Регион

Продолжува судењето на Станишиќ и Симатовиќ

Обновеното судење на поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, обвинети за злосторства во Хрватска и во Босна и Херцеговина, ќе продолжи во вторник.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Бившите шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки. Фото: ММКТ

Пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), во вторник во Хаг, продолжува обновеното судење на поранешните шефови на српската СДБ, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ наречен Френки, обвинети за злосторства во Хрватска и во БиХ.

По едномесечната летна пауза, судиите во вечерните часови, преку видео линк, ќе го слушнат сведочењето на заштитениот сведок на обвинителството, кој се наоѓа во прекуокеанска земја.

Првообвинетиот Станишиќ нема да се појави во судницата во Хаг, бидејќи е на привремена слобода во Србија до 27 септември. Тој се откажа од правото да присуствува на судењето и него ќе го застапуваат адвокатите.

Станишиќ,пак, побара, поради болест, на привремена слобода да остане сѐ додека обвинителите не побараат изнесување на доказите против него. Судиите дополнително ќе донесат одлука за ова барање.

Станишиќ, според наодите на лекарите во Хаг и во Белград, страда од хронична болест на дигестивниот систем и од депресија.

Второобвинетиот Симатовиќ, беше на привремена слобода на која беше пуштен на 21 јули и тој се врати во судскиот притвор на 16 август.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ. По четири точки од обвинението тие се товарат за злосторства против човештвото, додека петтата ги товари за кршење на законите и обичаите на војување.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, според обвинителите, се извршени во текот на спроведувањето на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, а заради остварување на српска доминација.

На чело на злосторничкиот потфат, според обвинителите, бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.

На повторениот процес кој се води против Станишиќ и Симатовиќ, кој почна на 13 јуни, до денес, сведочеа седум сведоци: РФЈ-153, Радослав Максиќ, Џон Вилсон, РФЈ-072, Владо Вуковиќ, РФЈ-066 и заштитен сведок чиј псевдоним судот не го соопшти.

Сите сведочеа за улогата на Станишиќ и Симатовиќ во формирањето, вооружувањето и командувањето со српските сили, кои, според обвинението, ги извршиле злосторствата над хрватските цивили во САО (Српската автономна област) Краина, во периодот 1991-1992 година.

По првото судење, кое, по еден неуспешен обид, започна во 2009 година, Судскиот совет на Хашкиот трибунал на 29 мај 2013 година ги ослободи Станишиќ и Симатовиќ по сите пет точки од обвинението.

Меѓутоа, Жалбениот совет на Меѓународниот суд, на 15 декември 2015 година, ги усвои клучните основи на жалбата што на пресудата ја поднесе обвинителството. Ја поништи ослободителната пресуда и наложи судењето да се повтори.

Обвинетите во хашкиот притвор прв пат се најдоа во 2003 година, кога беа уапсени од страна на властите во Србија, по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

Оттогаш, Меѓународниот суд повеќепати ги пушташе на привремена слобода.

Според неговата одбрана, Станишиќ повеќе од шест години поминал на привремена слобода, а повеќе од пет години во притвор.

Обновениот процес против Станишиќ и Симатовиќ е последниот во кој судиите ќе утврдуваат дали овие поранешни функционери на Србија се виновни за воени злосторства во Хрватска и во БиХ.

Пред Хашкиот трибунал ниту еден државен функционер на Србија не е осуден за овие злосторства.

За злосторства против човештвото во Хрватска и за геноцид во БиХ, извршени во периодот 1991-1995, беше обвинет тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.

Сепак, тој, пред крајот на процесот, во 2006 година, почина во притворот во Шевенинген.

Жалбениот совет на Меѓународниот суд, правосилно го ослободи генералот, Момчило Перишиќ, поранешен началник на Генералштабот на Војската на Југославија, ВЈ, поништувајќи ја првостепената пресуда со која тој беше прогласен за виновен за злосторства во Сараево, Загреб и во Сребреница и осуден на 27 години затвор.

Конечна пресуда по обвиненијата за злосторства во Хрватска и во БиХ, извршени во периодот 1993-1995, чека и Воислав Шешељ, кого првостепениот совет, во март минатата година, го ослободи од вината.

Во тоа време, сепак, Шешељ не беше функционер на владата во Белград, туку лидер на опозициската Српска радикална партија.

Објавено и на Балканска транзициска правда