Политичкиот динамизам и неговата ефикасност многу брзо ќе покажат дали договорот за инстант- политичка „стабилизација“ e реалност или нова фарса, поголема и од бркање на владејачкиот Покемон низ виртуелните пржински лавиринти.
Никој не оспорува дека многу часови беа поминати во партиски преговори. Никој не оспорува дека е тешко да се разговара со дел од соговорниците кои дијалогот го сметаат за архи-непријател на нивното владеење, проектирано да вирее во општество без дијалог. Но, никој не го оспори и фактот дека власта до последен миг сe трудела да подметне кукавичини јајца во пржинското гнездо. До последен здив се трудела да ги опреми раководителите во МВР со решенија за истражители, бидејќи со тоа стекнуваат законска заштита да не може да бидат сменети од некој иден технички министер.
Ова само укажува дека до последен ден во матрицата на власта немало ни грам расположение за какви било фер-релации, а уште помалку за фер-избори. Без оглед на ставениот потпис. Напротив. Досега видовме многу потписи кои беа покритие само за зголемената мотивација како умешно да се издрибла сѐ што е договорено, а вината за тоа да биде дисперзирана врз другите или врз сите, но не само врз дриблерот.
Затоа и толку неопходниот оптимизам, дека ова ќе биде последна епизода од пржинскиот процес, паѓа пред неколку ноторни факти. Во предвечерјето на договорот, власта повторно ја задолжи земјата со огромни финансиски средства, за кои поради вкоренетата нетранспарентност, опозициските форензичари многу тешко ќе утврдат колку од тие финансиски честички оставиле траги во „преостанатото“ избирачко тело. Велам преостанатато, бидеќи со сигурност се знае оти најголемиот дел од нив ќе завршат кај пензионерите – најголемото семејство од 300.000 гласачи. Тие ќе бидат сервисирани навремено, за власта да се осигура дека „раката што дава (од нашите, со камата отплаќани пари) не смее изборно да се исуши“.
И додека ДИК договорно ги сместува гласачите – едни во посебен список, други на јавен увид; на терен се прават нови списоци – за вработувања во државни и јавни претпријатија. Уште не се исушија потписите на четворката, а власта веќе соопшти дека се реализирани 150 нови вработувања во „Македонија пат“. Да потсетам, станува збор за Јавно претпријатие за кое Државниот завод за ревизија утврди дека има 11,6 милиони евра неподмирени долгови кон добавувачите и неплатени обврски за ДДВ. Овие долгови, како што предупреди ревизорот, претставуваат ризик за работењето и ликвидноста, бидејќи приходите за одржување на патиштата се помали од обврските.
Каде и да е, ќе почнат да шумат вработувања и во „Македонски шуми“, и прашање на ден е, колку такви презадолжени претпријатија ќе бидат силувани да вдомат нови гласачи за власта. Сите гласачи што ДИК како потврдено спорни ќе ги избрише од списокот, ќе бидат надоместени и капарисани со нови гласачки бригади на контото на власта, на ваков или сличен начин.
Имајќи го предвид ова, периодот за имплементација на договорот до 31 август, најверојатно ќе наликува на сцени од филмот „Мирно лето“, со голема врволица пред вратата на штабот што кај себе го има чекмежето. Што во тоа може да биде фер?
Знаците покрај патот, кои би укажале дека процесот ќе се движи во очекуваната насока, со вакви методи лесно се претвораат во пречки на патот. Владејачката умешност за разбивање на договорената агенда со отворање нови прашања и проблеми, најверојатно и сега нема да остане без доволни дози инфузија. И уште ако опозицијата замине на одмор, спиејќи на тоа уво дека „сѐ е договорено“, на власта ѝ останува слободна хируршка маса да спроведе уште една, за неа успешна операција, по која и овој пржински пациент сигурно ќе биде мртов, а таа обезбедена со нови месеци живот до завршувањето на мандатот во 2018 година.
На енергичноста со која граѓанските организации побараа спроведување итни демократски реформи, преку овој договор е одговорено со концепт за политички полуреформи, некаква инстант листа од елементарен минимум услови за фер-избори. И тоа во време кога најголем непријател на активната борба за промени, се индиферентноста и рамнодушноста.
Така што, овој договор што го добивме, дај Боже да нѐ демантираат, наликува на млак преддоговор, во кој сите многу точно ги оставиле своите траги: видлив замор и кај амбасадорите и кај преговарачите, и желба на сите да го одбележат крајот на јули со некаков договор, кој до финалната фаза попатно ќе се пегла и дотерува.Во таа смисла, главните реформи се оставени за следната фаза, бидејќи се смета оти се невозможни во ваква состојба и констелација. Тоа е реалноста. Затоа, одвишно е какво било самозадоволство од чинот на постигнување ваков договор, кој во оваа форма и на ова ниво не е во корелација со главните проблеми туку повеќе со краткорочни решенија и техникалии, кои пак, поради нерешавањето на главните болки, исто така ќе се соочат со нови стапици на секој чекор.
На енергичноста со која граѓанските организации побараа спроведување итни демократски реформи, преку овој договор е одговорено со концепт за политички полуреформи, некаква инстант листа од елементарен минимум услови за фер-избори. И тоа во време кога најголем непријател на активната борба за промени се индиферентноста и рамнодушноста. Во случајот на опозицијата тие може да бидат последица од замор и губење надеж дека нешто може брзо да се смени кога спроти неа седи киднаперот на државата со целиот логистички апарат.
Но, индиферентноста кај власта по прашањето за излез од кризата, е всушност главен атрибут на нејзината политика. Таа постојано вложува напор во обесхрабрување на јавноста, со цел растечкиот степен на замореност од кризата да ги направи константни, непроменливи, додека во исто време профилира политики насочени против реалните интереси на граѓаните, и заменувајќи ги со задоволување исклучиво на популистички нагони. Со тоа власта го заверува отсуството на желба за промени, создавајќи простор за граѓанско парализирање на општеството, еден вид општествена параплегија, неподвижност и талог во кој исклучиво таа ќе ги режира настаните.
Тоа е политика на измама на општествените потреби. Дали опозицијата ќе успее да ја демаскира таа измама и да го врати во колосек решавањето на главните прашања, ќе се знае многу порано од 31 август. Политичкиот динамизам и неговата ефикасност многу брзо ќе покажат дали договорот за ваква инстант- политичка „стабилизација“ e реалност или нова фарса, поголема и од бркање на владејачкиот Покемон низ виртуелните пржински лавиринти.