Регион

Станишиќ и Симатовиќ „го спроведувале злосторничкиот план на Милошевиќ”

На обновеното судење на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки во Хаг, обвинителите ги оквалификува обвинетите како „клучни играчи” во здружен злосторнички потфат, кој имал за цел воспоставување на доминација на дел од територијата на Хрватска и на БиХ.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Обвинетите во судница. Фото: МКСЈ

Пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, започна повторното судење на Јовица Станишиќ, поранешен шеф на Државната безбедност на Србија, и на неговиот заменик, Франко Симатовиќ Френки, кои се обвинети за воени злосторства во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Тие се обвинети за прогон врз расна, верска и политичка основа, за убиства, депортација и присилен трансфер на цивили од хрватска и бошњачка националност.

Според обвинението, Станишиќ и Симатовиќ биле учесници во здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, кои потоа би биле припоени кон обединета српска држава.

Обвинителот Даглас Стрингер рече дека злосторничкото здружување, во пролетта 1991 година, „го осмислил” тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ.

Тој, според Стрингер, за спроведување на планот на теренот ги задолжил своите луѓе од доверба – Станишиќ и Симатовиќ.

„Милошевиќ бил движечка сила на злосторничкиот план, а имплементацијата им ја доверил на Станишиќ и Симатовиќ”, рече Стрингер.

Обвинетите, рече обвинителот, како и Милошевиќ и другите соучесници, од самиот почеток биле свесни дека без прогон на несрпското население и без злосторства, не може да се постигне обединување и етничка хомогенизација на териториите, што во Хрватска и во Босна и Херцеговина ги означиле како српски.

Идејата на Милошевиќ дека, по распадот на Југославија, „сите Срби треба да живеат на територија што ќе ја контролираат Србите”, Станишиќ и Симатовиќ ја спроведувале со формирањето на српски автономни региони во Хрватска и во Босна и Херцеговина, како и со формирање на нивни сили.

Во согласност со прокламираната цел, Станишиќ и Симатовиќ, како моќни лица на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, „ги овозможиле злосторствата” во Хрватска и во Босна и Херцеговина, со тоа што ги организирале, логистички ги поддржувале и „ги насочувале” српските сили кои вршеле злосторства, рече Стрингер.

„Злосторствата биле намера на Станишиќ и Симатовиќ”, потенцира Стрингер, додавајќи дека тие цели четири години во војната, стоеле зад српските единици, кои на теренот, насилно, со убиства, притворање, грабежи, силувања, депортации, протерале десетици илјади Хрвати и муслимани.

Како „единици на СДБ на Србија” што извршиле голем број злосторства, обвинителот ги издвои „Френкиевци”, која подоцна се трансформирала во „Црвени беретки”, односно единицата за специјални операции, потоа Српската доброволна гарда под команда на Жељко Ражнатовиќ Аркан и единицата „Шкорпиони”.

„Обвинетите одлучувале за тоа каде, како и кога ќе бидат ангажирани овие единици, кои оперирале во тајност, за да се прикрие раката на Милошевиќ”, рече обвинителот.

Според него, Станишиќ преку Симатовиќ, кој на теренот ги извршувал неговите инструкции, во специјални кампови во Хрватска и во Босна и Херцеговина, формирал, обучувал и вооружувал единици на локалните Срби, кои потоа под нивна контрола, учествувале во етничкото чистење.

Самиот Симатовиќ, рече обвинителот, го потврдил ова пред Милошевиќ, на прославата на годишнината на единицата за специјални операции во 1997 година, а снимката од говорот ќе биде објавена во текот на судењето.

Етничко чистење, според обвинителот, во 1991-1992, спроведувала и Југословенската народна армија (ЈНА), која била ставена „во служба на злосторничкото здружување” и „на српските борбени сили”.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата.

Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето продолжува во среда.