но не одговорија на прашањето каде се наоѓа Груевски. Неговиот адвокат Димитар Дангов единствено рече дека правото на отсуство му го дозволува законот. Инаку, со одлука на судот, на Груевски му е одземена патната исправа и тој не може легално да ја напушти државата.
Уште пред да се објави пресудата, од излагањето на пресудата на судијката Кацарска, можеше да се претпостави дека пресудата ќе биде осудителна.
„Секој носител на јавна функција треба да знае за принципот на отчетност, а граѓаните мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој не смее да ги омаловажува граѓаните на начин на кој тоа го сторил Груевски“, рече таа.
Додека се соопштуваше пресудата, пред судот беа собрани педесетина негови поддржувачи, а уште вчера пред судот беше поставена ограда пред Кривичниот суд, како обезбедување за денешното рочиште.
Ѓоко Поповски вчера беше осуден на 9 години затвор за случајот „Триста“ за набавката на 300 возила за потребите на МВР, а му беше одредена и мерка притвор. Тој на денешното изрекување на пресудата дојде директно од затворот во Шуто Оризари, со лисици на рацете.
Истрагата за предметот со кодно име „Тенк“ СЈО ја отвори во јануари минатата година, а во јуни истата година беше поднесено обвинение. Првообвинета беше Гордана Јанкулоска, за злоупотреба на службената положба, но постапката за неа ќе се води одвоено бидејќи таа поднесе лекарски уверение дека има ризична бременост. Второобвинет беше Ѓоко Поповски, а третообвинет Никола Груевски за примање награда за противзаконито влијание.
Поранешниот премиер Никола Груевски пред судот треба да одговара за уште четири предмети на СЈО, од кои најголем предмет е „Титаник“, каде тој е обвинет за три дела.