Регион

По пресудата на Станишиќ и Симатовиќ

Насловните страници на српските весници, ден по пресудата на Станишиќ и Симатовиќ. Фото: БИРН.

Во денешните изданија, повеќето српски весници ја објавуваат веста за осудителната пресуда на Станишиќ и Симатовиќ на своите насловни страници, опишувајќи ја како „неправда“.

„Информатор“ пишува дека Станишиќ и Симатовиќ биле „осудени без никакви докази“. „Вечерње новости“ објави дека тие биле осудени иако немаат „врска со паравојските“, додека „Објектив“ излезе со наслов „Хашка правда: Србин сте, виновен сте“.

Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, вчеравечер изјави дека трибуналите на ООН за поранешна Југославија „се направени да им судат на Србите и да го судат народот на Србија во целина“.

„Оваа пресуда треба, на крајот, да служи за осуда на народот во Србија“, истакна Вулин за ТВ Пинк.

За време на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина во 90-тите години, Станишиќ, и неговиот заменик, Симатовиќ, беа на чело на ДБ на Србија и беа блиски соработници на Слободан Милошевиќ.

Тие вчера беа осудени на по 12 години затвор, за помагање и поттикнување на злосторства извршени од специјалната единица на ДБ во областа на Босански Шамац, за време на војната во БиХ, во 1992 година, но беа ослободени од обвиненијата за одговорност за други злосторства извршени од српските единици во други места во БиХ и Хрватска.

Пресудите беа внимателно поздравени од српските активисти за човекови права. Соња Бисерко, претседател на белградскиот Хелсиншки комитет за човекови права, рече дека тоа е „максимумот што можевме да го добиеме“.

Сепак, додаде таа, заклучокот на пресудата, дека единиците под контрола на Србија се бореле во војната во БиХ, „се вклопува во општата слика за улогата на Србија во таа војна“.

Иако белградските власти негираат дека Србија директно учествувала во војните, пресудата утврди дека единицата за специјални операции (ЕСО) на  ДБ, која била под контрола на Станишиќ и Симатовиќ, извршила злосторства во Босански Шамац.

Хрватска незадоволна од пресудата

Иако Станишиќ и Симатовиќ беа осудени на по 12 години затвор, хрватското Министерство за правда и управа соопшти дека е незадоволно што тие двајца не биле осудени за сите кривични дела наведени во обвинението.

„Веруваме дека пресудата со која Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ беа осудени само за сторени злосторства во Босански Шамац, не ги одразува воените настани и вистинските улоги на Станишиќ и Симатовиќ за време на агресијата на Голема Србија против Република Хрватска и Босна и Херцеговина“, се вели во денешното соопштение на Министерството.

Тие додадоа дека се незадоволни и затоа што Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвинението за учество во заеднички злосторнички потфат (ЗЗП) насочен кон етничко чистење на Хрватите, иако претходните пресуди на Хашкиот трибунал „утврдија постоење на ЗЗП, во кое заедно со највисоките функционери на Србија, предводени од Слободан Милошевиќ, учествувале и Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ“.

Министерството изрази надеж дека судот на ООН ќе ја промени пресудата во жалбена постапка и ќе ги осуди Станишиќ и Симатовиќ за сите злосторства наведени во обвинението.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, исто така, изјави дека пресудата е несоодветна.

„Веруваме дека Станишиќ и Симатовиќ беа меѓу клучните луѓе за спроведување на големосрпската политика и агресија на Хрватска и БиХ, и дека тие учествуваа во најстрашните злосторства“, изјави вчера Пленковиќ за медиумите.

Повеќето хрватски мејнстрим медиуми ја коментираа пресудата, но без употреба на сензационалистички наслови. „Клучните разузнавачи на Милошевиќ осудени во Хаг“ беше насловот во дневниот весник, „Јутарњи лист“.

Milica Stojanovic and Anja Vladisavljevic