Регион

Од Србија побарано да ги гони лицата кои имале високи позиции во војната

Група невладини организации, побара од српската влада, да ги процесира за воени злосторства лицата што во војната имале високи позиции и да го спречи, како што велат, величењето на воените злосторници.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Специјалниот суд во Белград. Фото: АП/Дарко Војиновиќ

Група од 14 српски невладини организации, ја повика во петок српската влада, да соработува со меѓународните институции и да ја спроведе стратегија за процесирање на воените злосторства, вклучувајќи ги и судењата на високи воени официјални лица.

„Апелираме до претставниците на државата итно да престанат со создавање на клима во која … величењето на злосторниците и минимизирањето на жртвите станаа секојдневие“, се вели во соопштението на овие невладини организации.

Тие ја повикаа владата да „ги проучи извештаите и да ги разгледа критиките “на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Серж Брамерц.

Брамерц, во своето обраќање пред Советот за безбедност на ООН во средата, рече дека геноцидот и етничкото чистење извршено за време на војната во Босна и Херцеговина, се негира. Србија не признава дека масакрот во Сребреница во 1995 година е геноцид, без оглед на пресудите на меѓународните судови.

Невладините организации, исто така, побараа од владата да обрне внимание на критиките на претседателот на МКТЈ, Кармил Агиус, кој во средата го повика Советот за безбедност на ООН да дејствуваат за да се спречи неисполнувањето на обврските што Србија ги има кон овој суд за воени злосторства.

Агиус истакна дека Белград не ги исполнил своите обврски во согласност со Статутот на Трибуналот и одбил да ги спроведе налозите за апсење на тројцата членови на СРП, обвинети за непочитување на судот.

Српското Министерство за правда во четвртокот соопшти дека Вишиот суд во Белград, веќе има донесено одлука за нивна неекстрадиција.

Невладините организации ги повикаа српските власти сериозно да ги сфатат воените злосторства.

„Првиот важен чекор во оваа насока би бил доследно спроведување на Националната стратегија и на Акцискиот план за процесирање на воените злосторства, за почитувањето на правата на жртвите и за отклонот на државните органи и политички партии, особено на владејачката партија, од осудените и осомничени лица за воени злосторства”, соопштија овие организации.

Зад ова соопштение стојат невладините Астра, Белградскиот центар за човекови права, Центарот за евроатлански студии, Бранители на граѓанските права, Фондот за хуманитарно право,Гграѓанската акција Панчево, Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Младинската иницијатива за човекови права, Мрежата на одборот за човекови права во Србија, Независното здружение на новинари на Војводина, Праксис, Санџачкиот одбор за заштита на човековите права и слободи, ЈУКОМ – Комитетот на правници за човекови права и Жени во црно.

Објавено и на Балканска транзициска правда