Регион

Хрватска им оддаде почит на жртвите на тоталитарните режими

Хрватските власти го одбележаа Европскиот ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими, при што ги посетија местата на кои биле извршени некои од најтешките убиства, како и локациите на дел од поранешните логори.

Свен Милекиќ, Загреб

Владина делегација им оддаде почит на жртвите од Татковинската војна пред споменикот подигнат во нивна чест во Загреб. Фото: Влада на Република Хрватска

Хрватските власти во среда го одбележаа Европскиот ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими, при што ги посетија местата на поранешните логори и местата на кои што биле извршени убиства, во Втората светска војна и во повоениот, комунистички период.

Предводена од премиерот Андреј Пленковиќ, делегацијата положи венци и запали свеќи на централниот споменик на жртвите на Татковинската војна на главните гробишта Мирогој во Загреб.

Делегацијата, исто така, оддаде почит и пред гробот на хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман.

„Откривањето на вистината, осудата на систематските кршења на основните човекови права и надоместокот за жртвите и нивните семејства, се предуслови на одговорното соочување со минатото, при што хрватското општество нема алтернатива”, рече Пленковиќ по церемонијата.

„Само со јасно дистанцирање од секој тоталитаризам, со почитување на нивните жртви и со образование на младите генерации, можеме да изградиме општество без идеолошки и општествени поделби, и целосно да бидеме фокусирани на клучните предизвици кои се пред Хрватска во 21-от век”, рече тој.

Додаде дека со оваа цел во март е формиран Совет за справување со последиците од владеењето на недемократските режими.

Работата на Советот за справување со последиците од фашистичкиот и комунистичкиот режим, се најде под лупа на дел од јавноста, бидејќи неговите специфични цели и натаму не се јасни.

На прашањето дали споменикот на кој е врежан усташкиот слоган „За дом спремни“, кој е поставен во близина на озлогласениот концентрационен логор во Јасеновац, ќе биде отстранет, Пленковиќ одговори дека Владата по ова прашање чека одговор од Министерството за управа.

Почит кон жртвите од логорот Јасеновац оддаде министерката за култура Нина Обуљен-Коржинек, која во среда го посети местото на некогашниот логор на смртта.

Во исто време, министерот на хрватските бранители, Томо Медвед, го посети Мацељ, во северниот дел на Хрватска, каде што партизаните во мај 1945 година егзекутирале повеќе од 1.100 луѓе.

Хрватска парламентарна делегација, предводена од претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, во среда ги посети местата на поранешните комунистички логори на Голи Оток и на островот Свети Гргур.

Голи Оток и Свети Гргур беа логори во кои помеѓу 1949 и 1956 година, по конфликтот меѓу Југославија и Советскиот Сојуз, биле притворани наводните приврзаници на Сталин.

Низ Голи Оток поминале 16.500 затвореници, од кои 413 починале на ова место. Некои од нив биле директно убиени од стражарите, а некои починале како последица на тешките услови или се самоубиле.

Јандроковиќ на комеморацијата изјави оти луѓето кои биле затворени на Голи Оток и Свети Гргур, биле притворани бидејќи ѝ припаѓале или на погрешна нација, или религија, или политичка ориентација.

Делегацијата предводена од Јандроковиќ им оддаде почит на жртвите пред спомен-обележјата поставени на двата острова, а комеморацијата заврши со проекција на документарен филм за Голи Оток.

Европскиот парламент го прогласи овој ден за Ден на сеќавање на жртвите на тоталитарните и авторитарните режими, во 2008 година, првично како Европски ден на сеќавање на жртвите од сталинизмот и нацизмот.

Овој потег уследи по усвојувањето на Резолуцијата на Советот на Европа во 2006 година, со која беа осудени злосторствата на тоталитарните комунистички режими, а која беше усвоена со 99 гласа од вкупно 317 членови – главно од балтичките држави, Чешка и Унгарија.

Објавено и на Балканска транзициска правда