Регион

Караџиќ за начините на кои се обидувал да го избегне апсењето

Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој се жалеше на пресудата со која беше осуден за геноцид и други воени злосторства, во интервју за српскиот весник „Вечерње новости“, говори како се маскирал за да го избегне апсењето.

Караџиќ на насловната страница на „Вечерње новости“

Пишува: Вања Ѓуриќ, Нови Сад

Радован Караџиќ, во интервју за „Вечерње новости“, кое има два дела, раскажува како, пред неговото апсење, додека се криел во Белград, морал да изгуби доста килограми од својата телесна тежина, за полицијата да не може да го препознае од фотографиите од босанската војна.

Нагласува дека изгубил повеќе од 30 килограми и дека тоа било неговото „најважно маскирање“.

„Покрај тоа, носев пошироки маици, ролки и друга облека, која толку многу ми беше широка, што мојата појава не упатуваше на мене. Морав да зборувам екавски, што не ми беше тешко“, вели тој.

Хашкиот трибунал издаде меѓународна потерница за апсење на Караџиќ во 1996 година, но тој беше зад решетки дури 12 години подоцна, кога полицијата го уапси во Белград, преправен во духовен „исцелител“.

Во интервјуто Караџиќ нагласува дека по заминувањето од власт, „слободно се движел“ во Република Српска, сметајќи дека има „таен договор“ со американскиот пратеник за Балканот, Ричард Холбрук, и дека може да го избегне гонењето, ако се повлече од јавниот живот.

Холбрук негираше дека на Караџиќ му дал таква гаранција, а кога потрагата по него се интензивирала, тој, за да не биде уапсен, избегал во Белград.

Откако Владата на Србија го усвоила Законот за соработка со МКТЈ, Караџиќ, како што вели, решил да живее сам, затоа што не сакал да им создаде проблеми на луѓето што му помагале во криењето.

„Излегував доцна вечер, за да купам нешто или малку да прошетам“, истакнува тој.

Кога полицијата почнала да ги бара тајните засолништа на членовите на Земунскиот клан, кои во 2003 година учествувале во убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, Караџиќ, како што вели во интервјуто, решил повеќе да излегува во јавноста и така да им покаже на соседите дека не се крие.

„Потоа, додека бев во потрага по здрав начин на исхрана, налетав на предавање за тоа, и некако случајно се вклучив во сето ова“, рече Караџиќ.

Во исто време снемал и пари, па почнал да држи предавања и да работи како консултант за некои приватни ординации, завршил курс по парапсихологија и станал духовен исцелител чие име било д-р Давид Дабиќ.

Беше уапсен во 2008 година во Белград, а по неговото апсење беше префрлен во Хаг, каде што минатата година беше осуден за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Интервјуто за „Вечерње новости“ е последно од неколкуте што Караџиќ ги даде по пресудата, а во кои главно нагласува дека е невин, поради што бошњачките воени жртви го обвинија за обид да ја преработи историјата.

Тамара Скроза, член на Советот за печат на Србија, оцени дека последното интервју не содржи никакви коментари кои ги кршат основните човекови права, иако имаат интенција Караџиќ да го прикажат како невин човек.

„Единствената идеја е да се подигне малку тиражот, бидејќи тој секогаш има своја публика, и на некој начин да се придонесе кон јавната аболиција на Радован Караџиќ и кон повторното воспоставување на неговиот лик и дело како позитивна личност“, вели Скроза за БИРН.

Објавено и на Балканска транзициска правда