Македонија против „македонското сценарио“ во Белград

Уште кога, пред отприлика десетина дена, српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика своите сограѓани на големиот митинг во Белград („најголемиот во историјата“) што треба да се одржи на 26 мај, Српската заедница во Македонија, на својата фејсбук-страница, под мотото „Да ја сочуваме Србија“, објави повик до сите заинтересирани за учество на митингот, со обезбеден бесплатен автобуски превоз од Куманово, со контакт-телефони и сѐ што е неопходно овој митинг-туризам да се реализира.

Во принцип, не би требало да ме интересира (а и не ме интересира) како една невладина организација ги арчи своите ресурси и капацитети, освен ако овој повик не беше и не е длабоко симптоматичен за патологијата на македонското општество.

Почекав, ете, десетина дена да видам на какви реакции ќе наиде повикот македонските државјани да ја „сочуваат Србија“ и отворено да се стават во одбрана на власта на претседателот на соседната држава. Некои медиуми ја пренесоа информацијата, некои не. Некои ги цитираа коментарите под објавата на Српската заедница, некои не. Главно, известувањето беше прилично неутрално, односно без новинарски или редакциски коментари. Социјалните мрежи, невообичаено за нив, исто така останаа прилично воздржани.

Си помислив како би изгледало, на пример, некоја организација на Албанците од Македонија да ги повикаше нивните членови и нашите сограѓани да одат на некој митинг во Тирана за поддршка на Еди Рама и под мотото „Да ја сочуваме Албанија“? Или, не дај боже, да повика на митинг во Приштина под паролата „Да го сочуваме Косово“? Или некој од овие новокомпонирани бугарски клубови во државава да повикаше на митинг во Софија за поддршка на Румен Радев?

Со оглед на честите избори кај нашиот источен сосед, паролата „Да ја сочуваме Бугарија“ можеби и би имала некаква смисла. Или, зошто да не, пред актуелните избори во Грција, да отидоа неколку автобуси до Атина на митинг за поддршка на Мицотакис. Од аспект на општото уверување дека Атина е поатрактивна туристичка дестинација од Белград, дури и мотото „Да ја сочуваме Грција“ би имало некоја практична смисла.

Лесно можат да се претпостават одговорите на овие прашања. Социјалните мрежи би ги растргнале организаторите. Запенавените телевизиски аналитичари гневно би зборувале за тирански, софиски и атински платформи. Политичките партии би се обвинувале едни со други за предавства и би ја трошеле енергијата во докажувања кој е поголем патриот. ВМРО-ДПМНЕ секако би побарало вонредни избори, час поскоро.

Како би изгледало, на пример, некоја организација на Албанците од Македонија да ги повикаше нивните членови и нашите сограѓани да одат на некој митинг во Тирана за поддршка на Еди Рама и под мотото „Да ја сочуваме Албанија“?

Но, кога станува збор за учество на митинг за поддршка на Александар Вучиќ, и тоа во соседната држава, одеднаш владее чуден молк.

Дури и да го оставиме на страна прашањето (иако не би требало) од кого тоа ќе ја чуваат Србија македонските државјани со српска и несрпска етничка припадност, сепак на површина излегуваат низа други прашања и констатации. Секој оној што барем бегло ја следи ситуацијата во Србија, разбира дека станува збор за длабоко поделено и, се чини, меѓусебно непомирливо општество. Оваа поделба е дефинитивно искристализирана по двете неодамнешни грозоморни масовни убиства што се случија во соседната држава.

Ако е точна оваа констатација, а точна е, тоа би требало да е доволно овдешното Министерство за надворешни работи барем да излезе со предупредување дека „сенародниот митинг“ во Белград е настан од висок ризик и да препорача македонските државјани да се воздржат од присуство онаму каде што не им е место. Но, не излегува.

Или барем некој да им каже на оние што мислат дека ќе остварат бесплатен шопинг-излет до Белград, дека тој ден белградските дуќани нема да работат. Ама не им кажува.

Не знам колку македонски државјани ќе се „залетаат“ на понудата на Српската заедница. Не верувам дека ќе има повеќе од три-четири автобуси, но тоа не е ни битно. Битно е што луѓето ќе одат таму да го бранат српскиот главатар, иако веројатно ни самите не знаат од кого точно и што точно ќе бранат.

Ама, добро… ако дошло до нив, нека го одбранат. Но, барем, судејќи според митинзите против насилството што се организираат во српскиот главен град, треба да знаат дека Белград, не само што нема да ги пречека добронамерно, туку во најмала рака ќе ги гледа со презир. Дошле некои од некаде да им кажат како треба. Демек, ја средија сопствената држава, па сега ќе ги средуваат соседните.

Сето ова неодоливо ме потсеќа на не толку дамнешното минато, кога овдешните граѓани со мирни протести се бореа против еден прилично ист режим како оној што Вучиќ го применува сега во Србија. Таа 2017 година, во Србија се одржуваа претседателски избори и Вучиќ за првпат се кандидираше за претседател на државата.

Огромен дел од неговата кампања беше базиран на тезата дека тој нема да дозволи „македонско сценарио“ во Србија и ќе го задржи нејзиниот територијален интегритет (што, претпоставувам, подразбираше дека Македонија ќе се распадне). Српските таблоиди на дневна основа ја черечеа Македонија.

Барем некој да им каже на оние што мислат дека ќе остварат бесплатен шопинг-излет до Белград, дека тој ден белградските дуќани нема да работат. Ама не им кажува

Треба ли да потсетиме дека оној крвав 27 април, во просториите на Собранието на Македонија, камерите жив го фатија српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ. Дека тие денови од Скопје беше повлечен целиот персонал на српската амбасада. Небаре се спрема војна. Веднаш потоа за амбасадор во Македонија беше именуван Раде Булатовиќ, некогашниот шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА или, да бидеме попрецизни, некогашната УДБА; денес на тоа место е Александар Вулин).

Не сакам да бидам злонамерен циник, ама како што мене ми личи, Македонија го задржа територијалниот интегритет, а не сум баш најсигурен колку и какви ингеренции има државата Србија врз Косово што уште го смета за свој интегративен дел.

Во тоа време, српските независни медиуми, оние ретките што не беа под капата на власта, споредувајќи ги режимите на Груевски и Вучиќ, пишуваа дека Вучиќ треба да гледа во Македонија како во кристална топка, како во нешто што ја предвидува неговата иднина.

Деновиве, Вучиќ вели дека добил известување од една „сестринска разузнавачка служба од една источна земја“ дека во Србија се подготвува „една од оние обоени револуции“.

Она што деновиве се случува во Белград, навистина потсетува на Шарената револуција во Скопје од пред неколку години. Мирни, достоинствени, граѓански протести за безбеден живот, слобода на говор и против насилство во јавниот дискурс.

Не знам дали таму ќе се случи „македонското сценарио“, но ако се случи, негов креатор ќе биде исклучиво Александар Вучиќ. За оние со помнење на златна рипка, да потсетиме, македонското сценарио изгледа вака: владејачката партија го губи парламентарното мнозинство и не сака да ја предаде власта. Претседателот на државата, надвор од сите уставни овластувања, одбива да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на мнозинството. Во меѓувреме, партијата што е дотогаш на власт организира континуирани протести и блокади, сѐ до оној 27 април, кога споменатиот Горан Живаљевиќ се наоѓа „на лице место“.

Да, ова сценарио во Србија може да го спроведе единствено Александар Вучиќ. Освен ако во меѓувреме не го спасат од тоа исто македонско сценарио македонските државјани што на 26 мај ќе го бранат во Белград.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија