На судењето на поранешните лидери на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, сведок на обвинителството изјави дека единицата “Црвени беретки”, која обвинетите, наводно, ја контролирале, вршела злосторства над цивилите од несрпска националност во Хрватска.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-151, изјави дека редовните и резервните полициски единици на хрватскиот регион Барања и единицата на СДБ на Србија, позната како „Црвени беретки”, од летото 1991 година, вршеле злосторства над цивилите од несрпска националност во селата во Барања.
„Главно беа вршени протерувања, но, се случуваа и убиства, а најмногу грабежи на имотот … Кривичните дела продолжија до 1995 година, иако со намален интензитет, но убиства имаше”, изјави сведокот, од чие сведочење произлезе дека бил член СДБ во Бели Манастир.
Додаде дека во Бели манастир била запалена и католичката црква.
На прашањето како знаел дека „Црвените беретки” е оперативна единица на СДБ на Србија, сведокот одговори оти тоа му го рекол „началникот на СДБ во Бели Манастир”.
РФЈ-151 сведочи на повторното судење на Станишиќ и неговиот помошник Симатовиќ, познат како Френки.
Ним повторно им се суди по обвинението за прогон, убиства, депортација и насилна преселба на цивили, Хрвати и муслимани, за време на војните во Хрватска и во БиХ, во периодот 1991-1995 година.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, на чие чело бил тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, а чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.
Според обвинението, „Црвените беретки” биле под контрола на СДБ на Србија.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Обвинителот, Адам Вебер, на сведокот тогаш му го презентираше извештајот на полицијата од Бели Манастир, во кој стои дека „на 21 септември 1991 година, во полициската станица во Даљ, дошле Горан Хаџиќ и Жељко Ражнатовиќ Аркан, и од таму одвеле повеќе од 25 заробеници”.
Според обвинението, Хаџиќ, премиер и претседател на самопрогласената Република Српска Краина и парамилитарниот водач, Ражнатовиќ, биле дел од заедничкиот злосторнички потфат. И двајцата повеќе не се живи.
РФЈ-151 сведочеше дека „Црвените беретки” се вратиле во Барања во пролетта 1995 година и „завеле терор”.
„Го малтретираа населението”, изјави сведокот, додавајќи дека единиците на СДБ имале контрола над овие области.
Судењето продолжува во среда.