Вести

Секој убиец на животни е потенцијален убиец на луѓе

Грозоморните слики од општината Росоман на обесена трудна кучка, избодена со нож во стомакот, сериозно ги вознемири граѓаните кои во овa препознаа садистички чин кој во себе крие многу повеќе од изреволтиран потег на жител на кого куче му изело кокошка.

kuce

Од Анима Мунди тврдат дека сторител на грозоморниот чин е извесен Звонко П. од Росоман

Она што уште повеќе вознемирува е изјавата на активистите од здружението „Гласот за животните“ кои тврдат дека откако отишле во полиција за да го пријават делото кое според Кривичниот закон предвидува затворска казна, полицајците не само што не сакале да извршат евидентирање на дело, туку го избркале пријавувачот.

Од СВР Велес за БИРН изјавија дека се врши внатрешна контрола за да се види дали навистина полициски службеник одбил да си ја врши работата.

„Постапуваме по случајот, и во врска со малтретирањето на животното, но и внатрешната контрола работи на тоа да се види однесувањето на полицискиот службеник навистина одбил да ја евидентира пријавата. Засега имаме првични сознанија за сторителот, а поради големиот интерес на јавноста за овој случај, наскоро ќе објавиме детали од истрагата“, вели Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

Појавите на малтретирање, убивање и труење на животни станува сè почеста појава во земјава. Крв по улиците, обесени животни, расфрлани отрови покрај контејнери, но и во дворови од училишта и градинки станаа речиси секојдневна слика во многу градови.

otrueno kuce

Отруено куче во Велес во близина на училиштето „Васил Главинов“

„Македонија во меѓународната јавност веќе е позната како држава каде што овие појави се секојдневни, а не се санкционирани“, вели Наташа Кнежевиќ од здружението Анима Мунди.

За само една година, ова здружение има поднесено стотина претставки и кривични пријави до Агенцијата за храна и ветеринарство и до МВР. Постапено е само по неколку.

„Институциите кај нас не реагираат на ваквите појави самоиницијативно. Мора да им се врши притисок за да преземат некакви мерки. Среќа што кај граѓаните се развива свеста дека станува збор за девијантно насилство, па почнуваат да ги пријавуваат случаите и да нè алармираат“, велат од „Анима мунди“.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, тврди дека речиси сите монструми познати во кривичното право имале историја со малтретирање животни.

„Отсуството на емпатија кон друго суштество и добивањето на задоволство од предизвикување болка на живо битие (садизам) се сериозни нарушувања кои треба сите да нè растревожат. Во развиените системи, покрај тоа што е казниво да се измачува животно, тоа е аларм за психо-патолошка состојба кај индивидуа. Потребата за доминација над друг не престанува, гладта да се повредува најчесто низ годините расте, така што голем процент од психопатите или сериските убијци имаат историја на повредување животни речиси како предвесник или како вежба за многу помонструозни дела. Кога тоа повеќе не ги задоволува нивните апетити, тие преоѓаат на човечки суштества над кои можат да доминираат, а тоа се најчесто ранливи категории на жени и деца“, вели Јошевска Анастасовска.

Отсуството на емпатија кон друго суштество и добивањето на задоволство од предизвикување болка на живо битие (садизам) се сериозни нарушувања кои треба сите да нè растревожат

Според измените во Кривичниот законик, предвидена е затворска казна од една година доколку некој малтретира животно.

„Оваа казна ќе ја бараме и од сторителот што го обеси и го избоде со нож кучето во Росоман. Поблага казна од тоа не прифаќаме. Ова не е класично насилство, ова е девијација во која сторителот ужива во делото што го прави и оттаму тој претставува закана за целото општество“, смета Кнежевиќ.

Токму поради сите овие девијации, расфрлањето отрови (односно пестициди, кои се наоѓаат во слободна продажба во земјоделските апетки), сè помасовни се барањата за формирање полиција за животни во Македонија. На петицијата се потпишани повеќе од 11 илјади македонски граѓани, истата е доставена до Собранието, но оттаму нема одговор.