Регион

Хрватското раководство јавно пееше песна во која се величи Херцег-Босна

Хрватскиот политички врв, на официјален настан, пееше песна на контроверзниот хрватски националистички пејач, Марко Перковиќ Томсон, во која се величи непризнаената хрватска држава формирана во 90-тите години на територијата на Босна и Херцеговина, Херцег-Босна.

Пишува: Свен Милекиќ,  Хрватска

Хрватското раководство јавно пееше песна на Томсон во која се величи Херцег-Босна. Фото: МОРХ, Ј.Копи

Во рамките на одбележувањето на Денот на хрватските вооружени сили во понеделникот, на свеченоста што се одржа во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, целото политичко раководство пееше песна во која се величи Херцег-Босна.

По интонирањето на хрватската химна, организаторот на церемонијата ја пушти популарната патриотска песна „Убава си“, чиј автор е Томпсон. Инаку, неодамна, концертот на Томпсон кој требаше да се одржи во Марибор, Словенија, беше забранет, што предизвика реакција на хрватските власти.

Овој концерт, како и некои претходни што беа закажани во Германија, Австрија, Швајцарија, Холандија, како и во некои градови во Хрватска и во БиХ, беше забранет по протестите на граѓаните поради неговата наводна поврзаност со усташката носталгија.

Во рефренот на песната се величат различни хрватски региони, меѓу кои се споменува и Херцег-Босна.

Песната заедно ја пееја премиерот Андреј Пленковиќ, претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателот на cобранието, Гордан Јандроковиќ и неколку други министри – сите сегашни или поранешни членови на десничарската владејачка ХДЗ.

Во последниве неколку години, вниманието на хрватската надворешна политика е свртено кон БиХ, при што од маргините се заговара формирање на трет хрватски ентитет во оваа соседна држава, како дел од промените на Дејтонскиот мировен договор, потпишан во 1995 година. Многумина на ова гледаат како на заживување на Херцег-Босна.

Ова идеја, Грабар-Китаровиќ повторно ја спомна и на самитот на НАТО во Брисел, што се одржа во четвртокот, истакнувајќи ја, во повеќе наврати, наводната закана од „радикализација“ и тероризам во БиХ.

Во ноември 1991 година, кога избувна војната во Хрватска (а пред почетокот на војната во БиХ), босанските Хрвати ја формираа Хрватската заедница Херцег-Босна, како посебна територија под контрола и покровителство на Хрватска. Во август 1993 година, таа беше прогласена за република, иако никогаш не беше призната, ниту на меѓународно, ниту на интерно ниво.

На почетокот, нејзините вооружени сили, наречени Хрватски совет на одбраната (ХВО), заедно со Бошњаците се бореа против босанските Срби и Југословенската народна армија (ЈНА). Меѓутоа, кон крајот на 1992 година, започна конфликт меѓу Хрватите и Бошњаците, во кој и на двете страни беа извршени сериозни воени злосторства. Конфликтот заврши со посредство на САД, со потпишување на Договорот од Вашингтон, во март 1994 година.

Хашкиот трибунал во 2013 година осуди шест високи политички и воени функционери на Херцег-Босна на вкупно 111 години затвор, за воени злосторства извршени врз бошњачките цивили во периодот меѓу 1992 и 1994 година.

Судот утврди дека постоел здружен злосторнички потфат на највисоките претставници на Херцег-Босна и хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман, министерот за одбрана, Гојко Сушак, и началникот на Генералштабот, Јанко Бобетко, кои со етничко чистење, сакале да ја прошират хрватската територија, во која би биле вклучени и некои делови од БиХ.

Конечната пресуда за овие шест лица се очекува во ноември.