Регион

ФХП: Србија му ги предаде бегалците од Сребреница на Младиќ

Фондот за хуманитарно право најави дека ќе поднесе кривична пријава против официјалните лица на Србија, кои на Ратко Младиќ му ги предале бошњачките бегалци, кои од Сребреница избегале во Србија.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Бошњачка на погребот во Меморијалниот центар во Поточари на 11 јули. Фото: Бета, АП, Амел Емриќ.

Во извештајот, кој во четвртокот го објави Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, се вели дека оваа организација идентификувала 30 бошњачки бегалци кои, по геноцидот извршен во јули 1995 година во Сребреница, ја поминале границата и побарале засолниште во Југославија, но подоцна им биле предадени на силите на босанските Срби, кои убиле најмалку 15 од нив.

Деветмина од нив и денес се водат како исчезнати, додека шестмина од бегалците преживеале.

На презентацијата на извештајот на ФХП во Белград, еден од преживеаните, Мухамед Авдиќ, раскажа како го изгубил татко му, Азем, кој и денес се води како исчезнато лице.

„Мајка ми, сестра ми и јас се разделивме со него на 30 март 1993 година, кога (командантот на Војската на Република Српска, Ратко) Младиќ беше на влезот во Сребреница“, изјави Авдиќ, кој тогаш бил тинејџер.

Тој и неговото семејство, со хуманитарен камион на ООН тргнале кон Тузла (која била под контрола на босанската армија), а неговиот татко останал. Нивната единствена комуникација со Азем биле писмата кои доаѓале преку Црвениот Крст.

„Бевме среќни кога Сребреница беше прогласена за заштитена зона и чекавме татко ми да се врати. Во август 1995 година добивме информација дека е заробен“, изјави Авдиќ.

ФХП нашол службени податоци кои посочуваат дека полицијата од Бајина Башта го уапсила Азем на 31 јули 1995 година, 20 дена по падот на Сребреница.

Го предале на граничната полиција, а тие го предале на Братуначката бригада на Војската на Република Српска. Оттогаш, никогаш повеќе не го виделе.

По окупацијата на Сребреница, на 11 јули 1995 година, српските сили убиле околу 8.000 Бошњаци, чин кој, според пресудите на меѓународните судови, е окфалификуван како геноцид.

По масовните убиства, ВРС трагала по Бошњаците кои избегале. Потрагата, заробувањето и убивањето на преостанатите мажи, по падот на Сребреница, траеле со недели, се вели во извештајот на ФХП.

„Секој кој ќе бил фатен на територијата на Србија, бил предаван во рацете на ВРС, вклучувајќи ги и оние кои, според полициските досиеја, се самоповредувале за да ја избегнат депортацијата“, изјави Милица Костиќ од ФХП.

Според извештајот, ниту еден суд, национален или меѓународен, никогаш не процесирал ниту едно официјално лице од Србија, за ова злосторство.

Еден од преживеаните, Абдурахман Малкиќ, изјави дека ја напуштил Сребреница во јули 1995 година, кога паднала во рацете на силите на босанските Срби.

„Тргнав по патот на спасот, кон Тузла, бевме 15.000 во колона од десет километри“, изјави Малкиќ.

По константните напади врз колоната бегалци, тој и неговиот брат ја препливале реката Дрина и преминале во Србија.

Според податоците до кои дошол ФХП, тие, заедно со други мажи, биле заробени на 23 јули.

По депортацијата во БиХ, шестмина од нив, меѓу кои и Малкиќ, биле префрлени во логорот Батковиќ кај Бијелина. Тие се единствените кои ја преживеале депортацијата.

„Тоа била рутинска операција. Мажите кои биле апсени од српската полиција биле предавани на граничната полиција во Бајина Башта или во Љубовија. Таму ги сослушувале и ги мачеле, а потоа ги предавале на граничната полиција на РС, која, пак, ги предавала на ВРС“, истакна Костиќ.

Таа додаде дека Србија знаела дека тие мажи се бегалци од Сребреница и дека се во опасност.

„Што е најважно, сите знаеле дека илјадници мажи од Сребреница се систематски убиени“, изјави таа.

На презентацијата на извештајот, Мухамед Авдиќ ја покажа фотографијата од неговиот татко, кој бил наставник, на која тој е опкружен со своите ученици од бошњачка и српска националност.

„Бидејќи се соочуваме со негирање на геноцидот и со тврдењата дека бројките (на жртвите од Сребреница) се измислени, тука е доказот дека мојот тако живеел“, изјави Авдиќ.

„Се надевам дека државните органи кои сакаат да ја одбранат честа на Србија, ќе направат нешто и ќе ги казнат виновниците“, додаде тој.

Објавено и на Балканска транзициска правда