Вести

Пратениците евакуирани, ситуацијата се смирува

Евакуирани се сите пратеници од Собранието и издадена е наредба на полициските службеници на терен да извршат проверка на сите работни простории во Собранието за евентуално останати лица на кои им е потребна медицинска помош, информираат од МВР.

 „Исто така издадена е наредба на полициски службеници при Секторот за внатрешни работи Скопје за проверка на болниците во градот за утврдување на број на повредени лица и нивна здравствена состојба“, се вели во соопштението.

На улицата пред Собранието сè уште се собрани демонстранти од иницијативата „За заедничка Македонија“, но ситуацијата полека се смирува иако најавите се дека дел од демонстрантите вечерта ќе ја поминат пред законодавниот дом, информираат репортерите на БИРН од теренот. На оваа тензична ситуација претходеа шок-бомби, со цел да се разбие толпата, односно демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“ кои околу 19 часот упаднаа во собраниските сали и повредија неколку пратеници и полицајци.

До 23.30 часот во Градската општа болница 8-ми септември, Градска болница Св Климент Охридски и Клинички Центар лекарска помош побарале 70 граѓани, 22 полициски службеници и тројца  пратеници. Дополнително во Касарната Ѓорче Петров лекарска помош укажана е на уште седум лица, информираат од МВР. 

Хелсиншкиот комитет за човекови права одговорноста за инцидентите ја гледа и во полициските екипи, кои дозволиле влез на демонстрантите во законодавниот дом.

„Видно од многубројните видео снимки, полицајците задолжени за чување на јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во собраниските сали, дозволија непречен влез на протестантите. Влезот им беше дозволен и на лица кои беа маскирани со „фантомки“ и качулки и кои со себе носеа тврди и остри предмети наменети за загрозување на физичкиот интегритет на присутните во Собранието. Набрзо потоа беа повредени неколку пратеници, а на местата на извршувањето на кривичните дела не беше забележано присуство на полиција“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет укажува дека одговорноста за ваквиот вандалски чин е кај напаѓачите, организаторите на протестот и особено кај присутните полициски службеници и нивните претпоставени.

Инцидентите во Собранието почнаа откако Талат Џафери од ДУИ беше избран за нов претседател на Собранието и ја прочита свечената заклетва. Тој, кога имаше намера да даде изјава за медиумите, демонстрантите од движењето „За заедничка Македонија“ влегоа во Собранието, по што настана целосен хаос.

„Едноставно не знаевме што попрво да правиме, дали да се спасуваме себе или да известуваме за јавноста. Влегоа во салата со качунки на главите, ни земаа дел од телевизиските стативи и со нив, колку што видов, беа повредени дел од пратениците“, изјави Боби Христов, уредник во ТВ Телма, на вонредните телевизиски вести.

Еден од повредените пратеници е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев | Фото: Радио Слободна Европа

Тој лично видел како Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски и Зијадин Села биле повредени. Според снимките на камерите, можеше да се види и како пратеничката од СДСМ Радмила Шекеринска ја влечат за коса, откако претходно, еден од демонстрантите кој влезе во Собранието, ја удри со телевизиски статив по главата.

Од Градската болница изјавија дека седум лица со повреди на главата и едно со повреда на колено се примени на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Од осуммината примени на Клиниката само едно лице кое имало потрес на мозокот е хоспитализирано, но било во добра општа состојба.

Дел од новинарите на социјалните мрежи бараа помош, откако буквално беа заробени во собраниската сала, по влегувањето на демонстрантите од иницијативата „За заедничка Македонија“. Дел од новинарите, особено оние од опозициските медиуми, беа вербално напаѓани, а екипата на телевизија Телма беше нападната со камења.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е во Виена и најверојатно во текот на денот ќе пристигне во Скопје. Тој се јави на социјалните мрежи, каде што повика на смиреност.

„Народот да не подлегнува на провокациите на СДСМ и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште поголема криза. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на овие антидржавни постапки на СДСМ преку правни и политички демократски средства“.

Претседателот Ѓорге Иванов на прес-конференција на која не беа дозволени новинарски прашања изјави дека за утре (петок) ќе повика на лидерска средба за да се најде излез за состојбата. Претседателот на прес-конференцијата не ги осуди вечерашните инциденти. 

СДСМ, пак, преку соопштение, изјавија дека Иванов не е ништо друго, освен извршител на Никола Груевски.

„Иванов со Груевски и Вељаноски ќе сноси одговорност за крвавото сценарио во Парламентот. Иванов работеше спротивно на Уставот и неговите должности пред граѓаните со тоа што го поддржа насилството на Груевски и заедно со Груевски и со Трајко Вељаноски свесно работеше на омраза и поделби во државата“, се вели во соопштението на СДСМ.