Регион

Во Белград продолжува судењето за злосторствата во Сребреница

Првото судење во Србија, за масовните убиства на Бошњаците од Сребреница, ќе продолжи. Вака реши Апелацискиот суд во Белград, кој ја поништи претходната одлука со која обвинителот требаше да поднесе нови обвиненија.

Филип Рудиќ, Белград

Судскиот процес кој се води против осум членови на Специјалната полициска бригада на Република Српска, РС, обвинети за учество во масакрот на Бошњаците во селото Кравица, во близина на Сребреница, во 1995 година, ќе продолжи. Имено, Апелацискиот суд на Србија во среда донесе одлука, дека обвинителот не треба да поднесува нови обвиненија, објави агенцијата Бета.

Судењето започна во февруари оваа година, но, во јули, обвиненијата беа отфрлени, поради тоа што не биле поднесене од овластен обвинител, бидејќи во тоа време позицијата јавен обвинител беше празна.

Во меѓувреме, новиот обвинител за воени злосторства, Снежана Станојковиќ, поднесе барање за продолжување на постапката, но Вишиот суд го отфрли.

Оваа одлука на Вишиот суд, сега ја поништи Апелацискиот суд, со што се овозможи продолжување на постапката.

Осумината поранешни припадници на специјалната бригада на МВР РС, се обвинети дека учествувале во организирање и стрелање на повеќе од 1.300 бошњачки цивили на фармата во селото Кравице, крај Сребреница, во јули 1995 година.

Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ се обвинети за воени злосторства, односно за стрелање на Бошњаците, кои по падот на Сребреница, биле заробени од Војската на Република Српска, ВРС.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри што по падот на Сребреница во јули 1995 година, ги изврши ВРС. Во овие масакри беа убиени околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Досега идентификувани се повеќе од 1.300 цивили убиени во Кравица. Нивните тела беа пронајдени во неколку масовни гробници во Босна и Херцеговина.

Обвиненија за геноцид против Милидраговиќ и Голијанин, првично подигна босанското обвинителство, но тие не можеа да бидат уапсени, бидејќи по завршувањето на војната во БиХ, во 1995 година, заминаа да живеат во Србија.

Откако во 2013 година Србија и БиХ потпишаа протокол за соработка на предметите за воени злосторства, доказите од босанското обвинителство, беа префрлени во Белград.

Босанското обвинителството ги терети Милидраговиќ, поранешен командант на специјалната полициска единица на РС, која делувала при Центарот за обука Јахорина, и неговиот заменик, Голијанин, за учество во извршување на геноцид над Бошњаците од Сребреница, во периодот од 10 до 19 јули 1995 година.

Сепак, српското обвинителство соопшти дека не можело да ги докаже обвиненијата на босанските обвинители за геноцид и наместо тоа, ги обвини за воено злосторство.

Србија не прифаќа дека масакрот во Сребреница претставува геноцид, и покрај пресудите на меѓународните судови.