Регион

Споменик на Ѓинѓиќ предизвика спор во Србија

Намерата на градските власти на Белград, да подигнат споменик во знак на сеќавање на поранешниот српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен во 2003 година, предизвика расправа меѓу владините противници.

Филип Рудиќ, Белград

Авторот на споменикот со представници на градската власт на Белград, покрај моделот на споменикот. Фото: Беоинфо

Одлуката на град Белград, на чие чело е Српската напредна партија, да изгради споменик на починатиот српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, кого во 2003 година го убија членови на криминална група, а кој беше голем политички противник на денешната власт, предизвика остри реакции кај критичарите, кои ги обвинија властите за лицемерие.

„Можат ли сопругата и децата на починатиот премиер да ја спречат оваа катастрофа?”, се вели во еден коментар на Фејсбук, по објавувањето на веста за подигање на споменик во чест на Ѓинѓиќ, на 12 март следната година, на 15-годишнината од неговата смрт.

„Не можам да верувам дека ќе му подигнат споменик!”, се вели во друг коментар. „Сите оние што го оплакуваат неговото убиство, го мразеа додека беше жив”.

Споменикот, кој има форма на скршена свиткана стрела, што ја симболизира посветеноста на Ѓинѓиќ на напредокот на Србија, но и неговата прерана смрт, беше избран меѓу 40 поднесени предлози.

„Градот сакаше споменик што не е класичен, туку модерен, исто како што беше живот на Ѓинѓиќ”, изјави за РТС, менаџерот на град Белград, Горан Весиќ.

Сепак, постојат мислења дека сегашната власт, која што ја предводи Српската напредна партија на претседателот, Александар Вучиќ, нема право на наследството на Ѓинѓиќ, бидејќи во деведесеттите беа негови жестоки непријатели.

„Ова е школски пример на цинизам”, се вели во еден онлајн коментар.

„Стрелата се закривува и ја менува насоката, веројатно затоа што Ѓинѓиќ се превртува во гроб”, беше објавено на Твитер.

Други се осврнуваат на дизајнот на предложениот споменик, при што коментираат дека е несоодветен, а други пак сметаат дека на Ѓинѓиќ треба да му се изгради класичен споменик.

„Некој се обидува да се игра со Ѓинѓиќ. Ова е сообраќаен знак. Непристојно е на човек кој што беше убиен со оружје, да му се става вакво нешто на споменикот“, напиша, Јанко Веселиновиќ, пратеник и поранешен член на Демократската партија на Ѓинѓиќ.

Весиќ рече дека изградбата на споменикот е идеја на претседателот Вучиќ.

„Вучиќ и Ѓинѓиќ не беа политички истомисленици, но Вучиќ предложи да му се подигне споменик. Ова е многу важно за нашето општество“, рече Весиќ за РТС.

Критичарите главно се фокусираат на ставот на Вучиќ кон Ѓинѓиќ, во времето кога претседателот на Србија беше член на Српската радикална партија.

Вучиќ, во тоа време, во една пригода, на булевар во Белград јавно лепеше плакати со името на командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, обвинет за воени злосторства и геноцид, на улични табли, преку името на Зоран Ѓинѓиќ.

На 12 март 2003 година, Звездан Јовановиќ, член на Земунскиот клан, го уби Ѓинѓиќ пред зградата на Владата во Белград.

Јовановиќ, за ова убиство, во мај 2007 година, беше осуден на 40 години затвор.

Затворски казни добија уште неколку други членови на Земунскиот клан, вклучувајќи го и Милорад Улемек Легија, поранешен командант на Единицата за специјални операции на Министерството за внатрешни работи на Србија.

Според судијата, Улемек го организирал убиството, додека Јовановиќ го повлекол чкрапалото.