Големото фолирање

Македонската политичка пракса не се оттргна од манирот да реагира стихијно – од случај до случај. Последен доказ за тоа е иницијативата на СДСМ за законски измени со кои ќе се постави услов – премиер, вицепремиери, министри и пратеници во Македонија да можат да бидат лица што поседуваат само македонско државјанство. И што со тоа?

Каков ќар видовме од тоа што во изминативе 30 години посочените функционери доминантно имаа само македонско државјанство. Колку пати сме слушнале реакции меѓу граѓаните – „па, ајде да увеземе некој политичар однадвор, кога домашниве покажаа дека не можат да ја средат државата“.

Значи не им е гајле од каде е политичарот, со какво државјанство, туку дали е човек „на место“.

Македонското државјанство, како едно и единствено, не е никаква гаранција за личен, професионален и политички интегритет, ако неговите носители (премиерот, вицепремиерите, министрите и други функционери) се во лабава коалиција со грижата за интересите на државата.

Затоа не треба функционерите да ги селектираме според државјанството, туку според тоа дали ги полнат „силосите“ на државата или само млатат празна слама.

Погрешен фокус

Прашањето со државјанствата во некои земји навистина е рестриктивно регулирано, а во некои, по исклучок, за строго одредени позиции (претседател на држава и/или раководители на безбедносни служби). Секако дека и овде може да се разговара на таа тема. Но, не вака.

Она што може да биде погрешно разбрано или погрешно протолкувано во сегашниот политички контекст е кога повод за ваква дебата ќе стане бугарско државјанство. СДСМ отвори таква тема за градоначалничката Данела Арсовска, а сега за министерката Сања Божиновска.

Во еден поврзан и глобализиран свет, фокусот не треба да биде ставен врз државјанството, чие било, туку врз нужноста од транспарентност на носителите на јавни функции. Тие треба јавно да споделат податок доколку поседуваат и друго државјанство.

Тоа е чин на манифестирање одговорност пред граѓаните и градење култура на отчетност. Значи, тема треба да биде искреноста и личната етика на избраните и именувани лица, а не државјанството само по себе.

Зашто ако второво било проблем, тогаш зошто СДСМ во 2020 година прифати во нејзината влада да има министер што има и австриско државјанство? Зборувам за Насер Нуредини, министерот за животна средина и просторно планирање, (роден во Тетово, образован во Австрија, Германија и во Велика Британија, со адреса на живеење во Виена), кој дури и не го говореше македонскиот јазик во почетокот на мандатот!?

„Не се од овде“

Дали тоа беше „и повеќе од доволно“ да му залепиме етикета дека не е патриот, иако оставил богата професионална кариера таму и семеен живот, за да работи во Скопје?

Може да дебатираме какви резултати остварил за време на мандатот – добри, лоши, просечни или потпросечни. Но, за да доведеме чии било резултати во корелација со сомнеж дека можеби не работи во интерес на земјава затоа што има и друго државјанство, ќе требаат докази, а не само инсинуации.

Ќе беше ли соодветно во случајот со Нуредини да повикавме, како што денес повикува портпаролката на СДСМ: „Политичарите мора да бидат лојални на народот, време е оваа влада да покаже дали сака вистински патриотизам“. Каква е таа демагогија?

Па, ние имавме премиер, кој според мерењето на баждарените „македонометри“ во сите негови мандати беше устоличен како најпатриотски. Имаше едно државјанство, еден пасош и на крај – побара азил во друга држава, додека првите соработници му скапуваа по затворите. Овој месец ќе одбележиме шест години од неговата голема преселба. Не велам бегство, бидејќи патот му беше послан со логистика, придружба и пасаван.

Слушам коментари овде-онде, дека, сепак, не е лошо да се размисли за иницијативата на СДСМ. Никогаш не е лошо да се размислува. Лошо е кога не се размислува, па ќе дадеш 215 пасоши/државјанства на светски криминалци, а потоа со ваква иницијатива ќе правиш големо полирање-фолирање, ќе се правиш дека „не си од овде“ и ќе држиш лекции за патриотизам и морал.

А кога „не си од овде“, какво државјанство имаш?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија