Додека едни пакуваат примероци за да ги пратат во институти за генетски истражувања во Швајцарија, чекајќи поштарот да им го донесе одговорот со дешифрираната генетска тајна – од кои македонски кралски династии влече корен нивната ДНК, не знаат дека и во „палатата“ од нивната сегашност исто така се зафатени со преписки.
Не, не се тоа меморандумски писма, на кои под партискиот или државниот грб на Македонија, следува текст од важност за иднината на земјата. Станува збор за препис(к)и кои се однесуваат на масовно префрлање на сопственоста врз одредени фирми и имот на други лица. Зад сцената на протестите, всушност се одвива големиот транспорт: и административен, и физички. Има во таа приказна и хартии од вредност, и злато, и заминување на првите птици преселници…
Затоа, оние кои протестираат на улица, не треба да бидат изненадени ако многу брзо добијат поддршка да опстојат „во одбраната на Македонија“ од некоја подалечна дестинација.
Прашање е дали и тоа ќе им ги отвори очите на оние кои сега рефлектираат тотална слепост за реалноста, но и генетска склоност да мижат пред згазените демократски вредности, индициите за криминал и пљачкосувањето на земјата. На денот кога во Скопје дојде еврокомесарот Хан видов голем број граѓани на улиците во Скопје. Опашката на колоната пред Владата, а нејзиното чело – речиси пред Собранието. Прашањето и натаму гласи – што бранат?
„Ја виде ли сликата на колоната од дрон? Импресивно, нели?“, ме прашува еден од поддржувачите во протестот.
„Ја видов, но сум видела и многу поголеми колони“, му велам.
„Е каде?“, прашува.
„Па, на пример, кога челото на ‘одбраната на Македонија’ е дури во Белизе или во Швајцарија, а опашката во Скопје“, му одговарам.
„Преродбата“ не покажа ни разбирање ни слух за луѓе со различен став кои сакаат да постават логични прашања, кога јасно гледаат дека преродбата нема врска со потребите и интересите на државата туку на една аздисана група
Слепоста кон одредени факти, мижењето пред приватните ризници што мала врхушка ја создаде преку класичен грабеж на ресурсите на Македонија, отсуството на интерес за тоа како партија во една од најсиромашните земји на тлото на Европа стана меѓу најбогатите партии, ја прави онаа маса народ трагично нема и изманипулирана во мотивите на она што го брани, без оглед на децибелите што си ги произведува со свирчињата.
Нивните жолто-црвени марами остануваат симбол единствено на линијата преку која криминалот може неказнето да помине. И колку таа маса е поголема, толку е посрамна нејзината бланко-пропустливост на растечката пропаганда.
И покрај тоа, сметам дека состојбата не треба да се анализира низ бројки туку низ пораките и идеите што се промовираат. Бидејќи, може да има мнозинство кое се залага за фашизам, што значи дека квантитетот не е гаранција и за квалитетот на понудата. Македонија таа историска лекција ја потврди и ја одбрани со својата антифашистичка борба и многу жртви. Денес е глупаво да паѓа на научени лекции.
Концептот за еднакво општество за сите, за реформи, стабилност и правна држава, не може да се спореди со концепт „за заедничка држава“ во која една етничка заедница генерализирано и неодговорно ќе биде нарекувана „клетите Шиптари“. Не ги оправдувам ни изјавите на политички претставници на албанската заедница, кои на крајно неодговорен и неаргументиран начин си дозволуваат толкувања за македонскиот идентитет и неговиот „стаж“. Токму таквите создаваат двонасочен процес, во кој едни долеваат масло, па други добиваат алиби за да ги полнат улиците. Како ќе се гради заедништво при такво разминување со вредностите кои треба да спојуваат?
Но, ако некој инсистира на посочената бројка од 200.000 луѓе како аргумент кој не треба да се игнорира, треба да се прецизира од кој аспект ќе се анализира нејзиниот учинок: како „жирант“ на Груевски за наводна одбрана на земјата, односно за негово реинсталирање во власта или многу повеќе како бројка што индицира на итна потреба од демократска еманципација, образование и нејзино ослободување од канџите на пропагандата?
Токму таа бројка е највидливиот рецидив на државата заробената од груевизмот, како девијантен систем кој врз авторитарни принципи сака да ја обликува реалноста и да управува со неа, на ист начин како што еден конструктор ѝ приоѓа на изработката на еден проект. Тој ги прави скиците, тој ја систематизира целината според негови потреби, ги одредува правилата, им дава работа на изведувачите, проектира како го замислува животот на другите учесници кои во неговиот идеен проект имаат функција на тули во ѕидот или минорни шрафчиња кои не се битни за носечките столбови, претставени од фамилијата.
И таков проект не би бил можен, ако нема такви кои наивно веруваат во него и се согласуваат да бидат неважни и послушни шрафчиња, но и такви кои од прагматични и лукративни причини решаваат да се закачат за него. Во крајниот ефект, луѓето се злоупотребени во тактиката за одржување на власта по секоја цена.
Зад сцената на протестите, всушност се одвива големиот транспорт: и административен, и физички. Има во таа приказна и хартии од вредност, и злато, и заминување на првите птици преселници…
Тој неограничен волунтаризам и инсталиран политички монопол, досега ги егзекутираше од општествената сцена сите што стојат на патот на неговата замисла. „Преродбата“ не покажа ни разбирање ни слух за луѓе со различен став кои сакаат да постават логични прашања, кога јасно гледаат дека преродбата нема врска со потребите и интересите на државата туку на една аздисана група.
Прашањето е дали е можно брзо институционално враќање од груевистичкиот ќорсокак на демократски пат? И покрај бројните опструкции, можно е, но е и многу важно, на тој пат да се придружат сите оние кои не сакаат партијата да заврши како нејзиниот лидер: демаскиран изолационистички авантурист, авторитарен приврзаник на принципот „после мене потоп“, човек кој на долг рок ги урна сите мостови на ВМРО-ДПМНЕ со партиите од албанската етничка заедница и „лидер“ за кого и во Европската народна партија веќе водат интерни дискусии како да ја спасат сестринската членка во Македонија од нејзиниот лидер.
Тоа Груевски го знае или го претчувствува, но и покрај тоа оди од грешка во грешка. Наместо да се соочи со реалноста за да ја спаси партијата, тој се впушта во лична заштита од внатрешна конкуренција, со тоа што ја мери лојалноста на блиските соработници, на истиот начин на кои ја проверувал и кај граѓаните. Тие методи само дополнително ќе го отежнат партискиот сообраќај, но во крајниот ефект ќе ја зголемат и потребата на дел од неговите соработници за брзо напуштање на таа авторитарна номенклатура и вклучување во демократските и цивилизациски текови, по што груевизмот однатре ќе почне да се топи како парче мраз на пустински песок.
Прашање на време и личен интегритет е кога тој притисок од фаза на ламентација ќе премине во фаза на акција за спас на партијата. Секако, последиците и во партијата и во државата ќе се лекуваат уште долго, сѐ додека не се создаде природна социјална основа која би овозможила сите да живеат и без приклучување на партиски извор на енергија, воедно и да бидат надвор од авторитарна контрола. Тогаш највидливо ќе почне дезинфекцијата и деконтаминацијата на сите траги врз оние кои партијата во еден период обликувала по негова мерка, а тие конечно ќе можат да почнат слободно да се градат по своја и демократска мерка. Во интерес на државата.