Регион

Судот го отфрли барањето Младиќ да се појави како сведок

Барањето, поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, да сведочи во постапката која се води врз основа на жалбата поднесена против ослободувањето на десетте лица, обвинети дека му помагале на Младиќ да се сокрие, во периодот додека се наоѓаше во бегство, не беше прифатено.

Пишува: Вања Ѓуриќ, Белград

Апелацискиот суд во Белград, во петок го отфрли барањето на одбраната, Младиќ да биде повикан како сведок, кој би можел да понуди докази во прилог на обвинетите, кои се товарат дека во периодот меѓу 2002 и 2006 година, додека Младиќ се наоѓаше во бегство поради подигнатото обвинение за воени злосторства, му помагале да се крие.

„Ова не беше официјално побарано пред денешното рочиште, па затоа го одбиваме барањето“, рече судијата Омер Хаџиомеровиќ.

Ратко Младиќ во судница на Хашкиот трибунал. Фото: Бета

Адвокатот на одбраната, Горан Петронијевиќ, изјави дека сведоштвото на Младиќ може да помогне во ослободување на обвинетите.

„Тој (Младиќ) најдобро знае дали некој го криел и кој“, рече Петронијевиќ пред судот.

Станко Ристиќ, Лилјана Васковиќ, Борислав Ивановиќ, Предраг Ристиќ, Саша Бадњар, Ратко Вучетиќ, Татјана Васковиќ-Јањушевиќ, Бојан Васковиќ, Марко Лугоња и Благоје Говедарица, во мај 2016 година, беа ослободени од обвинението дека му помагале на Младиќ.

Тие се товарат дека во различни временски периоди, од 2002 до 2006 година, му помагале на Младиќ, иако знаеле дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКС) има распишано потерница по него.

Беа ослободени, бидејќи судот утврди дека настапила застареност на делото.

Во претходните фази од овој случај, сите обвинети, освен Марко Лугоња, поранешно високо воено лице на ВРС, негираа дека му помагале на Младиќ.

Обвинетиот Станко Ристиќ пред судот денеска изјави: „Јас сум невин“. И останатите изјавија дека не се виновни.

Апелацискиот суд сега треба да ја разгледа пресудата.

Според првичното обвинение, главен организатор на акциите за криење на Младиќ, бил офицерот на ВРС, Јово Ѓого, кој почина во текот на судењето.

Младиќ беше уапсен во 2011 година во селото Лазарево, во близина на Зрењанин, по 16 години поминати во бегство.

Пред МКТЈ му се суди за геноцид во Сребреница, за протерување на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кое достигнало ниво на геноцид во неколку општини во БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Во декември минатата година, пред Трибуналот, и обвинителството и одбраната ги изведоа своите завршни зборови.

Изрекувањето на пресудата на Младиќ е планирано во ноември.