Корупција по скратена постапка

Има право министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кога за Законот за аудио и аудиовизуелни услуги вели дека не станува збор за обемен и сложен законски акт, образложувајќи ја така потребата неговите измени да се донесат по скратена постапка, односно под таканареченото европско знаменце.

Дека е во право докажува фактот на „ненадејното“ унисоно гласање на позицијата и опозицијата за овој предлог. Штом СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се согласуваат за некоја работа, тогаш тоа прашање сигурно е од круцијална важност за националните, односно за државните работи.

Да, во право е министерот Алиу, нема ништо поедноставно и поефикасно од политичко влијание и државна корупција на медиумите. Затоа што измените на Законот не се ништо друго, туку озаконување на медиумската корупција. На крајот на краиштата, ако нешто и досега се правело „под жито“, зошто тоа да не се легализира. И политичките волци сити, и парите на националните телевизии на број.

Ако нешто и досега се правело „под жито“, зошто тоа да не се легализира. И политичките волци сити, и парите на националните телевизии на број

Колку што успеав да разберам, со новите измени, државата (власта) ќе биде обврзана секоја година да дава 0,1 процент од државниот буџет за таканаречените државни кампањи. Тоа, ако пресметката ми е точна, е околу четири милиони евра. Годишно. При што лавовскиот дел од средствата ќе оди на петте телевизии со национална концесија (Канал 5, Сител, Алфа, Телма и Алсат М).

Со други зборови, дали имало или немало потреба од „државни кампањи“, државата е должна да ги подели тие четири милиони евра. Јавни, односно наши пари. Затоа што тоа едноставно е буџетска ставка.

Се разбира дека секое трошење јавни пари за непродуктивни и неразвојни цели мириса на корупција. Тоа се пари што ќе бидат потрошени практично без никаков отчет. Да, ќе приложат телевизиите некакви извештаи за тоа колку објави имале и кога, но каде ќе ги потрошат парите. Во платите на вработените? Во новинарски проекти? Во телевизиски продукции? Во културни програми? Или во екстра профит?

Секогаш ќе го слушнете оправдувањето дека станува збор за приватни, односно комерцијални телевизии и дека нема што тука да се прашува приватникот каде ги троши своите заработени пари. И донекаде би можел да се сложам со оваа теза, само ако не постоеше еден детаљ, една дребулија што прави драстична разлика во поимањето на работите. Тие пари, имено, не ги заработила никаква телевизија, туку сум ги заработил јас! Односно, сите ние!

И јас сакам да знам за кој црн или бел ѓавол овие пари ќе завршат на сметката на Алфа или на која и да е друга телевизија. За да ги гледам оние турбо српски телевизиски екрани или да ги слушам синхронизациите на турските серии?

Но, ајде, ексик нека биде, што би рекол еден мој сосед. Сме ѝ дале доверба на владата да управува со нашите пари, па нека управува! Но, кои се мотивите на ваквото решение за арчење пари. Мисли ли владата дека сѐ што ќе смисли е кампања од јавен, односно национален интерес? Мислат ли така пратениците што гласаа за потребата од овие измени? Мислат ли така во ВМРО-ДПМНЕ? Зошто тогаш бараат предвремени избори? Зошто ја обвинуваат власта за разни криминали и коруптивни активности? Ако станува збор за јавен интерес, господо политичари, еве ви го Јавниот сервис, кој и онака нема никаква идеја како да се претвори во вистинска јавна телевизија, а не во билтен на партиски соопштенија.

Го слушав актуелниот директор на Канал 5, Иван С. Мирчевски, кој деновиве покажа сериозни цензорски капацитети, како во една радиоемисија вели (парафразирам) дека оние што против државните медиумски кампањи „имаат крв на рацете“, затоа што наводно ако кампањите биле дозволени во време на пандемијата на ковид 19, сигурно ќе имало помалку починати.

Просто занемев од манипулативната енергија на оваа изјава. Како прво, никој не ја спречува неговата телевизија, ниту која било друга, да води кампањи од јавен интерес. Мојот проблем не се кампањите, туку одлевањето на буџетските пари токму кај вакви манипулативни медиуми.

Ако веќе говориме за медиумите во времето на пандемијата, токму низ призмата на изјавата на Мирчевски, тогаш можеме да ја проблематизираме и „крвта на медиумските раце“. Дали на Мирчевски и на останатите медиуми им беше потребна владата да им каже што треба да прават? Дали не можеа да се водат по јавниот интерес и без буџетските пари? Очигледно, не. Та, тие се комерцијални телевизии и работат за пари, ќе каже некој.

Ваквиот одговор подразбира дека јавниот интерес ќе биде застапен само ако некој плати за тоа. Токму тоа, господа, се нарекува корупција. Ќе го објавувате само она за што ќе бидете платени.

Има многу проблематични места во одлуката да се врати буџетското финансирање на комерцијалните медиуми. Во полза на отстапениот простор за овој текст, ќе се задржиме само на неколку од нив.

Тие пари, имено, не ги заработила никаква телевизија, туку сум ги заработил јас! Односно, сите ние!

Буџетските пари во приватните медиуми не значат само политичко влијание врз медиумот. Тие значат затворени медиуми. Аксиома е дека без слободни медиуми, односно без слободата на информирањето нема борба против корупцијата. Со други зборови, на тој начин проблемот на трошењето на четирите буџетски милиони евра се мултиплицира преку прикривање низа други, не само коруптивни дејности, туку и општествени аномалии што го мачат таканаречениот обичен граѓанин.

Ако веќе не треба да нѐ интересира како ќе бидат потрошени нашите пари, тогаш може ли да нѐ интересира кај кого ќе отидат? Со ова доаѓаме до нетранспарентност на сопствеништвото во медиумите. Не е редок случај, преку сопственичкиот капитал да се провлекуваат некои офшор-компании или бизниси, чии интереси се надвор, а често и спротивни на јавниот интерес. Всушност, повторно доаѓаме до истото – интересот единствено се мери во пари.

Или владата (заедно со придружните пратенички гласови) со оваа одлука мисли дека на тој начин им помага на медиумите и на објективното информирање? Без оглед на моето ниско мислење за здраворазумското ниво на актуелните политички дејци, сепак верувам дека не се ниту толку наивни, ниту толку глупави. Знаат тие многу добро како може да се стимулира новинарски производ или квалитетна телевизиска продукција. Со создавање заробени медиуми, тоа сигурно не може да се направи.

Меѓу другото, токму на крилата на ветувањата за „ослободувањето на заробената држава“, односно на ветената забрана на трошење јавни пари во медиумите, СДСМ дојде на власт. Враќањето во времето на Груевски не може да мириса на добро. Може само да смрди.

Борбата против корупцијата во медиумите се водеше на долги патеки. Сега ја враќаме по скратена постапка.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија