Регион

Апсење на Хрвати осомничени за злосторство, нов удар на односите меѓу БиХ и Хрватска

Односите меѓу двете држави се соочуваат со нови предизвици, откако официјални претставници на Хрватска и на босанските Хрвати, изразија загриженост поради апсењето на десет поранешни припадници на силите на босанските Хрвати, осомничени дека извршиле воени злосторства над Срби.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, со членовите на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ и Драган Човиќ. Фото: Анадолија

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, со членовите на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ и Драган Човиќ. Фото: Анадолија

Пишува: Среќко Латал, Сараево

Хрватското министерство за надворешни работи и локалните власти на Посавскиот кантон во Босна и Херцеговина, регион во кој биле извршени воените злосторства, изразија сериозна загриженост поради апсењето на десет поранешни припадници на силите на босанските Хрвати во БиХ.

Здруженијата на бранители, некогашни борци на силите на босанските Хрвати, исто така, остро го осудија апсењето, нагласувајќи дека за време на конфликтот во периодот 1992-1995 година во БиХ, босанските Хрвати се бореле во одбраната на земјата, додавајќи дека апсењата имаат за цел заплашување на Хрватите во оваа земја.

За потсетување, поранешните припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) беа уапсени во понеделникот, под сомнение дека во периодот од април 1992 до јули 1993 година, извршиле злосторства над жртви од српска националност во Орашје, град во Посавскиот кантон во северна БиХ, во кој мнозинството население е од хрватска националност.

Меѓу уапсените се и Ѓуро Матузовиќ, пензиониран генерал на ХВО, и Марко Доминковиќ, висок член на ХВО време на војната и поранешен заменик директор на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) на БиХ.

По полициската акција, хрватското министерство за надворешни работи му наложи на хрватскиот амбасадор во БиХ, Иван Дел Векио, да побара детални информации во врска со апсењето и да ги посети десетте осомничени лица, кои имаат хрватско државјанство.

Хрватски официјални лица за БИРН велат дека без оглед на претпоставената правна важност на апсењето, времето во кое тоа е извршено, веднаш по завршувањето на првата официјална посета на новиот хрватски премиер, Андреј Пленковиќ, на БиХ и пред католичкиот празник Денот на сите светци, не е баш среќен избор.

Овие официјални лица нагласуваат дека ова би можело да го поткопа подобрувањето на односите меѓу двете земји по посетата на Пленковиќ.

Владата на Посавскиот кантон, исто така, го критикуваше времето на извршување на операцијата.

„Владата на Посавскиот кантон го смета за несоодветен моментот во кој дојдоа активностите на СИПА и на Обвинителството на БиХ … имајќи ги предвид претстојните католички празници Сите свети и Духовден“, се вели во соопштението на владата.

И хрватските медиуми известуваат за загриженоста во врска со полициската операција.

„Здружението на ветерани: Со апсењето се заплашува населението во Орашје!“, објави хрватскиот весник „Вечерњи лист“, во вторник.

Слични написи се појавија и во другите медиуми во Хрватска и во медиумите на босанските Хрвати. Дел од нив повикаа на итна седница на хрватскиот парламент за решавање на ситуацијата.

Односите меѓу БиХ и Хрватска во последниве неколку месеци се со зголемена тензичност, поради внатрешните политички превирања во двете држави, како и поради имплицитната поддршка на Загреб, на барањето на босанските Хрвати, за формирање на трет, хрватски ентитет во Босна и Херцеговина.