Актуелно

Нови медиуми – нови газди

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сопственикот на градежната компанија „Трансмет“, Сеад Кочан, отвора телевизија „Нова“, која најверојатно ќе почне со емитување програма од јануари следната година. Станува збор за четврта кабловска телевизија која годинава доби дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа.
odluka

Пред ТВ Нова, дозволи добија „Арт Тетово“, телевизија „21“ и „Шења“, што предизвика мал миграционен бран на новинарите и вработените од постојните медиуми. Некои од нив проследени и со скандали и обвинувања за партиски притисоци како што е трансферот на новинарот Мухамед Зекири, кој замина од Алсат-М во ТВ Шења.

Заминувањето на заштитното лице на Алсат – М со дел од новинарската екипа, вклучително и оставката на извршната директорка од истата телевизија, не е единствената вест која говори за големи промени на медиумскиот пејзаж.

Веднаш по објавувањето на огласот за екипирање на новата телевизија на Сеад Кочан, започнаа претпоставките кој ќе ја води, затоа што од профилот на првите луѓе, лесно може да се предвиди и идната уредувачка политика на новиот медиум.

Марјан Цветковски, директор на Македонската радио-телевизија за БИРН ги демантираше гласините дека новата телевизија на Кочан е негово следно одредиште. Тој вели дека нема никаква намера да го напушта јавниот сервис.

„Јас првпат слушам дека ќе се отвора таква телевизија. Мојот договор со МРТВ важи во наредните три години и немам никаква намера да ја напуштам позицијата“, вели Цветковски.

Турбуленции во медиумскиот простор

mediumi1

„Орка холдинг“ на Орце Камчев ги демантираше информациите дека ќе ги продава весниците „Дневник“ и „Утрински весник“

Во последниов период се ширеа и шпекулациите дека бизнисменот Орце Камчев ќе ги продава дневните весниците на групацијата „Медиа принт Македонија“ и „Графички центар“ на извесна турска компанија.

„Орка холдинг“ на Орце Камчев ги демантираше овие информации.

За двојазичната телевизија „Шења“, пак, медиумите пишуваа дека е блиска до движењето на албанските интелектуалци Беса, кое според јавната изјава на Арбен Таравари од Движењето за реформи во ДПА може да биде дел од новата засилена албанска колација на претстојните избори. Оваа телевизија се доведува во релација и со новата партија на „Унитети“, но лидерот на партијата Гзим Острени во интервју за БИРН ги отфрли таквите шпекулации.

На ниво на кулоари се и информациите за наводна заинтересираност на странски телевизии како „Russia Today“ за купување две домашни телевизии со национална концесија, како и преговорите на кабелската ТВ 24 вести за промена на сопственоста.

Кој е Сеад Кочан, сопственикот на ТВ Нова?

Sead-Kocan-Transmet

Во снимките на опозицијата, премиерот Никола Груевски го именуваше Кочан како „лицето што вози сеат“

Бизнисменот Сеад Кочан, газдата на ТВ Нова, се јавува како сопственик во повеќе компании, а неговото име беше споменувано и во „политичките бомби“ што ги објавуваше СДСМ. Она што најмногу паѓаше в очи е дека во снимките на опозицијата, премиерот Никола Груевски го именуваше Кочан како „лицето што вози сеат“. Во тој разговор што го обелодени СДСМ наводно се зборува за конзорциум што би требало да го формира лицето „Сеат Ибица“.

„И овие нека влезат во игра, да се задоволни сите“, наводно вели Груевски во разговорот кој се води за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на микролокација во рудник Суводол во РЕК Битола.

Фирмата на Кочан минатата година се вклучи во изградбата на втората делница Кичево – Охрид во изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Освен во „Трансмет“ ДОО и идната ТВ Нова, Кочан се јавува како сопственик во друштвото за градежништво БКС компанија ДОО, Тибел Медиа ДООЕЛ и во две здруженија, за обединување на Бошњаците од Македонија (АВАЗ) и за промоција и поддршка на активности за надминување на јазот за финансирање (Бизнис ангели). Во најголем број од бизнисите, вклучително и во ТВ Нова, како директор се јавува Асмира Кочан.

Во денеска објавениот оглас, телевизијата бара технички директор, 6 уредници, над 30 новинари, возачи, сниматели, техничари…

Кочан не одговараше на повиците и на смс-пораките на БИРН, за да образложи од кои причини влегува во медиумскиот бизнис и со какви содржини ќе се занимава новата телевизија. Она што засега се знае е дека околу 60 проценти од програмата ќе биде од информативен карактер.

Познавачите на телевизискиот бизнис коментираат дека според на објавените работни позиции станува збор за амбициозен и скап проект, ако се има предвид дека малите телевизии функционираат со многу помал број вработени.