Регион

Случај „Лора“: Сведоците „не се сеќаваат“ на злосторствата над Србите

Сведоци во случајот „Лора“, изјавија оти не се сеќаваат дека хрватската воена полиција, во 1992 година, извршила воени злосторства над српски цивили и воени затвореници, во воениот затвор Лора во Сплит.

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Сплит. Фото: Викимедиа комонс

Пред Окружниот суд во Сплит, во четврток продолжи обновеното судење за воени злосторства извршени над српски цивили и воени затвореници, во затворот Лора, во Сплит, во 1992 година, објави хрватската новинска агенција ХИНА.

На Томислав Дуиќ, поранешен управник на овој воен затвор и Емилио Бунгур, поранешен воен полицаец, им се суди во случаите „Лора 1“ и „Лора 2“, кои се судат паралелно.

Предметот „Лора 1“ се однесува на малтретирање, тепање и тортура над српски цивили, од кои двајца, Гојко Буловиќ и Ненад Кнежевиќ, биле убиени.

„Лора 2“ се однесува на истите злосторства, но извршени врз српски воени затвореници, од кои три лица, Бојан Весовиќ, Душан Јелиќ и Влада Савиќ, биле убиени и закопани во босанскиот град Томиславград.

Сведокот, Младен Толушиќ (49), хрватски бранител, кој во времето на злосторството служел во Лора, кој во војната официјално функционирал како воен затвор, не можеше да се сети на ништо од тој период, па судијата Владимир Живаљиќ ја прочита неговата претходна изјава.

„Во Лора имаше воен притвор што го водеше Томислав Дуиќ. Не знам кој му беше заменик. Немам сознанија што се случувало во воениот притвор, само знам дека затворениците добиваа иста храна како и војниците“, рече тој.

Како сведок се појави и 50-годишниот бранител, Давор Перишиќ, кој досега неколку пати ја менуваше својата изјава. И тој не можеше да се сети на случувањата во Лора, па затоа беше прочитана неговата претходна изјава.

Во една од тие изјави тој вели дека се сеќава на Буловиќ, за кого другите затворениците му рекле дека не може да стане од кревет. На затворениците им рекол да го изнесат од ќелијата, но тој потоа паднал на подот.

„Се обидов да го реанимира, но без успех. Го остави во ходникот … Јас Буловиќ не го тепав, а дали го тепаше некој од затворениците, не знам. Знам само дека Дуиќ забрани кој било да влегува во нивните ќелии“, рече тој.

Со оглед дека во втората изјава нагласил оти не се сеќава на Буловиќ, судијата Живаљиќ во четврток го праша кој од овие негови искази е точен. Перишиќ изјави дека нема што повеќе да каже и дека притисокот врз него да сведочи пред судот неколку пати, е еден вид на малтретирање.

„Страдам од амнезија, бидејќи имам големи проблеми со главата, а и двете деца ми се тешко болни. Навистина сум болен. Можам да ви донесам бројна документација. Имам чести главоболки. Целосно сум фрустриран и разочаран од она што се случува во општеството и државата. Се пријавив во одбрана на земјата и бев подготвен за неа да умрам“, заклучи на крајот од своето сведочење Перишиќ.

Во случајот „Лора 1“, Врховниот суд на Хрватска, во 2007 година, ги осуди на осум години затвор заменикот командант Тончи Вркиќ, и воените полицајци Анте Гудиќ и Анѓелко Ботиќ.

Тие беа обвинети и во случајот „Лора“ 2. Со пресудата што во април им ја изрече Окружниот суд во Сплит, Вркиќ беше осуден на единствена казна затвор од десет години, а Гудиќ и Ботиќ на по осум години.

Обвинети се и Дуиќ, кој беше уапсен во февруари 2016, по 11 години поминати во бегство, и Бунгур, уапсен во август 2015 година, по 10 години во бегство. Ним повторно им се суди во обновеното судење „Лора 1“, бидејќи претходните пресуди беа донесени во нивно отсуство.