Актуелно

Дипломатите во мисија да му го подготват теренот на Хан

Сакаме да дојдеме до рамка на активности преку кои треба да се решава кризата со утврдени датуми, вели амбасадор на земја-членка на ЕУ за БИРН.

Амбасадорот од држава-членка на ЕУ за БИРН вели дека л Заев, на средбата со посредство на еврокомесарот за проширување Хан во Пржино, понудил предлог за фазно решавање на политичката криза / Фото: МИА

Амбасадорот од држава-членка на ЕУ за БИРН вели дека л Заев, на средбата со посредство на еврокомесарот за проширување Хан во Пржино, понудил предлог за фазно решавање на политичката криза / Фото: МИА

Дипломатската заедница неделава ќе има засилен ангажман за да се подготви теренот за разговори на средбата што треба да се одржи в среда во Брисел од која ќе зависи расплетот на политичката криза. Амбасадорите кои минатата недела се сретнаа со премиерот Никола Груевски, неделава треба да се сретнат со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и со претседателите на партиите од албанскиот блок, Али Ахмети и Мендух Тачи.

„Најважно е да се создаде клима за наоѓање одржливо решение за политичката криза. Сакаме да дојдеме до рамка на активности преку кои треба да се решава кризата со утврдени датуми“, вели амбасадор на земја-членка на ЕУ, кој инсистира на анонимност. Амбасадорот додава дека решението треба да им даде доверба на двете страни – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека не се обесправени.

„Главната поента на разговорите со политичките лидери е дека како ЕУ бараме да покажат одговорност и приоритет да бидат интересите на Македонија“, вели амбасадорот.

Заев веќе излегол со предлог, Груевски ќе понуди предлог в среда?

Амбасадорот од држава-членка на ЕУ за БИРН вели дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со посредство на еврокомесарот за проширување, Хан, што се одржа во Пржино, понудил предлог за фазно решавање на политичката криза. Предлогот, како што вели истиот извор, подразбира до септември да има подготвителна фаза, а во втората фаза до изборите во април Груевски да не биде на чело на транзициската влада. Засега не се разговарало за поделбата на министерствата меѓу двете партии.

Амбасадорот вели дека се очекува и Груевски да излезе со свој предлог во Брисел.

Според истиот извор, во Пржино било договорено истрагата за можниот криминал што се откри од „бомбите“ на Заев да ја спроведува парламентарна комисија која би ја раководел претставник на опозицијата.

„Ова е договорено, но сепак, ќе зависи дали во Брисел ќе се постигне конечен договор за сите прашања. Така што во овој момент, ништо не може да се каже дека е дефинирано“, вели амбасадорот.

Изјавата на Хан ги забетонира црвените линии на социјалдемократите

Уште една причина за поголем ангажман на странските дипломати во земјава е тоа што Заев во петокот најави дека нема да се појави на нова средба и го обвини Хан за пристрасност поради неговите оценки во Вашингтон за изборите во Македонија.

По телефонскиот разговор со еврокомесарот, лидерот на СДСМ се предомисли и кажа дека ќе оди во Брисел, но со зацртани црвени линии: ултимативно барање во новата транзициска влада да не биде Никола Груевски.

Амбасадорот кој брифира за БИРН вели дека Заев пред дипломатите објаснил дека чувствува оти во јавноста се стекнува впечаток дека опозицијата покажува поголема флексибилност, што го образложил со евентуалниот договор за тоа да се вратат во парламентот и да сопре објавувањето на „бомбите“ до 10 јуни.

Во прилог на ваквото тврдење е тоа што Заев во интервју за порталот „Кирилица“ кажа дека продолжува објавувањето на „бомбите“, иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претходно изјави дека социјалдемократите ќе паузираат со откривање на материјалите.

За СДСМ услов број еден е заминувањето на Груевски

Од СДСМ ги отфрлаат информациите дека Заев дал предлог за фазно решавање на кризата и не сакаат да потврдат дали веќе е договорено парламентарна комисија да води истрага за материјалите од „бомбите“.

„На средбата во Пржино воопшто не е разговарано околу евентуална влада. Важно беше да ја составиме рамката за тоа што ќе содржат понатамошните разговори. Услов број еден е заминувањето на Груевски“, вели Петре Шилегов од СДСМ.

Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ не сака да коментира за детали од средбата со Хан.

„Договорено е да не коментираме за она што е разговарано на средбата. Секој си сноси одговорност за своите постапки и дали ќе се премислува околу учеството во разговорите. Сите треба да се придржуваме кон она што е договорено“, вели Попоски. Тој не даде одговор ниту на прашањето дали Груевски в среда ќе стави на маса свој предлог за решавање на кризата.

Артан Груби од ДУИ за БИРН потврди дека в четврток Ахмети ќе има средба со амбасадорите. Порталот Либертас минатата недела објави неофицијални информации дека амбасадорите на средбата со Груевски му поставиле доста непријатни прашања.