Не лутете го Големиот брат

Големиот брат не е оној што само постојано нè следи, тој е оној што во исто време знае и што е најдобро за нас | Фото: Foter

Прва асоцијација за Големиот брат е дека тој сите нè гледа и следи што правиме. Модерниот Македонец се плаши дека окото на Големиот брат будно ѕирка од секое парче бела техника, од телевизорот, нормално од мобилниот, лаптотот е најопасен – тури фластер кај камерата, а можеби има нешто во тостерот или во нутрибулетот, снима и праќа информации и како што би рекла тетка Вера комшивката, сè се процесуира, тоа да си го знаеш!

Сепак, метафората за Големиот брат е многу подлабока од верзијата за невидливата и љубопитна зеница на семоќниот господар кој не спие. Големиот брат прави многу повеќе за нас, така барем тој мисли, верува дека сè она што го работи го прави токму за нас. И како што погодувате и нашиот Голем брат во заминување има поширок спектар на дејности, мерки и активности, да не речам проекти.

Уште не беше завршен пресот на СЈО за случаите Талир и Траекторија, за „скрпените“ стотина и кусур милиони евра од автопатиштата, бившовечниот премиер Никола Груевски кинисал да види до каде е изградбата на автопатот Скопје – Штип и нормално си зема министер за носење да му реферира за асфалотот, трасите и за кривините.

Неколку дена потоа отиде да види до каде е и другиот автопат, оној Демир Капија – Смоквица што го краси уште еден голем скаднал со грчката фирма „Актор“.

И веднаш луѓето почнаа, “па добро нормален ли е овој, денеска го обвинија за криминал и веднаш отишол таму да се слика”, други тука го видоа Достоевски со неговото злосторникот секогаш се враќа на местото на злосторот, додека подуховитите констатираа дека “ете го, на суд ќе се вади на лудило”. А, не е така.

Груевски е поприлично при свест и знае што прави, продолжува да ја игра улогата на Големиот брат.

Значи, Големиот брат не е оној што само постојано нè следи, тој е оној што во исто време знае и што е најдобро за нас, нема што тука ние да му се секираме, ние живееме во неговите мисли како бубрег во лој. Голем е оти знае подобро од нас, а брат е оти се грижи, како да сме фамилија.

За целата негова исусовска пожртвуваност и сизифовска посветеност врз нашите ситни животи тој не бара многу, само да му ги дадеме сите пари и да не прашуваме како ги троши, па добро бе мајка му стара, Голем брат е и знае подобро од сите нас.

Затоа кога вџашено викате, види мајката, навистина имало криминал со автопатиштата, некој крадел од нашите пари, тој небаре е зен-будист, со скрстени нозе лебди над вашите сомнежи и над доказите на СЈО и како да сака да каже, чеда мои погледнете јас ви градам автопатишта како никој пред мене, широки се и пространи, брзи се и ќе шишате бррррм!

Уште ви вели, остајте тоа што викаат дека имало корупција, тоа е нешто сложено, полно со процедури и со формули, правнички работи – да не објаснувам, што ќе се замарате, ќе ве боли главата.

Остајте го светот на големите, вие само гласајте, ќе има уште автопатишта и нови и нови фабрики. Вас и онака не ви треба ништо повеќе од 250 евра од некоја фабрика од индустриска зона и половен автомобил купен на кредит за да шишате по новиот автопат.

Можам да напишам уште стотина редови за тоа како Големиот брат всушност го понижува народот што не го вади од уста, го третира како збирштина во пелени, меѓутоа за да скратам доволно е да се повикам на денешниот твит на еден од неговите искрени медиумски поддржувачи.

Имено, БИРН на почетокот од годинава направи посебен сајт, интерактивна база на која лесно може да се провери кои од најавените странски инвестиции навистина се реализирале и колку. За овој наш труд сме почестени со тоа што влеговме во потесен избор за најпрестижната глобална награда за дата-новинaрство.

Нашата номинација искрениот медиумски поддржувач на Груевски, Цветин Чилиманов на Твитер ја објасни вака:

„Ние отвораме фабрики, комуњарите сами на себе си доделуваат награди за мрчење за инвестициите“.

Дали чувствувате како Големиот Брат скриен и намуртен, преку тастатурата на Чилиманов врти со показалецот и луто нè опоменува?