Трите часа кога Бобан беше милионер

Колумна на Сашо Кокаланов

Кога живеете во бурлеска, вакви работи се сосема нормални. На вработениот во трезорот на НЛБ Тутунска банка Бобан С. во понеделникот му прекипи да живее жеден покрај вода, па се врати дома од работа со 2 милиона швајцарски франци и 270.000 евра спакувани во ќеса.
Судејќи според полицискиот и медиумските извештаи, Бобан С., како и секој обичен ден, си дојде дома во 16 и 30. Го опцу сообраќајниот метеж во градот и седна да руча од понеделничкиот грав. Потоа внимателно направи список на работи што им фалат по дома и легна да дремне по напорниот работен ден.

Дремката се претвори во цврст, пријатен сон, од кој се разбуди околу 19 часот како милионер со јасна визија на што ќе ги троши своите милиони. За негова несреќа, тропотот што го разбуди доаѓаше од двајцата полицајци од полициската станица Кисела Вода, кои веќе беа пред неговата врата.

Според една друга верзија, откако се ослободил од вишокот пари, сам се пријавил во полиција.

Засега, до затворањето на овој број на „Бесплатна среда“, не е позната судбината на пластичната ќеса и особено на нејзината содржина, односно дали и таа наскоро ќе биде приведена или ќе чекаме парите преточени во пластични шишиња да бидат откриени при рутинска контрола на некој странски граничен премин, или, пак, „во најдобар случај“ да ни се вратат како успешна странска инвестиција, откако претходно ќе се избањаат на некој егзотичен остров.

Треба да се помириме со фактот дека во земја во која тракторите протестираат, а народот го ораат ко бавча, никнуваат вакви инстант „херои“ како Бобан

На социјалните мрежи вчера беше жешко баш како на егзотичен остров. За народ кој живее во депресија, сосема очекувано, Б.С. му дојде како дијазепам, па доби широк дијапазон квалификации – беше прогласуван од урбан херој и модерен Робин Худ, па сѐ до најголем антихерој, односно кандидат за нов лидер на злосторничкото здружение ВМРО-ДРПАМЕ.

Настанот го привлече вниманието на целата македонска политичка, но и не само политичка јавност. Па и не само македонска. Имаше навистина многу изјави, а јас успеав да забележам само дел од нив, кои се надевам ќе отсликаат колку различна може да биде перцепцијата за една ситна кражба од неколку милиона.

Еве што изјавија познати физички и правни лица за случајот:

Никола Груевски: Бобан е патриот кој си ја сака својата банка. Тој не можеше веќе да трпи политиката да му се крои во туѓа држава (Словенија) и реши да ја земе судбината во свои раце.
Зоран Заев: Ќе ставам бројчаник на НЛБ Тутунска банка на кој ќе се брои секое вратено евро.
Сашо Мијалков: Нелојална конкуренција.
Сеад Кочан: Вработениот е на службен пат, ќе се врати.
Левица: Парите да се донираат на посиромашни банки.
Стевчо Јакимовски: Не може ти нико ништа…
Маја Коцијанчиќ: Очекуваме банката и вработениот да се договорат за мирно враќање на парите.
Саво Климовски: Банките нека не си играат со оган, воздушната линија од народот што демонстрира до најблиската експозитура на НЛБ Тутунска банка е помала од 20 метри.
Мирка Велиновска: ЦИА ги украде парите за да му ги даде на Веруш, а овој на Заев, а овој на Чауш…
Даниела Рангелова: Можда ќе излезам плавуша, ама да прашам – како се пишува правилно – Б.С. или Б.Ц.?
Петре Шилегов: Апелираме крадецот да ги врати парите, прекршен е деловникот на Банката.
Али Ахмети: Внимателно ќе го анализираме случајот. Не гледаме светло на крајот од трезорот.
БЕСА: Ќе ги повлечеме парите од НЛБ Тутунска банка.
Мендух Тачи: Моите два пратеника се со овој човек.
Илија Димовски и Антонио Милошоски: Секој што ќе украде два милиона да добие уште 20 милиона како победник.
Ацо Станковски: Да го избереме за доживотен банкар.
Ивица Коневски: Да ја ослободиме НЛБ од комуналии.
Ивона Талевска: Шиткам гаќи, може и замена за душек со швајцарски франци.
Владиката Петар: Послушајте партиоти, да ви кажам словото – е вака се краде!
Владиката Агатанѓел: Парите се украдени со божја промисла. Крадецот веднаш да ги донесе франците в црква да му ги осветиме, зашто се крадени за време на пости.
Александар Вучиќ: Постојано ги предупредувам српските банки на можно „македонско сценарио“.
Марко Зврлевски: За мене делото е веќе застарено, со здравје да си ги троши.
Бони и Клајд: И Оскарот оди за… лицето Б.С. Упс, се извинуваме, грешка. Оскарот за кражба на деценијата, сепак останува кај Н.Г.
Ѓорге Иванов: Не го приведувајте, го аболицирав.

