Регион

Отворен предмет против Додик поради „говор на омраза“

Државниот обвинител на Босна и Херцеговина, отвори предмет против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, поради неговата изјава дека Бошњаците кои се враќаат во своите домови во кои живееле пред војната, ја „окупираат“ источна Босна.

Пишува: Игор Спаиќ, Сараево
 

Милорад Додик

Обвинителството на БиХ отвори предмет против Милорад Додик, заради говор на омраза, бидејќи на почетокот на овој месец, тој изјавил дека исламските организации го финансираат враќањето на Бошњаците покрај границата со Србија, „за повторно, на тој начин, да ја окупираат Дрина…“, објави интернет-порталот klix.ba во понеделникот.

Предметот е отворен врз основа на пријавата на бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ.

Изетбеговиќ изјави дека станува збор за „најопасна изјава на некој политичар од БиХ, од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, па досега“, и истакна дека изјавата претставува еден вид на заплашување на бошњачките повратници во областа на Подриње, источна Босна.

„Од наведената изјава на Милорад Додик, недвосмислено произлегува оти тој верува дека Бошњаците до 1992 година биле окупатори на Дрина, па веројатно заради ова требало да бидат протерани од нивните вековни домови“, рече Изетбеговиќ.

Додаде дека изјавата имплицира дека враќањето на Бошњаците во оваа област „е повторна окупација на овој дел на БиХ, која треба да се спречи“.

Изетбеговиќ испрати писмо и до високиот претставник на БиХ, Валентин Инцко, и до Советот за спроведување на мирот, чии членови се амбасадорите на земјите кои како гаранти го потпишаа мировниот договор.

За време на војната, силите на босанските Срби го протераа или убија поголемиот дел од бошњачкото население во источна Босна.

Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој заврши војната во БиХ, го гарантира правото на протераните лица на безбедно враќање во предвоените домови, иако досега се вратиле мал број од нив, затоа што повеќето веруваат дека враќањето сѐ уште не е безбедно.

Додик, кој ја даде изјавата на 7 јули во Братунац, на комеморацијата организирана во знак на сеќавање на Србите убиени во источна Босна, за време на војната 1992-1995 година, ги отфрли наводите на Изетбеговиќ, како негов обид да го криминализира раководството на Република Српска.

„Реков дека постојат организации кои давале пари, луѓето исклучиво да се враќаат на исток и по должината на Дрина и дека тоа претставува нов обид да се оживеат старите стратешки цели“, изјавил Додик, објавува босанската ТВ1.

„Бошњаците живеат слободно во Братунац, Сребреница и на други локации. Јас не реков дека не треба да дојдат“, додал Додик.

Изјавата на Додик ја коментираше и Инцко, кој истакна дека таквото однесување „заслужува секаква осуда, суштински е неприфатливо и е навреда за секоја жртва или преживеан“.

„Единствената цел на изјавите, како онаа што неодамна ја даде претседателот на ентитетот РС, Додик, е да внесе страв меѓу припадниците на една од најранливите категории на населението во БиХ. Тој треба да знае дека никаква политичка кампања не може да ја оправда таквата изјава“, се вели во соопштението на високиот претставник, објавено во неделата.