Пишува: Свен Милекиќ/Загреб
Адвокатот на поранешниот југословенски разузнавач, Јосип Перковиќ, потврди дека поднел жалба против пресудата, со која Перковиќ беше осуден за убиство на хрватски емигрант во Германија, извршено во 1983 година.
За БИРН, од тимот на одбраната на Јосип Перковиќ, поранешен функционер во Службата за државна безбедност (СДБ), потврдија дека во вторник, пред судот во Минхен, поднеле жалба на пресудата.
Да потсетиме, Перковиќ, заедно со Здравко Мустач, кој бил негов претпоставен, во август минатата година беа осудени на казна доживотен затвор, за соучесништво во убиството на хрватскиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ, извршено во Германија во 1983 година, во неговата гаража во Волфсратхаусен во близина на Минхен, каде што се печател антијугословенски пропаганден материјал.
Мустач во тоа време бил на чело на хрватскиот огранок на СДБ, а Перковиќ шеф на одделот задолжен за емиграција на СДБ.
Тие, наводно, го организирале убиството за да го замолчат Ѓурековиќ, кој имал информации за наводни криминални активности на Вања Шпиљак, син на Мика Шпиљак, член на југословенското претседателство, во државната компанија ИНА.
Ѓурековиќ, пред да избега во Германија во 1982 година, работел за ИНА како директор на маркетинг службата.
Адвокатот на Перковиќ, Анто Нобило, за БИРН потврди дека поднеле тужба, додавајќи дека судијата Манфред Даустер треба да се изземе од судењето.
„Претседателот на судскиот совет, Даустер, не треба да биде член на советот, бидејќи беше во советот во случајот на (Крунослав) Пратес“, рече тој.
„Станува збор за истото кривично дело, при што соучесниците беа осудени врз основа на истиот доказ, па оттука судијата Даустер имал предрасуди за вината на Перковиќ, уште пред почетокот на самото судење“, додаде тој.
Германскиот суд во 2008 година ја осуди клучната личност во убиството на Ѓурековиќ, информаторот на СДБ, Крунослав Пратес, на казна доживотен затвор, заради негова вмешаност во убиството.
Како шеф на одделот за емиграција на СДБ, Перковиќ му бил надреден на Пратес, рече судијата.
Сепак, во текот на судењето, Пратес изјави дека „целата приказна е измислица“ и го потврди претходниот исказ, кој им го дал на германските иследници.
Нобило рече дека причина за поднесување на тужбата е и одлуката на Даустер да се отфрлат сведоштвата на тројца предложени сведоци на одбраната, сите тројца поранешни членови на СДБ.
Посочи дека сведоците ќе сведочеле оти „СДБ ја организирала операцијата која што се однесувала на Ѓурековиќ“, доверувајќи му ја задачата на починатиот српски паравоен командант, Жељко Ражнатовиќ Аркан.
„Според оригиналната наредба, Ѓурековиќ требало да биде киднапиран и донесен во Југославија, каде требало да му се суди“, вели Нобило.
Нобило смета оти образложението што Даустер го дал кога ги одбил тројцата сведоци на одбраната, дека „тие доаѓаат од странство (надвор од Германија), што би го закомплицирало случајот“, не било валидна причина, бидејќи голем број сведоци на судењето биле од поранешна Југославија или сведочеле преку видео врска.
Екстрадицијата на Перковиќ и на Мустач во Германија во 2013 година, беше долг процес, а судењето започна во октомври 2014 година. И двајцата изјавија дека не се виновни.