Меѓународниот суд во Хаг, одлучи, на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, поради болест, да му го продолжи престојот на условна слобода во Србија, до средината на јануари следната година.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Судскиот совет соопшти дека одлуката за продолжување на престојот на Станишиќ ја донел и покрај противењето на хашкото обвинителство, кое смета дека присуството на обвинетиот на главниот претрес е потребно, „во интерес на правдата”.
Според обвинителството, властите во Белград не го информираат целосно судот за здравствената состојба на Станишиќ.
Станишиќ, поранешен шеф на СДБ на Србија, поради константната влошена здравствена состојба, на 21 јули е пуштен на привремена слобода во Белград.
Тој присуствуваше на првиот дел од повтореното судење во Хаг, кое започна на 13 јуни.
Според претходните наоди на лекарите во Хаг и во Белград, Станишиќ страда од хронична болест на дигестивниот систем и од депресија.
Со оваа одлука, судиите наложија, Станишиќ во Белград да биде прегледан од „независни експерти”, кои треба да направат „детална проценка на здравствената состојба и ефикасноста на тековната терапија на Станишиќ”.
Независните специјалисти ќе можат да препорачаат поинакво лечење, ако сметаат дека е потребно, и да се изјаснат за достапноста на оваа терапија во Србија, во хашкиот притвор или на друго место во Холандија.
Независните експерти, својот извештај за состојбата на Станишиќ, ќе треба да го достават до судот до 15-ти ноември.
Судскиот совет, им наложи на лекарите од Воено-медицинската академија во Белград, која го лекува Станишиќ, да продолжи редовно да го известува судот за неговата состојба.
Поранешниот шеф на СДБ Србија, Станишиќ и неговиот заменик, Симатовиќ, се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Судењето продолжува во вторник.