Вести

Се чекаат законски измени за да го сменат Цветковски од директор на МРТ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Владата нема поврзаност со повторниот избор на директорот на МРТ. Тоа го прави програмскиот совет на МРТ, кој е во стар состав, велат од Владата

Иако Владата крева раце од одговорност за резиборот на директорот на МРТ, Марјан Цветковски, долгиот период при носењето на измените на Законот за електронски медиуми и неможноста за договор меѓу инволвираните, донесе ситуација во која медиумската сфера која требаше да биде предмет на реформи, сè уште тапка во место.

Новиот закон меѓудругото треба да регулира, односно да направи измени во делот на изборот на Програмскиот совет на МРТ, кој пак го избира директорот на МРТ.

Марјан Цветковски беше реизбран од стариот програмски совет во состав Смилка Јанеска Саркањац, Снежана Клинчарова, Ведат Мемедали, Јагнула Куновска, Косана Николиќ – Мазнева, Гајур Рамадани, Илир Рамадани, Ристе Панов, Ивана Трајковска, Селпин Керим и Златко Јанковски. Членовите на Програмскиот совет на МРТ ги именува и разрешува Собранието.

Според досегашниот закон, по еден член на Програмскиот совет предлагаа Интеруниверзитетската конференција, Националната установа Албански театар, Националната установа Турски театар и двете здруженија на новинари од Македонија со најголем број членови, ЗЕЛС предлагаше кандидати за три члена, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието предлагаше кандидати за пет члена.

Kога ќе се изгласа законот, автоматски ќе им престане мандатот на досегашните членови на Програмскиот совет на МРТ, вели Манчевски

Според актуелните законски измени кои се пеглаат уште од јули минатата година, кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ треба да имаат работно искуство од најмалку 8 години во струката, кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, а на јавниот конкурс ќе поднесуваат кандидатура и писма на поддршка од најмалку две граѓански организации во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата, новинарски здруженија, здруженија од областа на културата итн.

„Во четврток или во петок на седница на Влада ќе бидат усвоени законските измени. Потоа законот ќе влезе во собраниска процедура, а кога ќе се изгласа законот, автоматски ќе им престане мандатот на досегашните членови на Програмскиот совет на МРТ. Новите членови ќе се бираат јавно, преку еден транспарентен процес, па целата јавност ќе има увид во нивните биографии и достигнувања во струката. Со сето ова, ќе биде тешко да се провлече некој што не е адекватен за таа позиција“, изјави за БИРН министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, додавајќи дека станува збор за закон кој регулира многу голема и важна сфера, па оттаму и долгиот период на усогласување на сите засегнати страни.

Слично нешто на брифингот со новинарите изјави и портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

„Владата нема поврзаност со повторниот избор на директорот на МРТ. Тоа го прави програмскиот совет на МРТ, кој е во стар состав и за кој граѓаните знаат кој членува во него, на кој начин работеше и кому служеше. Со новиот закон за аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионалност и департизација на МРТ и на АВМУ“.

Сепак, единствениот проблем е што членовите на Програмскиот совет на МРТ во Собранието треба да се бираат со двотретинско мнозинство, а од друга страна, Собранието е заглавено со Законот за јазици и со бојкотот на опозицијата па оттаму е невозможно да се утврди некаква временска рамка за тоа кога МРТ би добила нов Програмски совет и нов директор.

Законските измени беа отворени уште на 14 јули минатата година. Долг период требаше додека да се усогласат ставовите на медиумските организации, се чекаа коментарите од Европската комисија, а долго време се дебатираше и во однос на прашањето околу евентуалните обврски на операторите да ги пренесуваат телевизиите кои имаат национална концесија.

Од Министерството убедуваат дека законските измени сега се усогласени, а додека да бидат усвоени и да стапат во сила, ќе поминат неколку месеци. Уште толку време најмалку ќе треба да помине додека да се избере нов Програмски совет на МРТ, а дотогаш Марјан Цветковски останува да биде директор на јавниот сервис.

Реформирањето на јавниот сервис МРТВ беше дел од приоритетите предвидени со планот „3-6-9“, во согласност со препораките на Европската комисија, а со чие имплементирање треба да се обезбеди отстранување на условеноста на препораката за почеток на преговори на Македонија за влез во ЕУ.