Регион

На судењето за злосторства во Сребреница пуштена аудио снимка на еден од обвинетите

Пред судот во Белград, на судењето на осумината обвинети за учество во убиствата на стотици заробени Бошњаци во 1995 година во Кравица, во близина на Сребреница, беше преслушана аудио снимка на исказот на еден од обвинетите.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Местото на кое што се закопани жртвите од Сребреница. Фото: Викимедиа; Мајкл Букер

На судењето на осумината поранешни припадници на специјалната полициска бригада на Република Српска, обвинети за учество во убиствата на неколку стотици Бошњаци во Кравица, кое се одржува во Белград, пред Специјалниот суд во средата беше пуштена аудио снимка на обвинетиот, Драгомир Паровиќ.

Судењето на осумината обвинети започна во февруари.

Покрај Паровиќ, обвинете се и Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ и Видосав Васиќ.

По преслушувањето на аудио снимката на Паровиќ, судијата Мирјана Илиќ рече дека обвинетиот претходно побарал да не одговора на прашањата на судот.

Петровиќ рече дека во оваа фаза на постапката, вклучувајќи го и денешното рочиште, не сака да ја презентира својата одбрана, оставајќи отворена можност тоа да го стори подоцна.

Тие се обвинети за учество во убиствата на стотици Бошњаци во селото Кравица, во близина на Братунац, во источна Босна.

Во вечерните часови, на 13 јули 1995 година, околу 1.000 заробени Бошњаци од Сребреница беа однесени во земјоделската задруга во Кравица, каде што беа убиени.

Убиствата во Кравица, се едни во низата масакри што ги извршија силите на босанските Срби, по падот на Сребреница во јули 1995 година, при што беа убиени околу 7.000 муслимански мажи и момчиња.

Секоја година, во спомен на жртвите, во рамките на одбележувањето на масакрот во Сребреница, кој се смета за геноцид, се организира верска церемонија и се положува цвеќе пред земјоделската задруга Кравица.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРН), во својот извештај објавен во мај, укажува дека српските власти не ја признаваат тежината на злосторствата извршени во Сребреница.