Ода на радоста

Сега сфаќам зошто „Одата на радоста“ е химна на Европа. Веднаш штом беше соопштено дека Советот на министрите на надворешни работи на земјите на Европската унија ѝ доделил датум на Македонија за преговори за влез во ЕУ (условен, датум во најава, датум без гаранции – викајте го како сакате), во земјата настана вистинска поплава од радост.

Подеднакво се радуваа и „евроинтегративците“, „соросоидите“ и „предавниците“, токму како што се радуваа и „патриотите“, „русофилите“ и „евроскептиците“. И сите се радуваа во ист фазон: „Нели ти реков“, само што тоа „Кога ти велев“, во зависност од позицијата од која настапува оној „што ни рекол“, добива сосема дијаметрални значења.

За првите станува збор за успех, најголем напредок на Македонија од нејзиното постоење како суверена држава до денес, додека за другите е исто така успех во докажувањето дека Европа е вавилонска курва, дека Македонија не е зрела за ЕУ и дека треба достоинствено да им кажеме „не“ и уште подостоинствено да го бојкотираме референдумот за името.

Добро, во земја која важи за светски шампион во производство на лажни вести не е многу необично и најобична реченица да се прочита во сосема спротивни значења. Та, нели живееме во времето на таканаречената пост-вистина кога ставовите се формираат врз база на емоции, а не на факти и на рационалност.

Oпштоевропскиот страв од миграцијата прошируван главно од европските популистички и десничарски партии, кај нас на некаков волшебен начин се претвора во двоен страв – и од мигрантите, но и од Европа

Оваа „пост-вистина“ особено можеше да се забележи по поканата за прием на земјата во НАТО, каде што, за разлика од поканата за пристапни преговори со ЕУ, и немаше многу простор за манипулација, па се прибегна кон она во што сме мајстори – производство на лажни вести. Па одеднаш се појавија повеќе локации за кампови, прифатни центри, населби, градови за мигрантите, кои „само што не стигнале“. И бадијала демантирања и кажувања дека станува збор за прифатен центар за бездомници во Визбегово и за нивна каква-таква социјализација.

Во ред, лажни вести постојат откога постојат медиумите, меѓутоа сега живееме во време на дигитализација на секое и сечие мислење и, да ми простите, тресење глупости, па со оглед на општиот пад на вредностите, голем дел од нив често влетуваат и во традиционалните медиуми. Конечно, полесно е да се измисли лажна, ама посакувана вест, отколку да се занимавате со професионално новинарство.

Од друга страна, општоевропскиот страв од миграцијата, која, патем речено, во последните година-две е занемарлива, прошируван главно од европските популистички и десничарски партии, кај нас на некаков волшебен начин се претвора во двоен страв – и од мигрантите, но и од Европа.

Демек, Европа ќе нѐ прими во своите редови, само за да ја претвори Македонија во еден џиновски бегалски камп (како божем да не може тоа да го направи и ако не сме дел од ЕУ). И потоа Македонија ќе се исламизира, ќе го изгуби идентитетот, ќе се асимилира итн. Ако, пак, не се исполни ова сценарио, тогаш Европа ќе пропадне од истите причини. Како и да завртиш, демек, не се исплаќа трудот и попуштањето пред Грција за влегување во нешто во кое ќе пропаднеме.

Од некои причини, сите овие катастрофични сценарија ме потсеќаат на капиталното дело на германскиот историчар и филозоф Освалд Спенглер – „Падот на Западот“ (Der Untergang des Abendlandes), објавено пред отприлика сто години. Тука Спенглер ја предвидува пропаста на „американско-европската“ цивилизација, фундирана на моќта на парите, новите медиуми (во тоа време печатените медиуми) и декадентната демократија. Овој период, според него, е интелектуално стерилен, политички фрагилен и остава без надеж милиони луѓе.

Според Спенглер, пропаста на Западот неминовно доведува до судир на цивилизациите, а со оглед на фактот дека западната е на заоѓање, таа неминовно го губи овој судир. Некои толкувачи на неговото дело, во овие тези го гледаат растењето на фашизмот како некаква контра тежа и како главна причина на овој судир.

Сведоци сме дека преку миграцијата, Европа го полага тестот на својот либерален проект – Европа без граници. Парадоксално е дека овој проект доживува фијаско токму кај земјите што најмногу се офајдија од него

Се чини дека еден век подоцна, овие тези повторно стануваат актуелни, од една страна со започнувањето на американско-европската трговска војна, а од друга со подемот на екстремно десните и популистичките движења, кои покажуваат отворена нетрпеливост кон инаквите култури. Преку миграцијата, сведоци сме, Европа го полага тестот на својот либерален проект – Европа без граници. Парадоксално е дека овој проект доживува фијаско токму кај земјите што најмногу се офајдија од него – Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, кои со жичани огради се бранат од „варварите“, а богами и од своите соседи.

Трагедијата на мигрантите, која Западот не ја разбира и не може да ја реши на вистински начин, го придвижија овој бран на отворени или прикриени расистички, националистички и ксенофобични движења. Тие, пак, преку медиумите (и новите и традиционалните) ја шират психозата дека мигрантите го загрозуваат нивниот начин на живот, дека актуелната криза е резултат на заговор меѓу космополитиски ориентираните елити и племенските маси кои сакаат да стасаат до богатиот Запад и да го уништат западниот начин на живот.

Има тука, сепак, нешто утешно за нас. И ние сме Европа. Барем во својата ксенофобија и во својот прикриен или отворен национализам и расизам.

Затоа нема потреба од страв од Европската унија. Треба сега да ја искористиме шансата. И ние што сме за модерна, космополитска, европска Македонија, а и оние што се за затворена, изолирана и „чиста“ Македонија. Европската унија им нуди на сите по нешто. Оттаму таа поплава од радост.