Од сите избирачки места во кои се гласаше во вториот круг од локалните избори, СДСМ освои 18 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ 2, ДУИ 7, Алијансата за Албанците 3, а по едно градоначалниччко место добија ДПА, БЕСА и независниот кандидат Енвер Пајазити во Брвеница.
Кандидатот на СДСМ во Штип, Благој Бочварски, прогласи победа од неговиот противкандидат на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен градоначалник на оваа општина, Илчо Захариев. Во Кисела Вода победи Филип Темелковски од СДСМ, додека во Тетово Теута Арифи од ДУИ останува на градоначалничката позиција. Арбен Таравари од Алијансата на Албанците е новиот градоначалник на Гостивар, додека во Струга Рамиз Мерко од ДУИ го победи Зијадин Села, кој водеше во првиот круг на изборните и не ги призна изборните резултати.
Од инфографикот што следува може да се види вкупниот број на освоени градоначалнички места од двата изборни круга, поделени според партиите. ВМРО-ДПМНЕ во двата изборни круга ги освои градоначалничките места во Илинден, Сопиште, Петровец, Кавадарци и Зрновци додека Алијансата на Албанците ги доби Боговиње, Врапчиште и Гостивар. Желино е во рацете на БЕСА, додека независни кандидати за градоначалници добиваат Брвеница, Чучер Сандево и Могила.
Според конечните резултати на ДИК, СДСМ ќе раководи со 57 општини вклучително и град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во пет, ДУИ во 10, Алијансата за Албанците во три, Беса, ДПА и ДПТ во по една, а кандидати предложени од група избирачи во три општини.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кратко време по завршувањето на гласањето, одржа долга прес-конференција на која ја обвини власта и пред се полицијата за „нерегуларности, силување на демократијата и државата“. Тој изјави дека партијата нема да ги признае изборните резултати и побара предвремени парламентарни избори.
Груевски набројуваше бројни примери на изборни нергуларности, закани и други видови притисоци кои имале за цел „деморализирање, заплашување и уништување на опозицијата, на нејзините кандидати и членството“, а за тоа ги обвини „СС-бригадите и хунтата на Заев”.
Кратко време по изјавата на Груевски, претседателот на СДСМ и премиерот Зоран Заев го повика ВМРО-ДПМНЕ да ја преиспита одлуката за непризнавање на локалните избори.
„Ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита својот став за непризнавање на овој изборен процес за кој и тие самите знаат дека помина во целосна слободна, фер и демократска атмосфера. Ги разбирам овие тешки моменти исполнети со емоции, во кои се наоѓа раководството на нашиот политички противник, но се надевам дека ќе изнајдат сили да се однесуваат како одговорен политички субјект за кој и на овие избори гласале сериозен број на граѓани и ќе се вклучат и ќе дадат конструктивен придонес во реформите од суштинско значење за подобар живот на граѓаните“ порача Заев.
Струга во рацете на Мерко, Гостивар на Таравари
Последните информации за резултатите од гласањето на вториот круг од локалните избори за Струга покажаат дека Зијадин Села, кандидатот на Алијансата за Албанците загуби од неговиот противкандидат Рамиз Мерко.
Села изјави дека не ги признава резултатите од гласањето и рече дека имало поткуп и уцени на гласачи вршени од партиски активисти заедно со полицијата на како што рече, „правната држава“.
„Имајќи предвид дека демократијата е волјата на мнозинството, а мнозинството во Струга е на албанското население, во сите албански села го имаме победено ДУИ и тоа со резултат од два спрема еден. Не сме ги изгубиле изборите. Али Ахмети, те чекам на парламентарни избори“, изјави Села и додаде дека ќе достави жалби до Државната изборна комисија.
„Кој губи, има право да се лути“, изјави неговиот противкандидат Рамиз Мерко од ДУИ, велејќи дека денеска на изборите победила мултиетничка Струга.
Арбен Таравари од Алијансата на Албанците ја прогласи победата во Гостивар и изјави дека општината конечна е слободна.
„Го победивме малиот диктатор во Гостивар. Отсега сите граѓани и сите етникуми ќе живеат слободно. Продолжуваме понатаму, на следните парламентарни избори ќе ги победиме ДУИ на ниво на државата“, рече тој.
Таравари беше министер за здравство во Владата на Заев, па оттаму изненади и фактот што тој го обвини министерот Спасовски за притисоци, дека се јавувал на луѓе и агитирал за кандидати на ДУИ.
Неговиот противкандидат од редовите на ДУИ, Невзат Бејта, му ја честита победата на Таравари.
„Благодарам на поддршката, но мнозинството на граѓаните решија поинаку. Ние изгубивме и му ја честитам победата на мојот опонент. Ние како огранок ќе продолжиме со нашата политичка борба за идните генерации. Ние работевме за доброто на градот, но волјата на граѓаните беше поинаква и ти решија“, рече Бејта.
Од движењето БЕСА посочија дека регистрирале многу неправилности кои ги пријавиле во домашните и меѓународните институции, а подготвиле и пријави до ДИК.
На шестите локални избори право на глас имаа 1.814.644 граѓани. Во првиот круг излезеноста на изборите беше над 59 проценти, додека во вториот над 51 проценти. Партиите имаат рок од 24 часа за да поднесат приговори.