Вести

Груевски: Не признаваме прегласувања и нема веќе преговори со странци

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Груевски пред ДИК

Груевски пред ДИК

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на присутните неколку стотици граѓани пред ДИК им ги прочита главните точки од прогласот на Извршниот комитет на партијата.

„ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Имаме информации за вмешување на некои странски претставници со цел вршење влијание на некои претставници на ДИК и постизборен инженеринг“, рече тој.

„Некои од независните претставници на ДИК не се независни“, рече Груевски и повика да не се врши притисок на Управниот суд.

„Доколку и Управниот суд ги потврди незаконските одлуки на ДИК и со тоа се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената волја на граѓаните, ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување“.

„Нема да дозволиме Заев да формира влада“, рече Груевски и додаде дека: „ВМРО ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана волја на граѓаните“.

„Државата мора суверено да ги носи одлуките“, рече тој и обвини дека некои амбасадори премногу се мешале во внатрешната политика на земјата и дека мора да престанат да го прават тоа.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно политичките прашања на земјата“ рече Груевски, додавајќи дека „партијата го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара, или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата под било какви услови“, изјави лидерот на партијата.

„Ќе се бориме за десоросоизација и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот“, додаде тој.

Тој нагласи дека партијата е стратешки прозападно ориентирана, но дека овој проглас е за заштита на демократијата во Македонија.

Говорот на Груевски неколку пати беше прекинуван со аплаузи и скандирања „Никола, Никола!“. Тој им се заблагодари на присутните што го чуваат суверенитетот на земјата.

Дваесетина минути по завршувањето на неговиот говор, демонстрантите се разотидоа.

Седницата на ДИК се уште трае.