На повтореното судење на поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, во Хаг, сведок на обвинителството сведочеше дека српската милиција, во нападот на хрватското село Саборско, во 1991 година, пљачкосувала и убивала Хрвати.
Пишува: Радоша Милутиновиќ, Белград
На повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, беше прочитана писмена изјава на заштитениот сведок на обвинителството, РФЈ-072, во која се наведува дека локалната српска милиција, вршела злосторства за време на напад на хрватското село Саборскo, во Лика, во ноември 1991 година.
Според изјавата, која беше прочитана од страна на обвинителот Едвард Русо, РФЈ-072 „не видел тела, но слушнал дека загинале 10-20 луѓе и дека нивните тела биле распарчени … Видел српски војници што палат куќи“.
Сведокот изјави дека злосторствата биле извршени од страна на „мартиќевци“, специјална единица на „редовната милиција“, која го добила називот по тогашниот министер за внатрешни работи на Српската автономна област (САО) Краина, Милан Мартиќ.
„Мартиќевци“, РФЈ-072 ги опиша како „локални Срби, кои биле на обука во логорот во Голубиќи“.
Според сведокот, „голем број мартиќевци“ биле чесни, но некои само сакале да вршат злосторства, и тоа го направиле за време и по напад врз Саборско.
За време на нападот на Саборско, „мартиќевци“ биле под команда на Никола Медаковиќ, наречен Теди, се вели во изјавата на РФЈ-072.
Според обвинението, „мартиќевци“ и другите единици, кои биле обучувани во логорот Голубиќи, ги формирала и контролирала Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија.
Станишиќ бил шеф на СДБ, а Симатовиќ негов помошник.
Тие се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина, 1991-1995 година.
РФЈ-072 сведочеше дека, како член на територијалната одбрана, учествувал во нападот на Саборско, кој на 12 ноември 1991 година го извршиле Југословенската народна армија (ЈНА) и самопрогласената милиција на САО Краина.
Според писмената изјава на сведокот, Саборско било „целосно уништено“ и ограбено.
„Сѐ гореше“, изјави сведокот во судницата, додавајќи дека никој не се обидел да ги изгасне пожарите, ниту пак да ги закопа мртвите.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.
Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Судењето продолжува во четврток.