Не со тие куршуми

Валкан и монструозно манипулативен е обидот на Никола Груевски вината за постапката на дедото на Тамара да ја префрли, како што рече, на „СДСМ, Зоран Заев, НВО, платените т.н. револуции, дел од новинарската фела и многу други нивни подржувачи“. Срамно е Груевски да пука со тие „куршуми“. Човекот кој пукал кон поранешниот министер за здравство има име и презиме, неговиот идентитет е познат за полицијата и јавноста, а неговата постапка целосно ОСУДЕНА од сите, без исклучок.

И покрај тоа, Груевски во овој чин препозна добар повод за да ги оживее неговите деструктивни политики, да ја стави постапката во голема заговорничка рамка, (овојпат без странски служби), а опасноста пред која бил Никола Тодоров да ја проектира како потенцијална закана врз целата партија. Маката на Тодоров тој бессрамно ја искористи за да се прошверцува низ случајот како голема потенцијална жртва, тврдејќи дека „и тој и неговото семејство подолг период се под јавна закана од повеќе страни, тргнувајќи од соопштенија на ОНА, па преку разни криминални и политичко новинарски структури кои објавувале статии како ги замислувале неговото убиство и погреб“.

Но, едно е дали некој во саркастична колумна замислил нечија политичка смрт (иако фазата на нашиот демократски развој не е зрела дури ни за сатира на таа тема), а сосема друго кога таа навистина ќе се случи – како физичка смрт.

Можеби токму бронзениот егзекутор кој е гордо извишен пред комплексот судови, го инспирарал дедото да си ја земе правдата во свои раце, како што тоа го правел Ќосето, заради што е оспоменичен и глорифициран од власта

Ние не замисливме дека Тамара починала. Таа навистина почина. Има лица со име и презиме кои ја пропуштија можноста согласно со надлежностите што ги имаат, да го спречат тоа. Можеби операцијата во странство ќе успееше, можеби не, но ниту Тамара, ниту нејзините родители не добија шанса да го дознаат тоа.

Веројатно, тоа е „барутот“ што ги наполнил куршумите на нејзиниот дедо, колку очаен, толку и целосно несвесен дека и Тодоров е исто така жртва на политиките на лидерот. Имено, буџетската вага на Груевски беше неспоредливо поиздашна за бетон, класицизам и мермер, отколку за здравствена каса, особено за случаи кои здравствено не можат да се третираат во земјата.

Груевски вели дека сѐ било со умисла, бидејќи дедото трагал по Тодоров до неговиот дом. Склона сум да верувам дека „умислата“, ако ја имало, му се родила токму додека „трагал“. Да останел пред зградата на Министерството, таму во кругот на руинираниот кличнички центар „Мајка Тереза“, кој сосема наликува на местото каде што светицата го помина животот – Калкута, можеби дедото и не ќе се решел на таков неодговорен чин. Можеби таа екстерна слика за хаосот во здравството ќе го уверела дека попусто се надевале и очекувале нешто од овој колабиран здравствен систем.

По 11 години неограничена власт, Груевски треба да разбере дека политичката одговорност е голема и носи ризици, доколку за животот на граѓаните се решава без легитимни и навремени одлуки туку со бирократски ескивирања, или динамити, шамари, клоци, ендеци

Сѐ си мислам дека гневот му растел како што поминувал покрај трумфални капии, класицистички згради, фонтани, луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ… Можеби сето тоа го споредил со супстандардот  на неговото семејство или на велешко Каласлари, каде што продал сѐ што имал за да го помогне лекувањето на Тамара.

Можеби и се прашувал дали копитото на Букефал смее да биде поскапо од шансата за чиј било, па и за живот на неговата внука. Којзнае какви се прашања му се вртеле низ главата, додека се кршел во себе, во своите болки и дилеми. Можеби сето тоа го поттикнало на крајот да ги примени методите на неговиот сограѓанин, Ќосето. Можеби токму бронзениот егзекутор кој е гордо извишен пред комплексот судови, го инспирарал дедото да си ја земе правдата во свои раце, како што тоа го правел Ќосето, заради што е оспоменичен и глорифициран од власта.

Можеби Груевски го „заборавил“ токму овој аспект… А не треба. Кај луѓе што го изгубиле најмилото, најчесто доминира чувството дека нема што повеќе да изгубат. Очајот и болката им го засенуваат умот и само дел од секунда решава дали ќе се изгубат и себе си и ќе уништат друг со непромислен потег. Овој човек ја изгубил внуката, неговата ќерка со години е без работа, исто како и неговиот зет, кој поради тоа морал парчето леб да го бара во странство. Дедото веројатно веќе бил уверен дека нема што да изгуби. 

По 11 години неограничена власт, Груевски треба да разбере дека политичката одговорност е голема и носи ризици, доколку за животот на граѓаните се решава без легитимни и навремени одлуки туку со бирократски ескивирања, или динамити, шамари, клоци, ендеци… Токму заради такви политики денес во многу семејства воопшто го нема она на буквата „М“.

Не, не мислам на најскапиот „мерцедес“ во Југоисточна Европа, оној со екрани на задните седишта, на кои децата на Груевски би можеле да гледаат филмови додека патуваат на одмор. Два такви екрани помалку, можеби ќе беа доволни за нечиј живот. Она „М“ што го нема во многу семејства – е душевен МИР.

За разлика од дедото на Тамара, и за среќа на општественото спокојство и надежите за правна држава, многу семејства успешно се борат со насобраниот гнев и со личните и семејни таги предизвикани од лоши политики, трпеливо чекајќи ја правната разрешница за нивните голготи

За разлика од дедото на Тамара, и за среќа на општественото спокојство и надежите за правна држава, многу семејства успешно се борат со насобраниот гнев и со личните и семејни таги предизвикани од лоши политики, трпеливо чекајќи ја правната разрешница за нивните голготи.

Но, Никола Груевски воопшто не треба да стравува за својата и за семејната безбедност. Нему сите му посакуваат да е жив и здрав. Колку неговите поддржувачи, уште повеќе оние кои сакаат да остане во добро здравје, за да може да се соочи со правна одговорност за осомничените девијантни политики, наместо да носи олеснителни лекарски потврди дека не е здрав.

А кога Никола Тодоров не би бил во улога на жртва на дедото на Тамара, ниту во улога на поранешен министер за здравство одговорен за случајот „Тамара“, туку би бил адвокат без конфликт на интереси во врска со овој случај, како добар правник мислам дека на суд би нашол многу олеснителни околности за постапката на дедото Љупчо.

Секако, казната за дедото ќе стигне, но и за одговорните за смртта на Тамара. Груевски може да се обидува да ги киднапира напорите за воведување неселективна правда и случајот со Тодоров да го искористи за „покривање“ на 27 април, но тој обид нема да успее.

Не е исклучено и дека во наредниот период можеме да бидеме сведоци на разни монтировки, чија цел ќе биде да ги искомпромитираат реформите во судството, односно да се прикаже дека на дело владее улична правда. Кон ова индицира и фактот дека довчерашното МВРО-ВМРО не откри кој поставил бомба во домот на родителите на Антонио Милошоски. А тој факт одекна многу погласно и од истрелите на дедото Љупчо.