Градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ, во вторникот објави дека властите го запираат ширењето на туристичките капацитети во крајбрежниот хрватски град.
„Со последните измени на Генералниот урбанистички план го решивме прашањето со изградбата на туристичките апартмани. За нив нема да се издаваат градежни дозволи“, рече Франковиќ.
Тој, на прес-конференција рече и дека туризмот станал проблематичен за градот, тврдејќи дека „секоја нова зграда во Дубровник не била изградена за некој да живее таму, туку да ја издава под кирија“.
Дубровник има 41.000 жители, а во моментов има 48.000 легла за изнајмување. Во градот, во текот на летните месеци доаѓаат и неколку илјади сезонски работници, што ги отежнува условите за живот на локалното население.
Загриженоста на Франковиќ беше потврдена и во извештајот на Евростат за цените на становите во Европската Унија, објавен во вторник. Во него се наведува дека Хрватска е земја-членка на Европската Унија со највисок раст на цените на становите во вториот квартал од оваа година.
Од април до јуни, трошоците за домување во Хрватска пораснале за 13,7 отсто, во споредба со истиот период минатата година, објави Евростат.
Туризмот е економски важен за Хрватска и носи една петтина од БДП на земјата. Но, популарните локации, како Дубровник, страдаат од прекумерен туризам.
Новиот хрватски Закон за туризам, кој ќе стапи во сила следната година, предвидува градовите и општините да имаат обврска да донесат план за управување и да можат да изберат да го ограничат бројот, видот и категоријата на туристички и угостителски капацитети во својата област, да управуваат со туристичките текови и да ги натераат посетителите да плаќаат еколошки доплати.
Законодавството ќе им овозможи на локалните власти да забранат отворање нови туристички капацитети, ресторани и кафулиња и ќе им даде можност да изберат колку и каков вид туризам сакаат во нивната област.
Градоначалникот предвиде дека Дубровник нема да биде единствениот град во Хрватска што ќе воведе вакви мерки, иако ќе биде прв во земјата.
„Барселона рече „не“ за изнајмување туристички апартмани во станбени области пред неколку години“, истакна тој.
„Наскоро, ако продолжиме вака, ќе имаме празен град, а луѓето ќе живеат на периферијата“, додаде тој.
Тој рече дека постојните туристички апартмани нема да бидат затворени, но дека е потребно да се воведе ред.
„Денес имаме станови во гаражи, во бараки, секаде каде што може да се изгради стан, и тоа е хаос“, истакна тој.
Франковиќ рече дека сака да го заштити туризмот „бидејќи тоа е најголемиот благослов што го имаме“, но во исто време, да се внимава на негативните ефекти од него за да не се загрози квалитетот на животот и да се заштитат животната средина и културните богатства.
„Сакаме да го блокираме понатамошниот раст на креветите и станбените згради во градот, особено во станбените области. Веќе имаме одредени зони во кои живееле луѓе, а сега во нив има едно или две семејства“, рече тој.