Немаме План број 1

ВМРО-ДПМНЕ си формираше десет пратенички групи. Бидејќи Груевски јавно најави „завршување со конструктивноста“, овој чин никого не изненади. Иронијата е во тоа што работите не изгледаа подобро и кога ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ѝ  немаше речено збогум на „конструктивноста“: немаше пратеничка група, со денови ја влечкаше конститутивната седница на парламентот, ги измори граѓаните со реплики и контрареплики, за на 27-ми април да финишира со сценарио за најавената „ноќ на долгите ножеви“.

Накусо кажано, и кога е конструктивна, и кога е неконструктивна, активноста на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партијата се фокусира на едно те исто: стратегија на опструкции и блокади и постојано фрагментирање. Тоа што Деловникот ѝ овозможува да формира повеќе пратенички групи, не е олеснителна околност за јасната умисла со која оваа опозициска партија сака да ги делегитимира напорите на владата за почеток на реформи.

И кога е конструктивна, и кога е неконструктивна, активноста на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека партијата се фокусира на едно те исто: стратегија на опструкции и блокади и постојано фрагментирање

Не е проблем што во расправата за Зврлевски ќе потрошат најмалку десетина дена, а потоа и за сите други точки за кои ќе расправа парламентот. Проблем е што врвот на партијата и нејзиниот пратенички состав не рефлектира свест дека Македонија веќе изгуби премногу време и дека секој следен изгубен ден е како изгубена година.

Тоа покажува отсуство на свест и за геополитичките процеси, кои Македонија ги дочекува на „линијата на огнот“ разгорен во разни јавни и тајни стратегии, а прашање на ден е кога тој од хартија може да заискри на терен. Да се прави таков инфантилен перформанс во парламентот, во волнени времиња од секаков аспект, не е неконструктивност туку погубна политика која најпрво ќе се прекрши врз партијата, што е помалку важно, од аспект на последиците што ќе ги предизвика за државата, ако се блокира темпото на очекуваните процеси.

На крајот, најмалку е важно дали ќе се реализира владиниот План 3-6-9, ако Македонија не може да го реализира Планот број 1 – минимум консензус за нејзиниот развој и иднина. Ако земјата е антагонизирана и поделена по сите основи, таа состојба не може да ја залечи ни членство во ЕУ, ни членство во НАТО.

Без оглед што ни таму не цветаат рози, сепак, тие сѐ уште се клубови на зрели демократии и оние кои претендираат да бидат такви, а не за неконсолидирани системи, кои не можат да се изборат со внатрешните поддржувачи на моделот на илиберална демократија, затворена за какви било суштински промени и доволна самата себеси. 

Најмалку е важно дали ќе се реализира владиниот План 3-6-9, ако Македонија не може да го реализира Планот број 1 – минимум консензус за нејзиниот развој и иднина

Во таков систем ВМРО-ДПМНЕ може и на секои пет минути да прашува дали Бугарија ќе ни ги признае јазикот и идентитетот, но пред да се препушти на таква 24/7 популистичка естрадност, треба да одговори зошто таа внатре во земјата оспорува идентитети. Како другите ќе нѐ почитуваат ако самите не се почитуваме?

Ако има пари за бронза и мермер, а нема за лекторатите по македонски јазик. Ако кодификаторот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески го нарекуваат „џуџето од Небрегово“. Ако „единственото добро нешто што може да се каже за Коста Солев Рацин е дека умрел на време“. Ако Славко Јаневски го прогласуваат за „кодош“. Ако македонскиот народ е „каков-таков“, како што во една прилика го нарече Груевски. Ако културното богатство што сведочи за идентитетот е оставено да го „реставрираат“ дупнати олуци, влага и институционална негрижа. Ако врз најзначајните фрески расте мувла и лазат полжави. Ако не е битно во кое депо или гаража ќе бидат фрлени најзначајните дела на македонските сликари. Ако не е важно каде исчезнало дело на Петар Мазев, на Владимир Величковски…

Па каков идентитет чуваме и градиме ние? Кој може повеќе да нѐ понижи и оспори, отколку што можеме ние самите, однатре? Нас ниту еден сосед нема потреба да нѐ мрази или оспорува, бидејќи самите си го правиме тоа на максимален можен начин.

Во внатрешниот „дијалог“ кај нас тешко ќе се најдат пристојни зборови за опонентот, бидејќи кај нас опонент и не постои. Има само непријатели, шпиони, предавници, изроди, апатриди… Земјата која постојано ламентира дека некој сака да ја прекрсти, ниту еден ден не поминала без да сведочи за нечие прекрстување.

Повиците за рефасадирање на „Скопје 2014“ или за пресоблекување на одредени објекти, може да водат само кон нови антагонизми и губење време за јалови дебати. Таа приказна е завршена

Нема јавна личност, домашна и странска, што во јавниот дискурс не добила „привремена референца“ со малициозни и дискриминаторски синоними. ВМРО-ДПМНЕ отиде и чекор понатаму – го прекрсти и политичкиот опонент СДСМ во СДС. Со неверојатна леснотија е отсечена буквата во која наводно се колнат – М како „Македонија“ или можеби само М како „мерцедес“. Некој верува во едното, некој во другото. Изборот е слободен.

Но говорот не е. Заробен е од најтешките зборови во јазикот. Деновиве има и многу глаголење околу оние што молчат, а сепак најгласно зборуваат за мермерното крепење на идентитетот: спомениците.

Повиците за рефасадирање на „Скопје 2014“ или за пресоблекување на одредени објекти, може да водат само кон нови антагонизми и губење време за јалови дебати. Таа приказна е завршена. Му се допаѓало некому или не, но каква било интервенција во смисла на менување или дислоцирањето на нешто, е чин, кој без оглед на моралната исправност, ќе добие ефект на политичка пресметка и реваншизам, а жртва на сето тоа ќе биде и буџетот и нови поларизации.

Промените во едно општество подразбираат да не се однесуваш како оној што си го критикувал. Во спротивно, нема да има промени. „Скопје 2014“, за некого за среќа, за некого за жал, ќе мора да остане такво какво што е – контроверзна инсталација на отворен простор што ќе сведочи за затвореноста на едно општество во еден период, но и за ригидниот однос на власта кон ставот на експертската фела и на граѓаните, по прашањето каков сакаат да биде нивниот град.

Идните градежници и архитекти во „Скопје 2014“ секогаш ќе имаат учебник на отворено, од кој ќе учат како треба и како не треба. Па, ако треба да учиме од сопствените грешки, тие нека бидат пред нас. За да нѐ потсетат, и да не ни се повторат.