Има уште, но и овие се доволни за да прикажат колку е бушава стварноста во која живееме. Во земја во која се украдени повеќе од пет милијарди евра за една декада, а луѓето ги тераат како добиток на улица за да ја бранат кражбата, боцкајќи ги со остенот наречен тиранска платформа, ваквите ситни, аматерски кражбички навистина треба да се третираат како невкусна, солена шега. Доста солена, според сумата, во секој случај. Се разбира, ѓаволот ќе ја однесе шегата, ако остане сомнежот дека и оваа кражба е камче од мозаикот наречен „Организирано пљачкосување на земјава“.

Толку сме отрпнати на крадење што има такви кои ова го доживеаја не како кражба ами како позајмица, си зел човекот малку подебел кредит. Доколку навистина е лик од бурлеска, мене, признавам, дури би ми било и симпатично ако Бобан побара од банката да ја отплаќа „позајмицава“ на рати со гарантирана фиксна камата во првите три години и грејс период од 12 месеци.

Кога целата држава живее на принципот „имаш и кога немаш“, зошто и Бобан С. да не се излаже од овој банкарски рекламен слоган? Би тргнал и тој во Форца како целиот македонскиот народ од песната на Игор Џамбазов, но едноставно од 3 до 12 илјади денари не му вршеа работа, му требаа нешто повеќе.

Под претпоставка дека ова го направил сам и парите наскоро се вратат во трезорот од кај што беа земени, а тој се покае што за момент се почувствувал како политичар од власта, веројатно го чека отказ од работа и малку подолг ол-инклузив аранжман за КПД Идризово.

Ако Бобан бил на задача на мафијава, не се секирајте, ќе направат да го заборавиме уште побрзо. А и за парите не се секирајте, повторно ќе ги голтне нечиј трезор, или пак ќе ги голтне народот во форма на бесплатни сендвичи

Во тој случај, Бобан С. три часа живееше како милионер и засега само тој знае дали си го направи ќефот или некоја мака го натера на ваквиот луд чин. Јавноста брзо ќе го заборави, зашто, да не претеруваме, не е ниту урбан херој, ниту пак е квалификуван да води толку крупен и организиран криминал за да биде лидер на ВМРО-ДРПАМЕ.

Водејќи се од истата претпоставка, треба да се помириме со фактот дека во земја во која тракторите протестираат, а народот го ораат ко бавча, никнуваат вакви инстант „херои“ како Бобан. Па, не е саде Али Ахмети во земјава што не гледа светло на крајот на тунелов (во кој нѐ донесоа токму тој и неговиот партнер Никола Груевски). Чекајќи да се појави некакво светло, макар и од возот што ќе нѐ прегази, Бобан виде светулка во мракот.

Светулката за жал и самата, кутрата, го бара излезот, таа свети ама не го осветлува патот.
Трите часа кога Бобан беше милионер не се ништо во споредба со дваесет и петте години кога најголемите бандити станаа милијардери. Ќе ги заборавиме овие негови три часа за три дена, како и секое друго чудо во Македонија.

Во сите други варијанти, ако Бобан бил на задача на мафијава, не се секирајте, ќе направат да го заборавиме уште побрзо. А и за парите не се секирајте, повторно ќе ги голтне нечиј трезор, или пак ќе ги голтне народот во форма на бесплатни сендвичи.