Зачудувачката вест дека од Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) со седиште во Хаг, неодамна протекоа доверливи досиеја, би била добра тема за возбудлив шпионски роман за заговор на Џон ле Каре. Но, ова не е роман, туку реалност, ова е скандал и сериозна работа.
Мандатот на СОК да ги гони поранешните високи припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за сериозни злосторства, наводно, извршени за време и непосредно по војната со Србија, од 1998 до 2000 година, може да биде загрозен. И кредибилитетот на Обвинителството, што, во најдобар случај, не е многу голем кај Албанците, сега може целосно да биде уништен.
Она што досега е познато е дека во текот на септември, анонимни курири, во три наврати, доставија доверливи документи на Обвинителството, вклучувајќи имиња на заштитени сведоци и други исклучително чувствителни информации, до Организацијата на воени ветерани на ОВК во Приштина.
Претседателот на оваа организација, Хисни Гуцати и неговиот заменик, Насим Харадинај, одржаа три прес-конференции врзано за документите, а Гуцати ги покани косовските новинари да ја објават нивната содржина. Тој е гласен противник на СОК и тврди дека судот е пристрасен, против ОВК и дека овие документи го докажуваат тоа.
Харадинај, всушност, спомна имиња на некои потенцијални сведоци, кажа каде живеат, а даде и некои други нивни лични информации.
Досиејата, чија автентичност ниту може да биде независно потврдена, ниту побиена, се вратени во СОК и досега ниту еден косовски новинар не ги има објавено, очигледно поради страв од можна законска одговорност.
Сепак, 260 страници доверливи документи, наводно од извори во Хаг, го најдоа својот пат до албанската телевизија Топ Ченел, со седиште во Тирана, што секако е вознемирувачко сознание.
Неколку страници неодамна се објавени на веб-страницата на оваа телевизија, кои, меѓу другото, содржат имиња на потенцијално обвинети лица и наводи за кривична одговорност, како што се заедничко злосторничко делување и командна одговорност. Оваа ТВ станицата, наводно, планира да објави уште документи.
Од друга страна, Гуцати и Харадинај беа уапсени и екстрадирани во Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг, заради наводна одмазда и заплашување на сведоците кои соработуваат со обвинителството и заради дистрибуција на доверливи информации за работата на СОК. Извршен е претрес во седиштето на Здружението на воени ветерани во Приштина.
Случајно, првиот припадник на ОВК обвинет од Специјализираното обвинителство е Салих Мустафа, кој беше уапсен минатата недела во Приштина и беше префрлен во Хаг. Тој, со адвокатот кој му беше доделен, се појави пред судот во понеделникот, и го искористи своето право да го одложи изјаснувањето за вината.
Иронијата на ситуацијата е очигледна. Во исто време кога Мустафа беше во судот, Гуцати и Харадинај беа приведени за обелоденување на доверливи информации, кои може негативно да влијаат на гонењето на Мустафа и на другите ветерани на ОВК. Харадинај се појави пред судот во вторникот и го оспори неговиот легитимитет. Гуцати треба да се појави пред судот денеска.
Можно е сведоците да не сведочат од страв
Треба да се претпостави дека сега обвинителството се обидува да утврди како и од кого се добиени документите и да ја минимизира штетата.
Но, дури и ако внатрешната истрага биде успешна, веќе е направена голема штета; духот е ослободен од шишето.
Зошто е тоа така?
Една од главните причини зошто меѓународната заедница инсистираше Косово да го напушти правниот систем на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, и да формира специјален суд надвор од Косово, е заштитата на интегритетот на истрагите за овие сериозни злосторства на ОВК и заштитата на чувствителните сведоци, кои би биле подготвени да сведочат против истакнати борци на ОВК и против воени херои.
Сега интегритетот на истрагата е нарушен. Ако ваквите протекувања на документација можат да се случат, тогаш ништо повеќе не може да се смета за тајно.
Уште поважно, безбедноста на сведоците, кои решија да соработуваат, е загрозена. Секој сведок, кој можеби бил подготвен да сведочи против ветераните на ОВК и чија анонимност досега била заштитена, сега е секако сериозно загрижен и за себе и за своето семејство, поради можноста да се дознаат нивните имиња.
Овие сведоци сега може да одбијат да сведочат дури и со посебни мерки за заштита на нивниот идентитет, бидејќи нивните имиња можат да бидат обелоденети. Ова би довело до значителен пад на СОК и негативно би влијаело на процесирањето на ужасните злосторства.
Важно е да се знае дека, до јуни 2020 година, ЕУ потроши астрономски 156 милиони евра за Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство и дека за оваа година се планирани дополнителни 45 милиони, што е износ од над 200 милиони евра, феноменална бројка во однос на кој било објективен стандард.
Во 2019 година, ССК и СОК се преселија во модерна зграда во Хаг, која беше великодушно финансирана од Норвешка, и вработува околу 200 лица.
Затоа, може да се очекува дека СОК и ССК ќе поседуваат безбедносни вештини, искуство и експертиза, неопходни за исполнување на една од нивните примарни одговорности – заштита на доверливите досиеја, особено на оние што содржат имиња на сведоци, од протекување и споделување. Во овој поглед, тие не беа успешни.
Нема начин да се дознае во која мера е споделувањето на овие документи раширено. Разумно е да се претпостави дека има и други лица кои ги добиле документите, освен Здружението на воени ветерани на ОВК и Топ-ченал. И во никој случај не е можно да се знае дали и кога во иднина ќе се појават уште документи, во незгодно време.
Ова несреќно сценарио е израз на многу тажната состојба на работите за СОК, кое со години напорно работи на унапредување на процесирањето. А ова не можеше да дојде во полошо време, токму кога конечно започнаа судските постапки.